06 Мај, 2024
0.0211

Последното патриотско дело на Груевски е да си поднесе оставка

Објавено во: Колумни 01 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

По демаскирањето на „ликот и делото“ со аудио снимките што ги презентира опозицијата, очигледно е дека македонската јавност  нема повеќе што да очекува од човекот кој својот имиџ го градеше како најголем  патриот во земјата. Личната компромитација му го сруши таквиот имиџ и наполно го делегитимира, а состојбите во земјата дојдоа дотаму што моментално негово последно вистинско патриотско дело е да си поднесе оставка на премиерската и партиската функција за да отвори простор за нормално демократско надминување на кризата во која ја доведе земјата. Тој не сфати дека не е патриотизам да си ја спасуваш кожата на сметка на влошување на кризата. Патриотизам е да се жртвуваш за доброто на земјата, најмалку, да не и‘ создаваш дополнителни проблеми. Неговото понатамошно присуство во власта ќе биде само причина за заострување на кризата. Тоа им е јасно на повеќето граѓани во земјата. Само на престрашени  и неуки тој може да им се продава како морален, чесен и работлив човек, а притоа, да ги обвинува другите за проблемите во кои ја доведе земјата и да ги заплашува дека ако него го нема  кризата ќе се влоши и ќе се доведе во прашање опстанокот на државата. Затоа тој треба сам да си замине. Тоа би бил негов морален чин за се‘ што нерегуларно направил или не сторил за да спречи постапки и однесувања кои ја урнисаа демократијата  и економијата. Нека не се плаши што ќе биде со земјата и со неговата партија. Земјата која го  допре дното како една од најсиромашните во Европа ќе се спаси од автократскиот владател во чие време се загрозија слободите и правата на граѓаните, а партијата сигурно има здраво ткиво со кое ќе продолжи да работи во нови услови како и сите други, без привилегии од узурпирањето на државните органи и институции. Затоа решението кое во текот на вчерашниот ден продефилира низ медиумите, а кое Заев наводно во вторник ќе  го добие од Хан, со формирање на некакво егзекутивно тело е  неприфатливо, од едноставна причина што ова тело треба да биде во корелација со постојната влада и премиер, која по сите основи е веќе делегитимирана. Сигурно Заев нема да си дозволи да прифати да учествува во тело кое ќе соработува со главните „ѕвезди“ од аудио снимките, кои реално се претставија како нарушители на уставот и законот. На тоа не треба да се согласи ниту Западот, во името на демократијата и неприкосновеноста на правата на луѓето и граѓаните, кои во Македонија се згазени. Толеранцијата на компромитирани луѓе на власт ќе биде преседан кој само ќе ја продолжи агонијата на земјата до нејзино докрајчување. Во овој контекст бессмислена е одбраната на Груевски дека тој ја добил власта од народот, а притоа заборава дека таа не му е дадена за непречено суспендирање на уставот и законите, туку да обезбеди нивна доследна имплементација. Чинот на оставка морални луѓе го прават и за далеку помали компромитирачки дејанија од оние кои му се случија на премиерот. Неговите постапки и однесувања зад јавната сцена го компромитираа толку што самиот требаше веднаш да поднесе оставка на премиерската и партиската функција откако се откри скандалот со прислушувањето на над 20 илјади граѓани. Тогаш,  можеби немаше да се случат и жртвите во „Диво насеље“ во Куманово.  Немаше да има потреба од митингашко делење на населението и на подигање на кампови против власта и за одбрана на власта. Немаше да се зголемуваат стравовите за судбината на економијата и државата. Ќе ја спасеше економијата од дополнително непродуктивно трошење  на буџетски средства и зголемување на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Автократскиот, антиуставен и противзаконски начин на владеење на Груевски, земјата ја доведе до раб на амбис. И што е уште полошо, во настојувањето да се одржи на власт, во времето на експлозиите на политичките  бомби на Заев, без било какво чувство на вина, ги интензивира настапите на јавна сцена  со најава за продолжување на досегашната практика во вршењето на власта, како да нема никакви проблеми во општеството. Не чувствувајќи се одговорен за состојбите во земјата тој инсистира на правна разврска  на политичката криза, очекувајќи  судските решенија  да ги донесат несамостојните и зависни судови и преплашени за своите места судии. До него, како воопшто да не допираат критиките за подреденоста на судството на извршната власт. Како да му е нормално тоа да биде така. Најлошо е тоа што, не само што не чувствува потреба за транспарентност во неговото работење, туку тоа го смета за неважно во однос на „маглата“ што ја дига со бројните реализирани проекти, без отчет за износот на потрошените  средства и оценка на нивните економски и други ефекти. Или не разбира или не сака да разбере дека јавноста сака да знае  за што се потрошија 6,6 милијарди евра од буџетот собрани по 2007 до 2014  година (повеќе од потрошените 1,7 милијарди  во 2006 година), а стопанството се‘уште се препелка  со раст од 2-3%. Само за споредба: во 2006 година, буџетските расходи изнесуваа 1,7 милијарди евра, а економскиот раст изнесуваше 5,1%. А во 2007 година, само со 200 милиони евра поголем буџет (1,9 милијарди) се оствари стапка на раст од 6,5%.  Ќе може  ли да објасни зошто сатапката на раст се намали и покрај огромниот пораст  на буџетските средства, плус странските директни инвестиции во ТИРЗ-овите. Ќе може ли да ги отстрани сомневањата за нивен одлив на незаконски начин во приватни џепови? Без соодветни аргументирани објаснувања за трошењето на буџетските средства останува сомневањето дека добар дел од зголемените буџетски средства е присвоен од поединци и групи и е  одлеан во странство. Па може ли тој со ваков товар на сомневања и накарадни сфаќања на демократијата конструктивно да учествува во реституцијата на системот и институциите кои тој ги партизира? Оттука, сметам дека шансата е пред Груевски, за неговото последно вистинско патриотско дело. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина