18 Април, 2024
0.0256

Политиката е уметност на невозможното

Објавено во: Колумни 04 Јуни, 2021

Добивај вести на Viber

Веројатно сте ја слушнале изреката „Политиката е уметност на можното“!? Да, тоа е славната сентенца на исто толку славниот Ото фон Бизмарк (1815 – 1898), татко на обединета Германија, прв нејзин канцелар и ненадминат мајстор и на политиката и на геополитиката. Впрочем, тој е првиот кој доследно го применува политичкиот концепт „Realpolitik“, разработен од неговиот сонародник Лудвиг ван Рохау, во книгата Grundsätze der Realpolitik angewendet auf die staatlichen Zustände Deutschlands (Основни принципи на реалполитик применети на националните работи на Германија). Реалполитик, едноставно кажано е политичка теорија и практика која заговара политика ослободена од секакви идеолошки, а особено од секакви морални или вредносни основи, политика која се раководи исклучиво од дадените историски, општествени, политички и актуелни состојби на теренот. Овој принцип го инспирирало Ото фон Бизмарк да ја изговори таа славна реченица дека политиката е уметност (умешност) на можното.

Но, како што често до нас стигнуваат само половични, делумно неточни или информации кои нам ни одговараат, така е и со оваа изрека. Целосната нејзина верзија е, всушност следнава: „Политиката е уметност на можното, на достижното – уметност на следното најдобро.“ Што суштински менува во значењето оваа целосна варијанта? Менува многу. Ја открива суштинската невозможност, или недоследност на реалполитиката и на секој прагматизам воопшо како философска позиција на која реалполитиката се темели. Впрочем, често реалполитиката се нарекува и политички прагматизам. И како и секој прагматизам, така и политичкиот прагматизам, може да биде само форма, само средство, никако содржина. Тоа се гледа од дејствувањето на самиот Бизмарк: ја обединува и стабилизира Германија, успева долго да го одржи регионалниот мир и да балансира помеѓу моќните европски сили и да ја создаде можеби првата „welfarestate“ во модерна смисла.

Гледаме, „обединувањето“, „мирот“, „општеството на благосостојба“... сето тоа се сепак „идеи“ на кои се темели владеењето. Реалполитиката, како и прагматизмот, се само средства со кои се остваруваат тие идеи. Значи, реалполитиката, сама по себе и не е политика. Тоа е само техника. После Бизмарк, европската политика како да го заборавила тоа. Или како да ја сфатила реалполитиката во највулгарна, најбанална смисла.

Имајќи го на ум токму ова присуство на некои „позадински“ идеи зад секоја реалполитика, може да се видоизмени Бизмарковата изрека, поточно да се прецизира, или да се осветли нејзината вистинска смисла – „политиката е умешност на можното, но токму заради стремежнот кон невозможното.“ Да се оствари можното е можно, само заради стремежот кон невозможното. Впрочем, можното се остварува токму заради невозможното. Политиката во својата последна инстанца е стремеж кон невозможното. Само заради тоа невозможно и можното единствено е и можно! Денешната политика, воопшто, а особено во вакви мали, несуверени нации, одамна престана да биде политика на невозможното, политика на идеја и идеал! Денешната политика го изгуби утопискиот елемент. А политиката без утопиското во неа, не е политика, ами форма, техника на угнетување. Всушност, политиката во својата есенција е утописка.

Дали таа утописка визија, дали тоа барање на невозможното умре со славната генерација од 1968 година!? Се сеќавате на мотото на таа, можеби последна утописка европска генерација: „Да бидеме реални, да го бараме невозможното“! И после дојде Реган, дојде Тачер... и триумфираше целосно неолибералната прагма и државата на благосостојба умре и конечно и невозможното умре. Единствено можно стана можното! Она што го гледаме, она што мора. И денеска ја живееме оваа доба на „смртта на утопизмот“, денеска сите политички идеали и визии се мртви. Заради ова мртвило на политичкото, целата европска политика денес смрди на леш. Ниту една нова идеја, ниту една храбра визија, ниту малку витештво и одважност. Ништо ново на хоризонтот! Заради оваа смрт на утопизмот, Фукујама се осмели да создаде таква ноторна глупост за „крај на историјата“. Да, можеби е многу веројатно дека без утопиското во себе, политиката ќе го умре и историското. Дали после убиството на Бога (Ниче), човештвото го уби и политичкото и историското?

Затоа, не смееме да заборавиме дека политиката е можна само како утопија, како постојано трансцендирање, надминување на актуелниот поредок, но воедно и постојана критика на тој поредок. Политиката не е веќе одреден, дефиниран и пронајден топос, не е веќе завршен проект каде сè е веќе остварено или пак скоро на дофат, каде либералниот поредок, капитализмот и технологијата ни донеле сè или само што не ни го донеле тоа сè, како што го сведочиме денеска со актуелниот неолиберален поредок. Останувајќи на политиката како уметност на можното, ја сместуваме и историјата и политиката во целосна иманенција и у-топос-от се чини веќе остварен, реализиран, што е сигурен знак или дека стоиме во место или дека сме на пат кон тоталитаризам. Политичкото би значело, како и утопиското мислење воопшто, постојан стремеж, постојано трансцендирање на постојното и мислење на идното. Само така се создава политичка иднина и тенденција кон невозможното. Само така политиката е можна, само така и можното е можно! Дали сето ова е лесно, дали е еднозначно, дали е сосема извесно? Се разбира дека не е, се разбира дека е тешко, нејасно и неизвесно. Но затоа е и посакувано! Политиката е уметност на невозможното – не го заборавајте тоа! Да го посакуваме невозможното!

Трајче Стојанов

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок