14 Мај, 2024
0.0221

Поплава на хуманост и добри дела!

Објавено во: Колумни 19 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Ал Џезеира Балкан објави мапа на поплавите. Објави мапа на катастрофата, на водената катаклизма која ги зафати Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Онаму каде што до пред неколку дена географската карта беше кафеава и зелена, сега е сина. Онаму каде што до пред неколку дена имаше планини и низини, сега има езеро или море. Има водена површина која никој не ја посакуваше. Водената стихија однесе буквално се пред себе. Згради, мостови, училишта. За жал, со себе однесе и човечки животи. Оние кои во првиот момент го спасија голиот живот, се соочија со економски колапс. Нивните живеалишта под налетот на разбеснетата природа се рушеа како кула од карти. А кој воопшто може да мисли на имотот, кога секоја секунда е драгоцена за да се спаси човечки живот. Својот живот, животот на своите најблиски, животот на непознатиот кој моли за помош пред налетот на стихијата. Водената катаклизма сеуште трае. Реката Сава се заканува да уништи се пред себе. Насипите попуштаат, градските улици се претворени во реки, чамците станаа основно превозно средство. Од немајкаде. Од мака. До кога ќе трае овој кошмар? Стручњаците даваат свои прогнози, но под налетот на стихијата ретко кој се осврнува на прогнозите. Сите се надеваат дека најлошото поминало, дека од утре животот ќе почне да се враќа во нормала. А водената стихија не е единствениот проблем. Проблем е недостатокот на основните животни намирници. Проблем е прекинот во напојувањето со електрична енергија. Проблем се можните заразни болести, односно епидемии кои можат да се појават како резултат на невозможните услови за живот што ги наметна разбеснетата природа. Па сепак, тие луѓе не се оставени сами. Регионот, кој знае по кој пат, на дело ја покажа својата хуманост. Од Вардар до Триглав луѓето буквално одвоија од своите усти и од устите на своите деца, за да им помогнат на оние на кои таа помош им е најпотребна во моментов. Облека, обувки, постелнина, вода, хигиенски средства – што уште не. Нашата земја беше меѓу првите која понуди и пружи помош на настраданите земји во регионот. Плоштадите во Скопје и другите места беа претесни за да ги примат сите оние кои се одзваа на повикот за давање на хуманитарна помош. Огромна улога за успешно организираната акција имаа медиумите, како и мобилните оператори со чија помош граѓаните можеа да донираат парични средства. Поплавата сеуште трае. Последиците ќе бидат далекусежни. Но, покрај поплавата од вода, деновиве сме сведоци на уште една поплава. Поплава од хуманост, поплава од солидарност, поплава од добри дела. Човекот уште еднаш (ќе) ја победи природата. Тоа е единствениот можен исход што може да се очекува на овие наши простори, без оглед кој е противникот, колку е моќен и какви разурнувања може да направи. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка