28 Април, 2024
0.3293

Претераните привилегии не се на арно!

Објавено во: Колумни 20 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Нема сомнение дека привлекувањето на странските директни инвестиции e една од најексплоатираните теми од страна на власта во последниве неколку години. Сведоци сме на бројните патувања на најодговорните, во повеќе земји на сите континенти, „во живо“ да ја претстават најповолната клима за странски инвестиции во Европа како и на невидена пропаганда во медиумите низ светот за поволните услови за инвестирање во Македонија. За огромниот интерес што сме го предизвикале толку многу се зборува ( покажале интерес, ги испитувале условите, прават проценки каде и колку да инвестираат, донеле одлука, но нема да се објавува додека странците самите не објават) што веќе  воопшто не се споменуваат домашните инвеститори, нивните планови и проблеми во развојот. Дваесеттината странски инвеститори се ставаат во фокусот и на пошироката јавност, а домашните инвеститори никаде ги нема . Како да не постојат или не се важни. А  нив ги има во голем број и инвестираат далеку поголеми средства од странците. Во почетокот, од остварувањето на политиката за привлекување на странски инвеститори изгледаше нормално да се пристапи кон обезбедување на дополнителна странска акумулација, за да се забрза економскиот раст на земјата. Меѓутоа, ова што се случува последниве две-три години никој не го очекуваше. Развојната стратегија (сведена на остварување на економски раст) безмалку исклучиво се потпира врз привлекувањето на странски директни инвестиции и врз директното ангажирање на државата во изведувањето (со кредити од странство) на неколку крупни инфраструктурни објекти. На домашните приватни инвеститори не се смета. Перцепцијата за нив е дека тие немаат капацитет да инвестираат во модернизација и  проширување на постојните и изградба на нови индустриски објекти. Нивните барање да им се изедначат условите за инвестирање со соодветните за странците се’уште е глас во пустина. Меѓутоа, тоа покажува дека     условите за инвестирање на домашните инвеститори се неповолни. Ваквата состојба ја потврдува и фактот дека дури и странците долго размислуваат да инвестираат во земјата и покрај „најповолните услови за инвестирање во окружувањето, па и пошироко“. По се’ се чини дека ниту претераните привилегии не се за арно. Крајно време е економската политика да размисли за овој факт. Со ништо не може да се оправда практиката странските инвеститори да се привлекуваат со обезбедување на пониски трошоци во работењето од домашните. Не смее да се заборави дека бизнис клима не се е создава со нарушување на пазарните критериуми односно со воспоставување на ненормално привилегирани услови за едни во однос на други субјекти. Не знам што треба уште да се случи за да се сфати дека со потценување на домашниот бизнис нема можности за остварување на подинамичен раст и развој и  нема извлекување на земјата од сиромаштијата. Тоа нема да го обезбедат ниту најавните дваесеттина нови странски инвеститори, ниту уште толку други доколку бранот на развојот не почне од домашните бизмисмени. Без тоа, може да ни се случи стапката на невработеност да ја намалиме, но во исто време ништо да не се промени во затворањето на јазот меѓу сиромашните и богатите. На странците веќе нема што да им се понуди за да „нагрнат“ во Македонија и да извршат пресврт во развојот. Сведоци сме дури и на „чудо“. Што повеќе им се нуди, изгледаат се’ порезервирани. Се чудат што земја сме кога домашниот бизнис не може да се пројави како носител на развојот, а толку поволни услови   им се нудат ним. Тие не знаат или некои не сакаат да знаат дека условите за инвестирање на домашните инвеститори се дискриминаторски во однос на тие што им се нудат. Меѓутоа, очигледно е дека знаат оти таквата практика не може да трае долго, а тоа значи дека моменталната клима не е безбедна за долго време. Никаде нема да се увезува без царина, при преценет девизен курс на националната валута. Или десетина години да не плаќа персонален данок и продонеси од личен доход, а платите се рекламираат со износот на минимална плата, како најниски. И тн. Никојпат не се знае до кога е можна таквата практика, бидејќи привилегиите на странците се алиментираат од даноците и придонесите што ги плаќа домашниот бизнис, а тој е веќе во тешки проблеми (осуден на борба за преживување). Неизвесноста колку ќе траат поволностите веќе ги декуражира странските инвеститори во поголем број и со повеќе средства да се лоцираат во земјата. Како инаку може да се толкува тоа што странските инвестиции во Македонија во десетте месеци од минатата година се помали за околу 14 милиони евра отколку во истиот период од 2013 година.  И тоа  покрај поинтензивната пропаганда и бројни патувања во светот за привлекување на странски инвеститори. Податоците покажуваат дека дури и во годините кога немаше таква пропаганда и бројни патувања по светот странските инвестиции беа значително повисоки од тие во изминатите две години. Вкупните странски директни инвестиции во 2006 година изнесуваа 344,8 милиони евра, во 2007 година-506 милиони евра, во 2008 година-399,9 милиони евра, во 2009 година-145 милиони евра, во 2010 година-160,5 милиони, во 2011година -344,4 милиони евра, во 2012 година- 111,2 милиони и во 2013 година-252,2 милиони евра. За 2014 година се очекуваше влез на околу 300 милиони евра странски инвестиции. Да се надеваме дека годинава ќе биде   подобра. Сепак, не смее  да се остане на надежите во странските инвеститори. Мора да се направи пресврт во мотивирањето на домашните, иако за тоа се неоходни промени во развојната стратегија. А, промените, кога–тогаш мора да се извршат, без разлика на нивото на странските инвестиции, затоа што нема одржлив развој без мотивирани домашни инвеститори. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД