06 Декември, 2025
0.0660

Последниот јелцинов мохиканец – путиновиот творец

Објавено во: Колумни 07 Декември, 2020 10:07

Добивај вести на Viber

Неделава што измина во Москва се случија работа која ќе ја благословуваат мнозинство Руси. Најмногу обичниот народ, оној кој беше жртва на приватизацијата во земјата во почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Претседателот Владимир Путин го смени од раководна функција во компанијата „Роснано“, Анатолиј Чубаис и го назначи за специјален претставник на претседателот за врски со меѓународни организации за постигнување стабилен развој. Чубаис ќе се грижи за врските со организациите кои се дел од Обединетите ситуации. Тој нема да биде државен службеник, ниту ќе биде дел од претседателовата администрација.

Заминувањето на Чубаис од „државна цицка“ на некоја друга, освен за мнозинството Руси, како да е олеснување и за Путин. Претседателот ден пред смената на Чубаис ја навести, без да му го спомене името. Друг човек кому Путин, ни кога е на само, не сака да му го спомене името е Алексеј Наваљни. Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ, се обиде да го оправда Путин за неспомнувањето на името на Чубаис при претставувањето на новиот прв човек на „Роснано“, но некако неубедително. Демек Путин зборувал за фирмата, а не споменувал имиња и на тоа не треба да се обраќа внимание. Освен тоа, според Песков, тоа не значи дека не одржувале контакти по телефон, додавајќи дека смената на Чубаис била прашање на ротација.

Првата реакција надвор од Русија дојде од ОН. Стефан Дјужарик, официјалниот претставник на генералниот секретар на ОН, изјави дека „Секретаријатот на ОН со нетрпение ја очекува соработката со Анатолија Чубаис, специјалниот претставник на рускиот претседател за врски со меѓународните организации“.

 Анатолиј Чубаис беше еден од главните раководители во државата, дали на функција или од сенка или како висок државен менаџер. Кариерата ја започна во деведесеттите години во тогашен Ленинград, денес Санкт Петербург, прво во извршната власт на градот, а потоа како главен економски советник на градоначалникот на Ленинград, демократот Анатолиј Собчак. Деновиве медиумите во Русија ги отвораат архивите и се навраќаат на минатото на Чубаис. Моето искуство во тие години, како дописник  од Москва е двозначно. Од една страна Чубаис како претставник на млади либерали, а од друга страна либерал со болшевички манири. Го крадеа народот при очи. Ние кај нас зборуваме за крадењето при нашата приватизација. Но Русија покажа дека и при приватизација со ваучери, кражбите се неизбежни. Луѓето ги продаваа ваучерите за десет рубљи, за шише вотка, кои не вредеа ништо, а директорите на компаниите или поснаодливи и претприемачки настроени поединци, ги купуваа или ги принудуваа вработените да им ги „откупат“.

БАНДИТСКИ КОМУНИЗАМ ИЛИ БАНДИТСКИ КАПИТАЛИЗАМ?

Чубаис беше главниот приватизатор. Во Москва дојде благодарение на познанството со Јегор Гајдар, младиот и амбициозен реформатор, а подоцна и претседател на владата. Идејата за ваучерна приватизација беше на Чубаис. Основа цел беше да се создаде слој претприемачи кои ќе ги водат компаниите и ќе ја помогнат економијата која беше во распад. Русија  тогаш беше должна до  гуша, а цената на нафтата многу ниска.  Чубаис го критикуваа дека „црвените директори“ и нивни луѓе ги купуваат претпријатијата. Што не беше далеку од вистината. Изборот беше меѓу „бандитски комунизам или бандитски капитализам“, изјавуваше подоцна Чубаис. „Приватизацијата во Русија до 1997 година воопшто не беше економски процес. Таа ја решаваше главната задача- да се сопре комунизмот“, е изјава на Чубаис. Се разбира бандитството беше проследено со ликвидации, со атентати, убиства, до ден денес неразјаснети и дела за кои до ден денес има истраги и се отвораат судски процеси .

Чубаис во тие години беше и прв вицепремиер, прв човек на финансиско-економскиот блок во владата. Подоцна и прв човек на Федералната комисија за хартии од вредност и фондовиот пазар. Одеше низ земјата да смирува рударски штрајкови. Да ги повикува на разговор рударите од окната во кои се симнува и самиот. Само за да се спречи штрајк. Во владата доаѓа и до судири со други амбициозни нејзини членови што резултира со негова смена во 1996 година. Истата година Борис Елцин признава дека згрешил со смената на Чубаис, па го назначува за прв човек на неговиот изборен штаб за претседателските избори. Рејтингот на Јелцин тогаш дали надминуваше четири проценти. И ќерката на Јелцин го повикува Чубаис да помогне во реизборот на нејзиниот татко, кој меѓу двата круга на изборите имаше дури и инфаркт. Во вториот круг од изборите Јелцин го победи комунистот Генадиј Зјуганов.

НИ „Д“ ОД ДЕМОКРАТИЈА

Овде мора мала дигресија. Тие избори, кои ги следев директно, покажаа дека нема ни „Д“ од демократија. Се покажа, како и кај нас , кога се навестуваа промените и кога настанаа,  дека демократија не е она што го учиш во учебниците. Дека всушност се е гола борба за власт во вистинска смисла. Борба, ако можеш да го уништиш противникот. Русите викнаа Американци да им помогнат во реизборот на Елцин. Дури и филм е снимен за ова директно американско мешање во руските избори. Американците во 2016 се лутеа на Русите, демек преку интернет се мешале во нивните избори. Можеби затоа Чубаис го сметаат и за проамерикански човек. Во деновите на изборите во кутија од „Ксерокс“ беа откриени речиси 550 илјади долари кај луѓе од штабот на Чубаис наменети за финансирање на изборите. И никому ништо. Луѓето на Јелцин, Георги Сатаров, на пример, одеа во медиумите дури и на денот на избори и  агитираа во полза на Јелцин и покрај изборниот молк. Се закануваа дека ако луѓето не излезат на избори тогаш ќе победат комунистите и пак ќе ги праќаат по затвори.  И така заврши борбата меѓу луѓето на Јелцин, новата владеачка номенклатура, предводена од олигарсите клептократите и комунистите.  Каква демократија, какви бакрачи! Нешто слично сега се повторува во САД! Веројатно некаква демократија има останато во нордиските земји. 

По ова Чубаис одново политички оживува. Станува прв човек на претседателовата администрација. Но сепак бара од Јелцин да го врати во реалната политика, во владата. Пред заминувањето од Администрацијата на Јелцин тој на неговиот наследник му препорачува да го викне Владимир Путин од Петербург во Москва. И така Путин благодарение на Чубаис, со кој претходно се знаеја од Ленинград, дојде во Москва, каде што почна да гради нова кариера. Практично Чубаис е творецот на Путин. Се разбира на првите скалила. А не е изненадување, ако тој е замешан и го поддржал предлогот, Путин да стане претседател на Русија после Јелцин.

ЛИБЕРАЛ СО БОЛШЕВИЧКИ МЕТОДИ

Борис Јелцин по изборите формираше влада од младите либерали и демократи. Чубаис и Борис Њемцов успеаја да воспостават одреден финансиска дисциплина. Но кога еднаш ќе се продадеш на мафијата или олигарсите назад нема. Приватизација на најголемата телекомуникациска компанија во Русија е дуел меѓу две олигархиски групи. Чубаис се определува да нема „протекции“ и местења на продажбата. Олигарси бараат приватизацијата да се намести по нивна желба. И тука доаѓа до кавга со Борис Березовски, кого Чубаис успева да го тргне од закрилата на Јелцина, заменик во Советот за безбедност, но плаќа цена за тоа. Во медиумите под контрола на олигарсите излегуваат компромитирачки материјали за Чубаис и негови колеги дека зеле хонорар по 90 илјади долари за ненапишана книга. И тука е крајот на младите реформатори. Ним не им успева да влезат и во парламентарните води, бидејќи нивната партија не влегува до Думата.

Но, ако е крај на младите реформатори на нивниот политички живот, не е крај на кариерата на Чубаис да седи на државни јасли. Тука е човекот кој Чубаис го донесе од Петербург, а кој во меѓувреме гради кариера. Велат:„Федералната служба за безбедност ја раководи човек од типот на Чубаис. А Чубаис за некои важеше како „Либерал со болшевички методи“. Дали и неговиот протеже е таков? Путин станува и претседател. Во меѓувреме Путин е и премиер. Во 1998 година Чубаис станува прв човек на Рускиот енергетски систем. Во момент кога наплатата на потрошената струја е само пет проценти. Чубаис продава големи енергетски компании од кои државата заработува над еден трилион рубљи. По завршување на реформата компанијата се расформира и за енергетскиот систем се грижи Министерството за енергетика. 

