28 Март, 2024
0.0255

Предизвикот Карабах

Објавено во: Колумни 16 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Неколку дена по потпишувањето на Договорот меѓу Русија, Азербејџан и Ерменија за прекин на воените дејства, колони жители од Нагорно Карабах го напуштаат некогаш автономниот регион во Азербејџан, а од 1994 година самопрогласената Република Нагорно Карабах. Токму тие години имаше друг егзодус, но во обратна насока. Од Карабах во Азербејџан. И тогаш колони народ се влечкаше по стрмнините на карабахските планини барајќи спас од војната. Исто како и сега. Тоа е цената на војната и наметнатиот мир. Впрочем ние од поранешна Југославија тоа многу добро го знаеме. Етничките чистки беа дел од воените дејства што се водеа на овие простори.

Борбите во Карабах и резултатот од нив беа повод да се проговори за замрзнатите конфликти. Оние на постсоветското пространство веќе ги набројувавме на овие страници минативе месеци.  Сега Карабах е предизвик одново да се актуелизираат тие конфликти. Некои замрзнати со десетици, а други со помалку години. Ги има во Грузија, Во Молдавија, во Украина...

Настаните во Карабах најдоа одѕив и кај некои политичари во регионов. Па така српскиот претседател Александар Вучиќ минатата недела, на прес -конференција рече дека е најважна пораката за мир, дијалог, и желба на Београд за продолжување на дијалогот со Приштина, како и дека најдобро решение е она што е постигнато низ дијалог, а подобро е да се постигне порано, отколку подоцна. „Во спротивно може да ни се случи судир“, изјави Вучиќ. Според него, „Ситуацијата во Нагорно Карабах покажа дека еден замрзнат конфликт може да ескалира во вистинска катастрофа кога некој ќе го одмрзне“. Тој смета дека замрзнатите конфликти не треба да се оставаат на децата, туку да се работи врз нивно решавање. Негова оценка е дека светот освен со соопштенија малку бил заинтересиран да реагира. Додавајќи дека Србија мора да продолжи економски и воено да јакне за да ја сочува земјата од евентуална агресија.

Реакцијата од Косово не се чекаше долго. Премиерот Авдулах Хоти оцени дека изјавите на Вучиќ не се во прилог на нормализацијата на односите, постигнувањето на договор и заемно признавање. Вјоса Османи, вршител на должноста претседател на Косово и претседател на Собранието, побара од НАТО и ЕУ да реагираат зашто српскиот претседател Александар Вучиќ, според неа, го спореди конфликтот во Нагорно Карабах со ситуацијата во Косово. Според нејзиното толкување, Вучиќ со таа изјава „и се заканува на Приштина со војна“. Во соопштение на косовското МНР е наведена оценката дека Косово не е Нагорно Карабах, дека нема замрзнат судир и дека Косово ќе ги засили напорите за членство во НАТО, па дури потоа да го продолжи дијалогот со Србија.

Одговорот на Вучиќ на овие изјави  беше: „Тие имаат свои внатрешни проблеми. Мојата изјава беше прецизна и јасна, зборував дека треба да ја избегнеме политиката на замрзнат конфликт и дека замрзнатиот конфликт во иднина би можел да доведе до конфликт, што никој не би сакал да се случи“. Значи остана на тврдењето за „замрзнат конфликт“. Кон ова се вклучил и албанскиот премиер  Еди Рама, кој изјавил дека нема можности Белград и Приштина да влезат во војна и се запрашал за која војна зборува претседателот на Србија Александар Вучиќ. „За која војна зборува? Која војна провоцира Вучиќ? Србија ја загуби војната. Косово е независна и демократска држава. Да, Косово направило многу грешки во дипломатските односи, но нема шанса за такво нешто, тие изјави се безвредни“, рекол Рама на албански Топ канал.

Под наслов „Лекции за Србија од Нагорно Карабах“ аналитичарот Јован Ковачиќ пишувајќи во „Њу Јуроп“, нагласува дека „Она што се случило во Нагорно Карабах е остро предупредување и до Србија дека не може да се потпира на Москва. „Би требало сериозно да ја преиспита својата воена политика“, го цитира Ковачиќ аналитичарот Бен Џуда. Џуда како и многу други аналитичари истакнува дека светот освен неколку изјави покажал многу малку желба да интервенира.  „Војната во Нагорно Карабах и сите геополитички сплетки од неа и последиците ретко се споменуваат во Брисел, Берлин, Варшава или Лондон. Едноставно не се води  расправа за тоа зашто Европа не планирала да ја спречи војната во своето соседство или да учествува со нејзина резолуција“, тврди Џуда. Па оттука и констатацијата на Вучиќ, што ја пренесува „Њу јуроп“ :„Дека е очигледно дека во светот има нова поделба на картите и дека на крајот мора да се смета на сопствените сили“.

Ова зборува дека работите допрва можат да се разгоруваат, згора на тоа и како последица од кризата во светот со корона вирусот. Но Косоварите треба да бидат спокојни во поглед на војна се додека кај нив има НАТО воена база. Таа е единствениот и најсилниот браник од некаква евентуална српска намера за воено дејствување. Но тоа не значи дека решавањето на конфликтот, кој е замрзнат, колку и да го негираат косовските власти, треба да се остава во недоглед. Што побрзо ќе се реши тоа подобро за Косово. Нагорно Карабах речиси три децении беше самопрогласена република, непризнаена од никого, и за броени денови изгуби се', зашто ерменските и азербејџанските политичари и „Минската група“ предводена од Русија, Франција и САД, не најдоа или не сакаа да најдат политичко решение. Илјадниците жртви се’ и на нивна совест. Зарем не можеа трите копретседавачи на „Минската група“ да најдат решение?

Нагорно Карабах е од интерес и за Украина, која исто има проблеми со територии кои не се под нејзина контрола. Заменикот секретар на Советот за безбедност на Украина, Сергеј Кривонос, смета дека станува збор за светол пример, како чекор по чекор раководството на Азербејџан ги подготвувало своите вооружени сили да нанесат удар во потребниот момент. Подготвувало и политичка поддршка, пред се, од Турција. Според Кривонос, Азербејџан јасно го избрал моментот кога на земјите од Г-7 не им е до конфликтот во Нагорно Карабах. Азербејџанците го искористиле проблемот со коронавирусот, потоа, кога во САД има избори и конечно кога во Германија и Франција имало неопределеност. Затоа тој заклучува дека украинската армија треба да се засилува. „Дури и ако се обидуваме да го приближиме мирот во Донбас, сеедно, чекор по чекор треба да ја направиме нашата армија посилна“, вели Кривонос:

Волфганг Ишингер е германски дипломат. Бил државен секретар во германското МНР и амбасадор на германија во САД. Од 2008 година е на чело на Минхнската конференција за безбедност. Најважен светски форум за безбедност на кој секоја година доаѓаат светски лидери и десетици министри. Ишингер деновиве даде едно интервју за украинскиот портал „Европска правда“. Во интервјуто новинарот настојува да добие одговор од Ишингер за Донбас и деловите на Украина кои што не се под нејзина контрола. Германскиот дипломат укажува на потребата од стратешко трпение и дипломатски напори. Никако да не се помисли на војна! Трпение и за Донбас и за Крим кое можеби ќе потрае и десетици години. Или пак до смена на власта на Путин или до промена на политиката на Русија.

-Вие рековте дека воено решение – не е варијанта за Донбас. Но видете што се случи во Карабах. Азербејџан практично ја обнови контролата врз загубените територии, му парираше новинарот на Ишингер.

-„Вие навистина треба да се погрижите за тоа, како да ја заштитите Украина, за да не може ни Русија, нити некој друг одново да ги наруши вашите граници. Не ни помислувајте за воен конфликт на Донбас!“, одговори Ишингер. На прашањето :„Зошто?“, германскиот дипломат изјави:“ Затоа што има огромна разлика! Таму(во Карабах) станува збор за конфликт на две мали држави на Кавказот од кои ниедна нема стратешко значење ни за Русија ни за САД, ниту за друга светска сила. Па затоа военото спротивставување меѓу Украина и Русија, ако почне сега или по година-две, може да доведе само до катастрофа. Затоа велам не помислувајте на воен пат. Последиците за Украина од тоа можат да бидат ужасни, сериозно ќе настрадате. Можеби и Русија серозно ќе настрада, јас тоа не го знам, но за вас последиците сигурно нема да бидат добри“.

За дијалог е определена и новата претседателка на Молдавија, Маја Санду, која според се', победи на вчерашните претседателски избори во Молдавија. Оваа мала држава има проблем со самопрогласената Придњестровска република, расположена по течението на реката Дњестар на границата со Украина, веќе три децении. Самопрогласената република своевремено беше поддржана Русија. Таму беше дислоцирана 14-тата армија на СССР. За време на крвавите борби во деведесеттите години генералот Александар Лебед, успеа да го спречи крвопролитието, но се „роди“ нова држава.

Деновиве Санду изјави дека ќе работи на барање политичко, а не воено решение на долгиот конфликт. Ќе бара начин како да се врати целосноста на Молдавија. И за овој проблем има група „5 плус 2“ (во процесот на преговори учествуваат Молдавија , Придњестровје, ОБСЕ, Русија, Украина, а набљудувачи се ЕУ и САД), но до ден денес нема никаков резултат. Таа е свесна дека во државата зафатена до коски од корупција не е можно да се помисли на друго решение освен по пат на дијалог. Санду вели дека нејзина прва работа ќе биде борбата со корупцијата, појава која ги поврзува корумпираните политичари и олигарси од Молдавија и Придњестровје.

Што после се' ова? Потрагата по политичко решение е вистинскиот пат. Но, Карабах покажа дека кога големите сили не водат разговори за реално решавање проблеми напластени со десетици години, тогаш почнува да зборува оружјето. А за тоа треба да имаш грб зад тебе. Ако не светска, тогаш регионална сила. И најмногу од се' пари. Нафтата и гасот од Азербејџан ќе бидат добредојдени за Турција. Исто како што беше и турското оружје за Азербејџан. Фактот што не е договорено и политичко решение за Нагорно Карабах, зборува дека таму останува да тлее конфликт уште со години. Ќе има ли нов егзодус , кога и во која насока?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?