19 Април, 2024
0.0282

Пресовите на Путин како мотив за Трамп или обратно!

Објавено во: Колумни 21 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Само еден ден пред вчерашната голема прес конференција на рускиот претседател Владимир Путин, неговиот американски колега Доналд Трамп твитна дека ги повлекува американските воени трупи од Сирија. На тој начин Трамп по речиси две години исполнува едно од неговите предизборни ветувања.

Пред една година, само ден по пресот на Путин во средината на декември, заѕвони телефонот во Кремљ. Доналд Трамп побарал да разговараат. Официјалното соопштение велеше: „Беа разгледани актуелни прашања од обостраните односи, а исто така и ситуацијата во кризните точки со акцент на решавање на нуклеарниот проблем на Корејскиот полуостров“.

Нивниот последен телефонски разговор пред тоа беше на неполн месец претходно, ден после посетата на  сирискиот претседател Башар ал Асад на Русија и срдечната средба со Путин. Според извештаите, тогаш Путин и Трамп разговарале за Сирија, Украина, Иран и Северна Кореја. Пред тие денови Путин прогласи победа врз Исламската држава и ослободување на речиси целата територија на Сирија. И Трамп тогаш ја воспеваше улогата на американските воени лица во таа арапска држава, „кои дале најголем придонес во победата на ИД“.

Ден пред пресот на Путин, во средата, Трамп објави дека решил да се повлечат американските воени единици од Сирија, објаснувајќи дека „после победата на ИД основните цели на САД во Сирија се исполнети“. Тоа беше повод вчера во Москва дописникот на „Чикаго Трибјун“ да го праша Путин за неговиот однос кон објавата на Трамп, додавајќи дека сега во Сирија можат да присуствуваат Американци по договор, што значи во прикриена форма, а таква можност во САД веќе се разгледувала.

Путин е согласен со ставот на Трамп за победата врз ИД во Сирија, иако постои опасност некои нејзини групи да заминат во Авганистан, во соседните земји или пак да се вратат во земјите од каде што дошле. Тоа би било голема опасност и за САД и за Русија, но и за други држави во Европа, во Азија...Но, што се однесува до повлекувањето на американските војски Путин вели:„Јас не знам што е тоа. САД, да кажам, во Авганистан се присутни веќе колку? 17 години и секоја година велат дека ги повлекуваат своите војски оттаму. Но тие се’ уште се таму“. Според него Русија засега не гледа знаци за повлекување на американски војски, но смета дека тоа е можно, дотолку повеќе што работите се движат кон политичко решавање на состојбите во Сирија. Групата од Астана, Русија, Турција и Ирак, веќе подготвува формирање на Уставен комитет, но работите во моментов ги кочат САД, Германија и Франција. Како и да е тој очекува на пролет работите да тргнат во насока на политичко решавање.  Путин смета дека не е потребно американско воено присуство во Сирија, дотолку повеќе што тоа е нелегитимно, за разлика од руското кое е на покана на сириската влада. Иако за волја на вистината двете земји во Сирија соработуваа многу добро на воено, дипломатско и разузнавачко ниво во борбата со терористите.

Повлекувањето на САД од Сирија, доколку се оствари, поставува равенка со многу непознати. Сојузниците на САД, но и некои во Вашингтон не се задоволни од ваквата одлука на Трамп. Франција веќе изјави дека таа нема намера да ги повлече своите над илјада војници од Сирија, Британија исто така се лути за неочекуваната американска одлука. За германскиот министер за надворешни работи, Хајко Маас, смената на курсот на САД е изненадување за Германија, бидејќи заканата од ИД се уште не е отстранета. ЕУ се уште смета дека на Сирија е рано да и се помага со укинување на санкции и сл. 

