19 Март, 2024
0.0231

Повеќе кибицери од играчи

Објавено во: Колумни 10 Август, 2020

Добивај вести на Viber

Древната игра меѓу скопјани не беше според популарноста на рангот на глад од Градска плажа,ниту на бељотот од Пролеќе,но изнедри безброј добри шахисти,кибицери и пацери.

Шах се играше уште од мали нозе и тоа на разни нивоа-маалски турнири на стануење,одделенски натпревари и меѓуодделенски мечеви на 4 табли,општински смотри...а кога ќе ти влезе чивијата тогаш дрш му се.Место да играш џамлии и фанта ќе трчаш да не задоцниш на шаховска секција во Пионерски дом Карпош или во најдобар случај во шаховскиот клуб карши библиотеката кај училиштето Гоце Делчев(Клубот на уметниците на Јоле и Почу),а во прво соседство на берберницата на Цафуре и џамџискиот дуќан.Тука без здив се следеа брзопотезните мечеви на македонските мајстори и кандидати за мајстори,првокатегорници и по некој интернационален мајстор,а неретко и на велемајсторот Јован Софревски.Кибициравме и коментиравме шепотејќи и често ги погаѓавме наредните потези на шахистите,кои возбудено гледаа во часовниците курдисани на пет минути.Е тогаш почнавме да слушаме дека некому му паднало знаменцето,а во животот тоа стана синоним за многу посериозни и помалку сериозни ситуации....

Непосредно по земјотресот во рамките на Средбите на солидарноста Скопје организира страотно силен меѓународен шаховски турнир што требаше да стане традиционален.Но наша работа, го снема само што заживеа.Дојде светската елита на чело со Боби Фишер,комплетната советска велемајсторска сурија предводена од гусарот од Рига Михаил Таљ и од светскиот првак Ботвиник,југословенските играчишта Глигориќ,Матановиќ,Ивков и Софревски....кој да се сети на сите.Без здив се следеа нивните меѓусебни жестоки мечеви,но и вечерните прошетки низ ранетиот и се уште необновен град и престоите и активностите по ретките угостителски објекти.Ексцентричниот американец да ти имал навика-кај што игра да си сошие костум.Од Скопје си замина со бел костум од тенок и лесен материјал што му го сошија модните велемајстори во престижниот кројачки дуќан Суинг.

Во 72-ра година главниот град на СРМ ја организира Шаховската олимпијада......се што нешто вредеше во таа за тие времиња енормно популарна мисловна игра издигната на нивото на фудбал и кошарка беше во Скопје.Градот доби Олимпско село на Водно,хотел Континентал,Гранд доби нов изглед,сајмиштето беше местото за играње на мечевите.Добро се сеќавам дека се играше со прекрасно изработени фигури,дело на штитениците на КП домот Идризово,а кој имаше к,смет си купи исти такви во продавницата Препород(каква фирма,да се смееш или да плачеш).

Дотичниот Фишер ги направи мечевите за светски првак со Борис Спаски небаре се на Касиус Клеј и Сони Листон(во Заир во Киншаса боксуваа пред 100 илјади гледачи)..те ќе играм те не ќе играм ако не дадете толку-волку стотини илјади зелени банкноти,секој потег од нивниот двомеч во Рејкјавик се објавуваше со брејкинг њуз и се коментираше на секој чекор-како од стручните коментатори така и од обичните корзаџии и време губачи во бавчата на дрвениот хотел Македонија.

Сега шах играме со непознати партнери на компјутер,без кибицери и не се кладиме каков ќе биде исходот...такви се времињата,а играта е уште подревна! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?