16 Април, 2024
0.0295

Постизборно отрезнување

Објавено во: Колумни 17 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

Не можам да ја разберам  вчудоневиденоста  и запрепастувачката подзинатост на македонските граѓани околу фалитот на Државната изборна комисија, кога живееме во земја во  која 70% од домаќинствата немаат решено атмосферска канализација. Ние норвежани ли сме, та да сме толку подзинати со устите што тоа се случило со софтверот во ДИК, или пак живееме во една од најзабателените земји на европскиот континент? Морам да признаам дека најголемото изненадување на  овие предвремени парламентарни избори е партијата „Левица“.  Во моите медиумски настапи, нагласував дека оваа партија ќе освои 0 пратеници, и дека нема шанси да го помине изборниот праг и да стане парламентарна партија. Бројките ме демантираа, и морам да признаам дека моите тврдења повеќе се базираа на мојот личен анимозитет према лидерот или најекспонираниот водач на таа партија, одошто на реалните проценки на теренот. Како и да е, честитки за успехот на една мала партија, која во невозможниот систем од шест изборни единици успеа да се ,,протне“ и да стане парламентарна.

Каде згреши Заев?

На овие избори коалицијата „Можеме“ настапи во едни вонредни услови. Како владејачка коалиција, таа го побара мандатот од граѓаните да владее уште четири години,  во ситуација на променето уставно име, т.е потпишување и решавање на тридеценискиот спор со јужниот сосед, потпишување на Договор за добрососедство со Бугарија, афера „ Рекет“ , состојби кои го разрушија нејзиниот кредибилитет и легитимитет кај македонските граѓани. Сепак, според  првенствените резултати, оваа коалиција победи на петтите предвремени парламентарни избори, многу тесно, многу неизвесно, но ќе ја има привилегијата да составува идна влада во  Македонија. Согласно реториката на доскорешниот премиер Зоран Заев, со  која досегашниот коалициски партнер ДУИ го испраќаше во опозиција, претседателот на СДСМ ќе има танталови маки да го создаде идното парламентарно мнозинство во Македонија и да вледее стабилно во наредните четири години. Лисицата од Мала Речица, на овој или оној начин пак победи, и е незаобиколен фактор во конституирањето на идната македонска влада.

Каде згреши Мицкоски?

Од друга страна каде е грешката на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски? Во својот занес, дека ќе победи сигурно, Мицкоски претендираше на гласовите на разочараните, неопределените, резигнираните гласачи  против СДСМ. Но тие во најголем број, или не излегоа на гласачките кутии, или гласаа за мали маргинални партии, кои со својата реторика  беа порадикални од ставовите на ВМРО-ДПМНЕ. Каде тогаш згреши Мицкоски? Па веројатно во својата проценка дека може „ самостојно“, да ја порази коалицијата на СДСМ и БЕСА, и дека не му треба ниту еден, условно кажано етнички албански предизборен коалициски партнер? Зошто, водачот на опозицијата не ја зема ДПА  во своите коалициски редови, и да се спротистави на коалицијата на СДСМ+ БЕСА? Веројатно денеска би бил победник,т.е претендент за мандатар? Вака се сведе за човек кој наликува на давеник за сламка, кој избегнува пораз, тогаш и кога „ народот е во право, и кога греши“? Но памет за друг пат, ако му остане друг пат за изборно соочување?

Каде згрешија малите партии?

Каде згрешија т.н мали партии? Па во тоа што не се обединија. Нивната суета, надменост, лидерска уфилманост, нивната ароганција ги наведе, секоја самостојно да настапува, и што е резултатот од сето тоа? Смешни, маргинални резултати, кои само одат во корист на една од двете големи предизборни коалиции. Кога тоа нашите „ големи лидери„ на мали партии, ќе го разберат донтовиот модел поделен во шест изборни единици, и што тој значи за нив, и кога ќе ги надминат нивните провинцијалско-селски суети и надмени ега и ќе се сообединат се со цел да предизвикаат колку толку размдрување на политичка сцена во Македонија? Веројатно никогаш. Затоа македонската политичка сцена, уште долго време ќе биде една зачмаена и застоена жабокречина во која пливаат големите алигатори, додека за малите крокодилчиња се уште нема место. Тешко на таа држава во која амнестираниот терорист под кодно име Александар Антиќ го има клучот за формирање на идната македонска влада. Тешко и било во изминатите осумнаесет години, според овие изборни резултати ќе и биде тешко и во наредните осумнаесет. Нека ни е наздравје!

Благојче Атанасовски-политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?