Добивај вести на Viber
Иако надлежните изјавија дека веќе е во функција, денеска во Градската општа болница „8 Септември“ беше во присуство на државниот врв се промовираше опремата вредна околу 800 илјади евра. Какви апарати се набавени и што може со нив да се прави, информираше премиерот Никола Груевски.
„ Се работи за седум значајни нови апарати, дел од нив се апарати за правење на различни интервенции како што се гастроскопија, колоноскопија, бронхоскопија, апарати за правење различни испитувања на мозокот, крвните садови, мускулите и нервите. Има и некои други апарати. Се работи за најсофистицирани апарати, дел од нив ги нема во регионот или најблиску ги има во Љубљана или во Виена“, презентираше Груевски.
Според премиерот, и оваа опрема е дел од владиниот проект за набавка на софистицирана медицинска опрема за македонските болници и клиники вредна околу 100 милиони евра.
„Овие 800.000 евра се дел од таа опрема. Досега исто така во оваа болница беше извршена набавка на голем број апарати. ГОБ „8 Септември“ стана една од најопремените болници во Македонија. Таа веќе во значајна мерка може да го замени функционирањето на различни делови на Клиничкиот центар затоа што во многу сегменти веќе е опремена како и самите клиники“, вели премиерот.