Но за Чубаис нема зима. Во времето кога Путин е премиер, а Димтриј Медведев е претседател, во 2008 година, Чубаис оди на чело на државната компанија „Роснано“. Целта е тој да помогне Русија да завојува лидерски позиции на светските пазари на нанотехнолошки производи. Според презентирани статистички  бројки во 2019 година  во Русија со продукција поврзана со нанотехнологија се занимавале 524  претпријатија. 83 од нив биле создадени или работеле со „Роснано“. Компанијата за цело време на својата работа финансирала 109 проекти чиј вкупен буџет е 500 милијарди рубљи. Таа создала над 40 илјади работни места. Лани , за разлика од претходната година, кога имала профит од над пет милијарди рубљи, компанијата искажала загуба од речиси 17 милијарди рубљи. Во Русија во тек е реструктуирање на научно-истражувачките работи, па веројатно и смената на Чубаис може да се поврзе со тоа. Иако, на негово место доаѓа човек од воено-индустрискиот комплекс.

ПЕТРЕБУРШКО ДРУШТВО

Назначувањето на Чубаис на новата функција некои го сметаат за „почесно место“, други за „лебедова песна“. Трети, на твитер, се потсмеваат со него. Па така пратеникот од Думата, Вјачеслав Лисаков вели:„За жал, откако му даде надеж на рускиот народ спроти Новата година, со отстранувањето на Чубаис, претседателот брзо го испрати некаде кај ѓаволот на лепчиња за можни преговори, но без јавен статус, и со нула буџет, фактички – „почесен конзул“. Тоа му остава на народот мала божиќна мечта дека Александар Бистрикин(главниот истражител во Русија з.м.)...со својата цврста истражна рака ќе досегне до Анатолиј Чубаис и справедливоста ќе триумфира. Што ќе правиме ако не мечтаеме“?

Политологот Константин Симонов смета дека Чубаис е најзаслужен што го одвратил Елцин од намерата во 1999 година за премиер да го назначи Николај Аксјоненко, тогашен министер за сообраќај. Со што му се отвори патот на Путин да стане премиер. „И 20 години Чубаис добива плата за услугите кои ги даваше во 1999 година и пред тоа“,  вели Симонов, додавајќи дек Чубаис ниту еден ден не бил приватен претприемач и по секое сменување на работата велел дека ќе оди во бизнисот, а всушност заминувал на државна служба или во државна компанија. Слично размислува и социологот Константин Гаасе, кој вели дека тајната на неговото преживување не е што е добар менаџер или успешен бирократ. Туку дека бил дел од петербуршкото друштво и до ден денес веројатно е дел од него. Политологот Глеб Павловски за Би-Би-Си изјави дека „политичката симболична вредност на Чубаис означува дека ќе се зачува алијансата на либералната средина со Кремљ. И токму поради тоа, можеби и поради личната симпатија, Путин го држел Чубаис во врвот и во иднина ќе му наоѓа место.

Самиот Анатолиј Чубаис како мува да не го лази. Вели: “ Мене во животот не еднаш ми доаѓаше да се занимавам со она што е важно за земјата, иако не многу пријатно за мене. Овој пат, се чини, претстојната работа е вистински значајна за земјата и за мене лично. Како потврда на ова тој вчера од Петропавловската тврдина во Санкт Петербург во чест на назначувањето на новата должност истрела еден плутон од хаубица. На својот Твитер акаунт Чубаис напиша: „Во означувањето на почетокот на новата мисија, точно во 12:00 часот, испукав истрел од хаубица Д30 од Петропавловската тврдина! (Нема штетни ефекти врз климата и нема негативни последици врз животната средина) “. Очигледно донекаде во право се оние кои велат дека Чубаис е најдобар во односите со јавноста.

Од младите реформатори денес, за жал, на сцена остана само последниот елцинов мохиканец – Анатолиј Чубаис. Едни се умрени, други се убиени, а трети се на периферијата од руската политичка сцена. Не сметајќи ги оние во емиграција. Чубаис е тоа што е’ и, секако, благодарејќи на признателноста на Путин, иако не јавна, дека Чубаис со препораката за повлекување во Москва, му овозможил да дотурка до претседателската функција. Други би го заборавиле таквиот гест. Иако сега го праќа подалеку од очите, сепак и како маневар за отстранување на несаканиот во народот Чубаис, Путин ќе има полза од тоа. Му отвори на народот простор неколку недели да се занимава со „душманот“ кој го осиромаши. И да му ја препишува заслугата за тоа на својот претседател!

Мирче Адамчевски

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?