20 Декември, 2025
0.0590

“Полна уста”  ветувања за студентите, реална идеја или кампања за изборни цели?!

Објавено во: Економија 15 Февруари, 2016 08:27

Добивај вести на Viber

Седумте  нови проекти за младите кои ги најави  претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во неговото обраќање пред членовите на Унијата на млади сили на својата партија,  според Студентскиот пленум е уште едно предизборно ветување. Добро е велат младите лица да бидат таргет група за која секогаш ќе има нови идеи и проекти кои ќе го подобрат студентскиот стандард и условите за студирање, но за нив е симптоматично што вакви ветувања доаѓаат во предизборен период кога и неможат да се гледаат на друг начин освен како предизборно ветување кое допрва ќе треба да се реализира и да се видат крајните ефекти. „Како и на повеќе наврати во последниов период, повторно сме сведоци на уште владина мерка, односно подобро речено предизборно ветување за студентите. Најавената реформа вели дека ќе има намалување на партиципацијата на студентите кои се во приватна квота (со кофинансирање) доколку имаат просек на оцени над 8.5. За нас, потребно е Владата најпрвин да одговори како планира оваа мерка да се имплементира и какви ќе бидат финансиските импликации врз буџетот на државата и универзитетите? Во суштина, добро е што се става фокусот на младите, односно студентите, но лошо е што вака најавувани мерките во периодот наназад, изгледаат како кампања за изборни цели”-вели Демијан Хаџи-Ангелковски од Студентскиот пленум. Според него добро е што студентите со висок просек ќе можат да ги намалат средствата кои ги плаќаат, но на високото образование му се потребни системски и темелни промени, а не брзоплети решенија какви што досега беа спроведени преку реформите во високото образование. Студентите од пленумот бараат одговори за прашањата кои изминатиов период тие јавно ги поставија до надлежните околу потребата за формирање на новите универзитети како и сеуште нејасниот став за тоа кој дал зелено светло за двете барокни факултетски згради кои треба да никнат во дворот на УКИМ. “Како и сѐ друго што се прави од страна на власта, прво се поднесува предлог закон, па потоа се водат дебати, наместо обратно. Овој пат, како и претходните, за овие универзитети не бевме прашани ние како студенти, кои се нашите ставови и мислења. Тоа што ние го дознавме од јавната дебата која неодамна  ја организиравме е дека анализа за универзитетот “Дамјан Груев” постоела, но никој се уште ја нема ниту видено, нити прочитано.Студентскиот пленум црвсто ќе стои на својот став дека е против основањето на овој универзитет, се додека не видиме детална и експертска анализа за неговата реална потреба за нашата држава”-додава Хаџи-Ангелковски. Студентите бараат поголема вклученост на студентската  и академската заедница во одлуките кои директно ги  засегаат, па оттука очекуваат да им се овозможи присуство на собраниската  Комисија за образование  каде што  сакаат да ги изнесат  своите  аргументи и како што велат барем еднаш да бидат  слушнат и нивните конструктивни предлози и идеи. “Скоро сите одлуки, реформи и закони донесени за високото образование се по брза постапка, со многу малку дискусија. Во најмала рака, посетеноста на јавната дебата ни укажува на фактот дека студентите се гладни за дебата, за дискусија, за аргументирање и анализа.Доколку сакаме да спроведуваме одржливи политики во високото образование, мораме да ги имаме овие елементи. Не смееме да дозволиме еднонасочни и кусогледи решенија да поминуваат по брза постапка.Се чини дека партиски и коалициските компензации се приоритет, а не доброто на студентите, односно иднината на државата”- нагласува студентот. Студентите реагираат поради како што велат константниот игнорантски однос на надлежните и брзите законски решенија  без консултација со сите засегнати страни. Па така иако на крајот од минатата година беше донесена одлука  изградбата  на двете нови факултетски згради во универзитетскиот кампус на УКИМ, ректорот Велимир Стојковски сеуште не ја закажал седницата. Тој на последната редовна седница  на членовите на највисокото универзитетско тело  најави дека ќе го одреди датумот, но терминот  сеуште останува неизвесен. Професорите и студентите  побараа  транспарентност на целиот процес но и одговор на прашањата кој ги исече дрвјата, зошто беше повикана специјална полиција и да се откријат повеќе детали околу градежните работи. Во меѓувреме градежните работи на УКИМ продолжија со уште позасилено темпо. Поради овие причини  студентите гледаат  со недоверба  на  ветувањата. “Од Ректоратот немаме добиено ништо како одговор или став веќе подолг период. Се чини дека тоа што го говориме овој пат не им чини, па не сакаат да не слушаат. Ние младите  сакаме демократија. Вистинска демократија. Тоа им пречи на властите и затоа нѐ игнорираат. Властите се почесто докажуваат дека ако проблемот се “турне под чергата”, наеднаш проблемот ќе го снема. Ќе кажеме повторно, сакаме дискусија, сакаме дебата. Тоа е единствениот начин да создадеме вистински интегриран систем, каде сите ќе добијат, а никој нема да изгуби.Нашата главна задача е да ги посочуваме сите проблеми и да изнаоѓаме решенија за истите.Борбата на студентите започна лани и ќе продолжи уште долго.”-порачуваат  од Студентскиот пленум. Во изминатите два месеца претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски промовираше вкупно 27 проекти за младитеа. Претходно, тој  им вети бесплатен железнички викенд за млади до 27 години, бесплатна обука за основни компјутерски вештини и странски јазици за млади до 29 години, изградба на перални и сушални во студентските домови, како и фитнес зони во градовите и нови читални. С.Б.

Можеби ќе ве интересира

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба