20 Мај, 2024
0.0341

Последниот политички џокер на Али Ахмети!

Објавено во: Колумни 12 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Еден  ФБ пријател луцидно напиша: нека ми кажат кој од СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ нема да коалицира со ДУИ постизборно по никоја цена, па да знам за кого  да го дадам гласот. Мислам дека оваа теза е сосема доволна за илјадници македонски граѓани да го дадат гласот за некоја од двете доминантни партии, без да очекуваат нешто друго, особено. Бидејќи сите очекувања за покренување на економијата, решавање на горливите социјални проблеми, намалување на невработеноста во овие триесет години парламентарна демократија не се осуштествија,  верувам дека и овој пат граѓаните нема да паднат на старите излитени финти, кои стотици пати се преповторувале, а никогаш не се реализирале. Значи, овој пат, доволно е да ветат дека нема да коалицираат со ДУИ, и да го заслужат нашиот глас. Бидејќи исфрлувањето на канцерот од македонската извршна власт, нејзиното маргинализирање на  македонската политичка сцена, дефакторизирање, е чин и израз на најголем патриотизам, и ќе донесе многу поголем бенефит и просперитет од сите вработувања, социјални пакети и слични работи во оваа проблематика со која се соочува обичниот граѓанин. Зошто? Едноставно, бидејќи амнестираните поранешни терористи, сегашни борци за европеизација и интеграција на Македонија, костимосани, се најголемото зло,  кое како политичка организација ја запоседнало Македонија, и сите нејзини институционални и општествени пори.

Последниот танц на Заев и Ахмети?!

Еднаш своевремено напишав дека просто е неверојатна сервилноста на македонските премиери кон  ДУИ и нивниот лидер Ахмети. Таков беше Заев во неколку наврати, таков беше и Груевски, колку и да се претставуваше за патриот кој „ игра тврдо“ со Албанците и не им „ попушта на нивните уцени“. Такви беа и Бучковски, и Црвенковски веќе во далечното минато. Али баба и неговите разбојници политички потрошија три македонски лидери и премиери, и останува  да видиме  дали и  Заев ќе биде ставен и политички сварен во лонецот на Малоречанците, или пак ситуацијата ќе биде овој пат обратна- Заев да биде тој,кој ќе му даде гол со пета на Ахмети. За да ја видиме таа разврска, ќе почекаме до наредните предвремени избори, кои најверојатно ќе се случат на 5 јули. Подигнувањето на влогот од страна на лидерот на ДУИ за исфрлување на идеата за „ премиер Албанец“, е ништо друго, освен еден очаен и јалов обид, Ахмети  и дружината повторно да го свртат општествениот фокус и рефлектори кон нив, и да се позиционираат како иден  незаобиколен фактор во конституирањето на идната македонска влада, како и секој пат досега. Интегративците се до толку за греота, што не го разбираат концептот на историскиот модел: нивниот етноцентричен и центрифугален е веќе на залезот, и не е на цена кај албанскиот политички електорат. Не сме 2002, не сме ни 2006, ниту 2011. Напротив, со својот концептуален и стратешки потег прво на промовирањето на „ Едно општество за сите“, со кое привлече околу 45-50.000 етнички албански гласови на контото на СДСМ и коалицијата,а поново со вклучувањето на БЕСА во првата етничко предизборна македонско- албанска коалиција, лидерот на СДСМ му создаде траен проблем на Ахмети, како да ги менаџира  работите во иднина  во своја полза и понатаму, бидејќи претходното функционирање на подвоени два етнички политички блокови, со „ принципот“ на создавање на коалициски влади од победниците во т.н два најголеми етнички блокови, беше федерализирачки камен околу унитарниот врат на македонското општество, кој се закануваше целосно институционално да не парализира во догледна иднина. Тој камен Заев го симна со привлекувањето на десетици илјади етничкоалбански гласови на своето конто, и рушењето на „ принципот“ победник со победник. Може ли Заев политички и идеолошки да ја порази ДУИ, и да ја тргне од својот врат како змија отровница која во првиот пригоден момент, чека да го пушти отровот и политички да го усмрти и да се отераси од него?! Може, само да посака. Заев „ лесно“ го реши деценискиот историски и етничко-национален проблем кој го имавме со Грците околу употребата на нашето уставно име, па да не може политички да пензионира еден воен ветеран и пензионер.

Духот на новото време, нужно изискува нови политики!

 Во целата оваа политичко-предизборна равенка каде е Мицкоски и улогата на ВМРО-ДПМНЕ?! Зошто молчат од белата палата „ Христо Татарчев“, по ахметиевото барање за Албанец премиер? Калкулираат за постизборна коалиција со ДУИ? Како тоа ќе го презентираат на своите конзервативни гласачи? ВМРО-ДПМНЕ доколку сака да го фати текот на историјата, мора да сфати дека политичката карта на македонското партиско небо е променета. Не е ова 2002-2016 па кога постоеа само по две доминантни политички партии во двата поделени етнички блокови, па ајде ќе го победуваме констатно СДСМ на избори, и ќе си одбереме албански партнер по своја воља, дали ДУИ, дали ДПА. Имено, ДПА е клинички мртва, а ДУИ е преполовен, односно политички трајно оштетен. Во т.н албански политички блок картите се и тоа како бајаги измешани, и имаме тука равенка со повеќе непознати во однос на постизборното позиционирање. За да го (с)фати духот на новото време, колку и нелогично и неверојатно да звучи ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се отвори  и кон привлекување на албански политички гласови на своето конто? Како? Многу едноставно, со граѓанска реторика и промоција на интегративен модел на функционирање на македонското општество. Маргините на национализмот нека ги остави на  Јанко, Солза и Апасиев, тие нека бидат „достојните бранители на патриотизмот и македонските национални интереси“. Со новиот редослед и распоред на настаните, ако другарите од „ Христо Татарчев“ , не го разберат тоа со време, може да се случи да бидат шешељизирани, односно повторно и повторно да победуваат, но  поради „ специфичните политички и геополитички околности“, да не може да состават влада. Видовме и Шешељ и неговата Српска радикална странка како завршија. Истото се однесува и за ДУИ. Времињата кога ќе се распламтеа националистичките страсти, и кога ќе се подгрееше огнот на национализмот, етношовинизмот, и билдањето на клерикални нацистички поени, за да се постигне максимумот во својот етнополитички атар, па потоа со таа дихотомија на резултатски бројки ќе си направите влада и ќе си ги поделите ресорите ( читај моќта/ парите, функциите и териториите до и отаде Групчин), во 2017 та завршија. Се надевам никогаш повеќе нема да се повторат. Македонија го фати патот кон НАТО и ЕУ, и го напушти моделот на неинституционализирана федерација, модел кој некому и како тоа здушно му одговараше. 

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина главен сојузник на Русија – Западот на потег

Кина главен сојузник на Русија – Западот на потег

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе