29 Март, 2024
0.0256

Попис за отпис од Македонија!

Објавено во: Колумни 22 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Студент од прва година, на секој Правен факултет, учи и знае дека за да биде прогласена една заедница за држава, се потребни три работи: територија, население и власт ( институции на системот). Веројатно, ние не сме држава, бидејќи не ги исполнуваме сите три критериуми, особено, третата, најважната. Како може да се протолкува изјавата на поранешниот висок државен функционер ( екс министерот за образование Арбр Адеми), од редовите на Демократската унија за интеграција, дека доколку пописот на пролет, покаже дека „Албанците се под 20%, тој и  неговата партија, нема да го признаат“? Зошто, воопшто ние се мачиме, и се обидуваме да се убедуваме себе си и светот дека сме држава, и тоа, ни повеќе ни помалку, која претендира да стане дел од големото европско семејство? Каква е тогаш таа држава? Има ли релевантни институции, кои ја гарантираат државотворноста, има ли државотворен капацитетен систем на самоодржливост, и има ли независни институции на системот, кои ќе функционираат, без разлика кој тоа ја пополнува (упражнува) власта?

Последната изјава, на овој висок партиски ДУИ-ски функционер, ја разобличува целата институционална фарса, во која како во Потемкиново село ние живееме, без малку во изминатите триесет години. Особено во овие дваесет, во кои ДУИ е незаобиколен и главен фактор за се и секој во државава. ДУИ е државата, и е над државата. Многу е едноставно, или ДУИ или државата, а едно со друго не идат. Жално е што мора да констатираме, но ноторен факт е, дека ДУИ најмногу ( не дека другите партиско- политички елити не), ја приватизираше и ја феудализираше Македонија , која настана, за волја на вистината, како лична волја на другарот Тито. И додека тој ја управуваше ( 1945-1980), истата го доживеа својот најголем цивилизациски и културолошки напредок, својата еманципација во тоа што значи етаблирање на една држава прво во рамките на федерацијата во која егзистирала, па потоа и на светското поле, преку сите свои атрибути на државност. Се потоа е ветер и магла, пепел и прав. Ова ви го говори, еден изјавен и ревносен антикомунист. Но како што се рекло „ пред фактите, и боговите молчат“. Пописот е, и треба(ше), да биде навидум професионална статистичка операција, која ќе овозможи скен и скрининг на целокупното македонско општество, негова ренген снимка, за да се проектира идниот развој на државата, бидејќи мора  прецизно да располагате со демографски, социолошки, економско-образовни, миграциони, регионални и секаков друг вид на податоци. Но кај нас, единствен битен податок при попишувањето на населението е рамката на етничката припадност. Така е во Либан, во Босна и Херцеговина, во некои африкански полудржави. Таква сме и ние, колку и да сакаме да се (само)залажуваме дека сме претендент за ЕУ. Вина сносат сите политички елити, кои дозволуваа ова да се протнува низ изминатите три децении. Најавата на опозицијата за бојкотирање на претстојниот попис, не е за коментирање, бидејќи е толку антидржавничка, што се мери со антидржавништвото на ДУИ.

 Вистина, за да се спроведе таква операција, мора да има консензус од сите релевантни политички чинители во општеството и на македонската политичка сцена, но што до сега, правеа нашите „политички елити“, во изминатите три десетилетија, освен селско-паланечки обвинувања како раскарани тетки на сред село, кој повеќе украл, кој повеќе ја упропастил иднината, сегашноста и минатото на македонските граѓани, кој повеќе направил за Македонија? Никаков минимален  договор, за тоа што значи функционирање и управување со една држава, никаква пристојност во водењето на истата, никаква свест за тоа што значи да си политичка власт (елита), во една држава. Резултатите се тие, и не треба да не изненадуваат. После три децении, Македонија е на прагот, да спроведе уште еден (не)успешен попис, во кој нема да учествуваат сите политички/ општествени чинители, бидејќи секој крчмар, влегува со својата сметка. Пописот не е желботека. Тој е, или треба да биде најнормална статистичка операција, но не во оваа и ваква земја. Тука е прашање на живот или смрт, прашање на загарантирани етнички права (читај: вработувања и привилегии), мерење на етночко его, суета, национална нарцисоидност, или во превод мерење на балканската примитивност и просташтво. Македонија ризикува, да добие уште еден пропаднат попис, во кој ќе се потрошат милиони евра ( како во веќе далечната 2011-та година), а нема да добие релевантна пописна скица, која ќе и биде неопходна да го планира каков-таквиот свој пред се, економски развој и стратегија. И кој тогаш, пак ќе сноси вина? Се разбира никој! Ќе падне тој товар пак на грбот на напатените граѓани/ даночни обврзници, на кои ќе им се потрошат нови милиони евра, за да се задоволи ( крвавиот) пир на несозреаната политичка каста, која живее во својот олигархиско-елитен свет на општествено аутистични, кои немаат никаква допирна точка со маката и проблемите на обичниот граѓанин, со кои  се соочува секојдневно. Истиот тој, кој како најголема последна будала пак ги гласа и ги релегитимира од избори до некои наредни избори! И се така, до недоглед! 

Благојче Атанасовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?