Добивај вести на Viber
17 лица се приведени, по три лица се трага, а две се веќе на издржување затворска казна. Ова е епилогот од акцијата „Шпион“ , во која осомничените се товарат дека им оддавале класифицирани документи, државни тајни и други информации на странските безбедносни служби.
Освен кривичното дело шпионажа, портпаролот на МВР Иво Котевски додава дека уапсените се товарат и за кривични дела уцена и измама.
„Освен оддавањето на овие класифицирани информации, лицата имале контакти и со поранешни високи функционери, односно политичари од врвот, така што им оддавале информации коишто се однесувале на општата безбедносна, но и политичка состојба во Република Македонија“, вели Котевски.
Полицијата при претресот пронашла голем број компјутери, лап-топи, досиеја, 32 мобилни телефони, мемориски картички, 16 парчиња огнено оружје, УСБ-стикови. Меѓу притворените, двајца се вработени во Агенцијата за разузнавање, двајца во Управата за безбдност и контраразузнавање, четворица се поранешни вработени во МВР. Има и двајца сегашни и еден поранешен вработен во Министерството за одбрана, по еден вработен во Собранието и Државниот архив, поранешен директор на Управата за перење пари и тројца вработени во приватни фирми.
Иако засега нема потврда за нивниот идентитет,
медиумите веќе објавија дека меѓу уапсените се шефот на кабинетот на Трајко Вељановски, Марјан Маџовски, генералот Горан Стојков, екс-разузнавачот Александар Диневски, Ване Цветанов, режисерот Борис Дамовски- авторот на анимираниот сатиричен филм „Еднооки“.
Како што изјави Котевски, ова е прва ваква акција за случај на шпионажа, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот. Според Кривичниот законик, за вакво дело се лежи во затвор од една до 10 години.
Полицијата во меѓувреме го објави и видеото од акцијата.