Според американски медиуми Трамп за своето решение не предупредил никого ни во странство, ниту претседателот на Комитетот на началниците на штабовите на Вооружените сили на САД, Џозеф Данфорд. Некои претставници од Стејт департментот и од Пентагон го разубедувале Трамп за одлуката и по нејзиното објавување. Очигледно безуспешно. Предупредување од негативни последици од повлекувањето имало и од група сенатори демократи и републиканци. Но, Трамп останува на своето. Дали, кога и како ќе се повлекуваат Американците од Сирија засега не е јасно, иако има рок од 30 до 60 дена. Некои велат дека дел од војниците, сепак би можеле да останат. Зашто целосното повлекување ќе им ја одземе можноста на САД да влијаат на теренот, па ќе можат да делуваат само во СБ на ОН околу блокирање на резолуции за Сирија или да одбиваат да учествуваат во обновата на земјата.

Што ќе значи повлекувањето на Американците на теренот? Не може со сигурност да се тврди, но очигледно е декае направен пресврт во американско-турските односи и тие се подобруваат. Трамп како да ја сфати големината на Турција. Не само како држава, туку и според нејзината географска положба. Ја сфати и решеноста на Турција да има добри односи со Русија. И за да придобие почна да повлекува потези кои турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одамна ги посакуваше. САД најавија продажба на Турција противракетен систем „Патриот“, а не се исклучува наскоро и авиони F-35, почнаа со истрага на т.н. Ѓуленисти на територијата на САД, а како што стојат работите можеби ќе ги жртвуваат и Курдите, кои им беа главни сојузници во борбата со ИД во Сирија.

Турскиот претседател Ердоган пред десетина дена најави офанзива против Курдите во Сирија, вчера министерот за одбрана Хулуси Акар ги потврди подготовките за неа. Целта е силите на Курдите да се тргнат од турската граница. Очигледно Турција како крајна цел ќе сака да ги неутрализира Курдите во Сирија и во Ирак.

Турската воена операција може да стави крај на напорите за федерализација на Сирија. Но и до потреба од создавање на нови сојузништва. На пример Курдите, кои досега со Москва имаат односи кои можат да се наречат од интерес, но не и лоши, повторно би се обратиле кон неа за спас од Турците. Секако може да побараат помош и од силите на сирискиот претседател Башар ал Асад. Тој пак воопшто не ги сака Турците, бидејќи ги смета за виновни за граѓанската војна во земјата. Ова би значело дека Путин и Ердоган одново ќе мора да седнат и да решаваат некои непознати од равенката. А можеби тоа и била целта на Трамп, да се повлече, а силите што ќе останат на теренот нека решаваат, нека се глодаат, нека се борат. А можеби најдобро за него би било да дојде до заострување на руско-турските односи.

Курдите најавуваат дека се подготвени да се спротивстават на турските напади. Но без американска поддршка ќе се распадне и нивниот сојуз со арапските племиња, кој сега ги контролира богатите нафтени наоѓалишта источно од реката Еуфрат. Американците беа гаранти на тој сојуз. Со нивно повлекување ИД ќе може да почне партизански и илегални дејства, но доколку во тоа биде спречена, тогаш добитник ќе биде Дамаск. А потоа тој ќе треба да се договара со Турците и лојалните кон нив, сириски единици опозиционо настроени кон Дамаск.

Така засега стојат работите. Трамп, очигледно, со својата бизнис логика ќе сака да им продава на Турците оружје, како и на силите на т.н. Коалиција, која останува да војува во Сирија, но не се знае како, кога ќе ја нема главата на коалицијата. Со ИД нека се борат тие што остануваат на военото поле, смета американскиот претседател. За сериозноста на неговата намера за повлекување зборува и најавената оставка на американскиот секретар за одбрана. Трамп вчера, по обичај, твитна дека „Генералот Џејмс Матис поднесува оставка, откако беше министер за одбрана две години“. Трамп како да ја послуша и вчерашната критика од Путин, па агенциите пренесоа дека тој има планови за намалување на воениот контингент на САД во Авганистан. Против тоа беше Џејмс Матис, кој му посака на претседателот да најде наследник со кого ќе бидат повеќе истомисленици.

Ако не биде сменет Трамп, а како што се гледа работите се влечкаат,  ќе биде интересно идниот декември, што ќе се случи околу денот кога ќе биде традиционалната средба на Путин со новинарите.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок