19 Април, 2024
0.0274

Политичките надмудрувања завршија - дојде време за работа и одговорност!

Објавено во: Колумни 04 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Кога бев студент на Правниот факултет во Скопје, на политиколошките студии, професорот на катедрата за економски предмети  Ванчо Узунов, на предавањата по економска политика, често пати знаеше да ни прави образовно-социјални експерименти. По лекцијата „Што претставува Владата“  како највисок извршен орган во една државна управа, и која е нејзината улога во економијата на една земја, помнам на почетокот од часот ни го постави прашањето: „колеги која е вашата прва асоцијација за терминот Влада“?!

-Како од пушка, ние дваесетгодишни студенти, пола на шала, пола на вистина дофрлувавме: крадци, криминалци, измамници, лопови, тие што не доведоа до питачки стап и слични „досетки“, кои искрено ја покажуваа нашата прва перцепција за најважниот орган и сегмент од управувањето со  една државна заедница. Узунов се насмеа, и само кажа: вие сте ми десеттата група денеска, на правни и политички студии, на кои им го поставувам истово прашање, и ниту еден не го кажа одговорот кој требаше да го каже: ОДГОВОРНОСТ! Сите занемевме.

Неподносливата леснотија на една асоцијација!

Можеби овој социјален трик, направен од еден универзитетски професор кон своите студенти, ја открива суштински целата наша трагедија и жалност како општество и држава. Нашите мозоци, согласно времето и просторот во кое живееме овие триесетина години, ѓоамити повеќепартиска демократија и слобода од комунистичкиот режим, се насочени кои тие зборови кои го означуваат тоа, да ни бидат асоцијација за нашите власти, оние на кои сме им го пренеле нашиот легитимитет, да управуваат со државниот суверенитет. Дали можете да замислите, доколку истиов експеримент биде направен во една Норвешка, или пак една Швајцарија, дали би биле истите одговори?

Новоформираната влада, предводена од старо-новиот премиер и лидер на владејачката СДСМ, Зоран Заев пред себе има една историска одговорност: во времето во кое ќе управува со државниот апарат, ќе бидат започнати преговорите со Европската Унија, а тие преговори се водат за да се трансформира едно општество, за да стане исти или слично  по начинот на уредување и функционирање како тие западните-репер за функционални, институционално уредени, и држави на благостостојба. Дури и еден суетен политичар (не суетниот новинар), како што е Бранко Црвенковски во неговото Бранкојавление, во писмото до јавноста пред референдумското изјаснување за новото предложено име Северна Македонија, на референдумот на 30 септември, наведе неколку причини зошто го поддржува Договорот од Нивици, и меѓу другото напиша дека „ овие триесет години, покажавме дека не можеме, не знаеме, и не сме внатрешно капацитетни, да ги направиме и реализираме толку потребните реформи, за Македонија да ја направиме достоинствено место за живеење“. Го парафразирам, но и се согласувам за него, за кое и тој како „политичар од кариера“, сноси огромна одговорност зошто е тоа така. И сите после него, многу повеќе или помалку.

Последниот тест на историјата.

 Владата на Заев ќе биде исправена пред тестот на историјата-последната шанса која и се нуди на оваа држава да се промени внатрешно, сама од себе со сопствените сили, но под рефлекторите и будното око на Брисел. Да го смени менталитетот на битисување, функционирање и постоење, почнувајќи од судско-обвинителскиот систем, до начинот на функционирање на јавната администрација, политичката култура во политичката арена, односот кон  корупцијата, т.е создавање на општество во кое ќе биде морално срамно и казниво да си корумпиран, а не да си репер „ дека си се снашол“, па уште другите да ти завидуваат, или „заблазеваат“, што би рекла баба ми по струмички. Оти, белата пандемија ( белата чума), за разлика од оваа Ковид-19, која ја зафати Македонија во последните 15-20 години, со неговата милост-бугарскиот пасош, и понатаму ќе коси, и илјадници млади на Запад ќе ги носи, дури е многу пострашна.  Тоа е историскиот пораз и национална катастрофа, која ќе ни се случи, и веќе ни се случува, и тука сите наши општествени капацитети и енергија мораме што поскоро да ги насочиме, за колку толку тоа да го санираме.

За да ја сфатиме трагедијата на нашето денешно битисување и општествено живеење, Марта од Битола на твитер ни порача „Луѓето се до тој степен разочарани да-пре би пржеле компири во МекДоналдс во Германија, отколку тука да трпат полуписмен партиски полтрон да им е шеф цел живот, да им врши мобинг и да ги гази“. Во овој цитат е собрана и впишана целата македонска трагедија, македонскиот холокауст на 21-век, кој не  „клетите Турци, не Бугарите-татари, и не Циганите од југ“, како што во нашиот мемориски код поимаме дека се тие виновни за нашите национални катастрофи во 20-тиот век, туку нашите Влади во овие триесет години го предизвикаа. Тие за кои професорот Узунов, требаше преку лекцијата да не научи дека се синоним за ОДГОВОРНОСТ. Лекцијата се уште не е научена, ниту од наша, уште помалку од нивна страна.

Благојче Атанасовски-политиколог


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок