29 Април, 2024
0.0243

Политика на отворени врати

Објавено во: Колумни 25 Април, 2014

Добивај вести на Viber

Доколку сте вработени во некоја компанија во земјава, сигурно барем еднаш сте си поставиле некое од овие прашања: како да влезам кај менаџерот да го прашам нешто? Мислам дека имам добра идеа, како да ја пренесам? Дали да му пишам мeил, дали да закажам состанок преку секретарката,  или да му се јавам? Да не му сметам, знам дека е зафатен многу. Дали воопшто ќе ме прими и сослуша? Да не си го загрозам работното место, подобро ќе си терам како и досега.

Ова се случува често во нашата пракса, пред се поради организациската структура на нашите компании и ригидната корпорациска култура. Базирани на теориите на традиционалниот менаџмент, најчесто нашите средни и големи компании имаат класична пирамидална структура, со еднонасочен ланец на команда, каде наредбите се донесуваат исклучиво од врвот, а се спроведуваат надолу – од пониските ешалони. Многу ми е интересно што честопати и самите згради во кои се сместени компаниите ја отсликуваат хиерархиската структура на истите. Канцелариите најдоле се тесни, неуредни, работниците фрустрирани и нервозни бидејќи мислат дека се најмалку платени а највеќе работат. Како одите по спратовите нагоре, чувствувате како буквално да се качувате по хиерархиската скала. Станува се подобро и подобро, се е поуредно и поорганизирано. А најгоре ве пречекува канцеларијата на менаџерот од 200 метри квадратни со феноменален поглед на градот, со мебел што мириса на ново, и опрема од која глава боли - за која се прашувате дали и воопшто се користи. Менаџерот е секогаш презафатен, нон-стоп на состаноци, деловни ручеци, бордови, надзорни одбори, комори, службени патувања.. Кога ќе помине во ходник сите се стаписуваат како замрзнати, а кога ќе ве сретне во лифт по секоја цена избегнувате да ви се сретнат погледите, па ви останува само да зјапате во земја. Ако ви се обрати, гарант нема да ви го погоди името, па затоа и нема да ве именува туку ќе ве праша нешто во стилот: „Како е?“ или „Како иде?“. За жал, тоа е реалноста на илијадници вработени кај нас. Во една таква корпоративна култура, не е можно креативно размислување, иновации и идеи кои ќе се генерираат од секој поединец без разлика на неговата титула во фирмата. Во светот веќе одамна постои нешто што се нарекува „open door policy“. Тоа означува делова култура во компанијата во која му е дозволено на секој вработен во било кој момент да може да дојде кај менаџерите,  да комуницира идеја, да даде предлог, жалба,  да праша се што го интересира. Компаниите кои имаат ваков принцип на работа, најчесто се сместени во објекти на едно ниво (еден спрат) и вратите меѓу канцелариите (вклучително и на директорите) постојано се отворени. Компанијата Zappos, отишла и чекор понатаму па спроведува т.н “no door policy”, па воопшто и немаат врати во целата компанија. Менаџментот на компанијата секако е одговорен да го планира бизнисот, да ја организира и координира работата, да ги мотивира вработените и да го контролира целиот процес. Но тоа не значи дека менаџерот е тој што треба да знае се за бизнисот или дека сите предлози за унапредување на работата треба тој да ги дава. Затоа ве има вас како вработени, за да му укажете како може да се подобри продуктивноста на некои процеси. Вие ги имате информациите од прва рака, вие најдобро знаете како може да се зголеми ефикасноста на вашата работа, вие сте тие што треба да ја понесат иницијативата за промена. Доколку имате било каква идеја, предлог или информација што мислите дека може да биде од интерес за компанијата, не чекајте ни минута. Веднаш пренесете ја кај менаџерите. Влезете кај нив во канцеларија, јавете се, пишете е-меил, сеедно. Можеби идејата ќе ви биде прифатена, можеби не, но сигурно некоја друга ваша идеја во иднина ќе биде прифатена. Затоа не престанувајте со инцијативноста. Ниту еден менаџер нема да одбие добар предлог или идеја, а нема ни да ви замери за “лоша“ идеја. Доколку некоја ваша информација може да го унапреди бизнисот, сигурно ќе биде детално разгледана и вие ќе бидете наградени за тоа. На крајот на денот и функцијата и платата на менаџерот зависат од успешноста на бизнисот. Затоа и менаџерот е секогаш заинтересиран за подобрување на ефикасноста и ефективноста на работата. Доколу не е така, тогаш таа компанија не е за вас. Секој менаџер ги сака само-иницијативните работници. Иницијативноста и креативното размислување ја прават разликата меѓу добар работник и одличен работник. Овие вторите напредуваат, а првите остануваат фрустирани. Какви сте вие? Ненад Ристовски      

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД