23 Април, 2024
0.0281

Приказна за IV-ге

Објавено во: Колумни 25 Август, 2018

Добивај вести на Viber

„Четврти клас гимназија остана зад мене како куфер заборавен на багажникот на возот што патува во непознат правец“ напиша луцидниот филмски генијалец Емир Кустурица, кој се поуспешно се пробува и како пишувач. Попригодна реченица здравје за почеток на една убава приказна.....

Нашата генерација заврши гимназија во учебната 1967-68 и годинава слави половина век(плус една) од матурирањето.

Започнавме во земјотресната зима во 63-та во Четврта скопска(другите три беа Женска,Мушка и Орце Николов) во хангарите во дворот на училиштето „Ѓуро Салај“ во Кисела Вода, подарок за Скопје од кралството Велика Британија, заедно со постарите гимназијалци од објектот кај балетската школа и црквата Елена и Костадин(кај што е сега ГТЦ) урнат во страотниот налет на стихијата што се закани да го збрише древниот град од лицето на земјата. Повеќе време трошевме на акции за обнова на градот отколку на настава, младински бригади слични на оние што градеа автопати и стопански објекти,а пролетта се преместивме, повторно како потстанари во „Браќа Рибар“. Тука и завршивме гимназија во четврта смена што почнуваше од три и петнаесет(зимно време скоро во темница).

Цел ден беше наш, а при крајот на настава. Игравме мал фудбал на игралиштето во дворот,баскет но и фанта позади зградата со маалските мангупи, навечер мерак, право на корзо сосе училишните чанти и црните работни облеки што ги остававме по влезови и скришни места во паркчето кај бараката на „Хотел Македонија“. За  малку ќе заборавев игравме канаста до бесвест по станови на наши соученици каде што работеа и двајцата родитела, игра што малкумина во градот ја знаеја(се играше на плажа глад и реми,а насекаде по жбунови и скришни локации покер на ќар како што знаевме стручно да се изразиме)....

Некој ќе праша па дали овие воопшто учеле.Учевме и тоа како! Нашиот клас беше страотно силен и компактен, со здрава конкуренција кој повеќе ќе знае и покаже. Средна оценка ќе беше 5,00 ако не бевме ние неколкумина од третата редица од кај вратата што бележевме и по некоја четворка и подолу.....Во другите класови од генерацијата исто така силни и признати ученици,но не како нас од Г, англиски клас математички смер, (се учеше и француски и германски). Здраво ривалство и беспоштедна борба за приматот на најдобар клас во гимназијата која со тек на време од опашката си дојде на врвот на образовниот процес во градот, каде што е и ден денес.

Да не бидам машки шовинист и девојките во воншколски активности беа за машала, учеа средно музичко и свиреа клавир, членуваа во фолклорни КУД и често отсуствуваа поради турнеи(посебно се истакнуваа девојките од Домот за деца без родители покрај Вардар во Маџар маало). Во саботите и неделите се знае рано поладне на игранка каде што со заглушувачка музика настапуваа безбројните ВИС-ови,од кои некои станаа и мега популарни и на Југо сцената. Познати беа матинеата во Фискултурна, Бугарската гимназија и во Пролеќе, кои понекогаш ќе завршеа со тепачка, но само со расчукани и раскрвавени носеви се поради нарушени машко-женски правила (си му ја поканил симпатијата за игра која пред тоа го одбила, на пример). Ја слушавме до бесвест „Дилајла“ и „Жената на мојот пријател“(Том Џонс и Енрико Масијас), се поделивме слично како партизановци и звездаши, на поддржувачи на Битлси и на Ролинг Стоунси, слушавме Радио Луксембург и читавме Џубокс магазин.

А кога ќе дојдеше лето, е тоа беше посебна приказна. Се сеќавам кога само што заврши учебната, не знам која година,четворица од познатиот клас со предзнакот Г, се ишишавме до глава, значи лустер и на врвот на Водно останавме неколку дена на спање под шатор и јадење сува храна од конзерви, но на играње канаста до изнемоштеност (дури се гледа). На името на чуварот на планинарскиот дом не се сеќавам но на мазгата што тој ја имаше да, се одзиваше на Марија. По втора и трета година запукавме на море (се другари и другарки од клас) со шатори што верувам ги немаше слични во ниеден камп (со турски бел со висок јарбол како оној на бајазит од Косово и полско шаторче од Полска со катанче каде што спиеја девојките, заради сигурност). Еднаш бевме во Башка Вода, а вториот пат во Макарска...Цело лето висевме у Кермез и Официрска, понекогаш и во Кампинг, одевме на плажа на Вардар, со сирење, патлиџан и голем параман леб, а вечерта на корзо (стоевме и се собиравме пред Коператива, а потоа се растураме во парови у кино или у парк зависи колку ја пуштаат девојката од дома (–у десет да си пред улаз). Не знам зошто за диско не бевме многу мераклии, што не значи дека не ја следевме модерната и популарна музика на тоа време. Почнавме во одредени денови од неделата да го посетуваме киното на Работнички дом каде што Мице (Михаил Бошковски) со група љубители на модерните музички текови седејќи како на филмска претстава ги преслушуваа најновите плочи што тој ги добиваше од странство на супрафон или некоја друга марка ќе да беше ги коментираа и пренесуваа новости од Њу мјузикл експрес и другите понедостапни извори за нас обичните шизици и корзаџии.

Без никакви проблеми,мислам тука на школото и секојдневието во гимназијата еве не и на последната година. Патем со неколкумина паднати борци (така ги викавме оние што не ја издржаа битката со предметите и професорите) и преминати во други средини по нивна волја еве не пред матура, а пред тоа пред матурската вечер. Се подготвуваат во најстрога дискреција фустани и фризури од типот високи пунѓи а ла Тереза Кесовија и мачкици како Катерина Казели, а ние костуми што се шијат кај Ахгелковски и останатите скопски шнајдери задолжително со тесни ќунк панталони под струк и сакоа со фалта и две копченца (како Ринго и компанија).

Не знам кој ја организира матурската но ја поминавме незаборавно во ноќниот бар на Гранд (игравме, замислите, на подиумот каде што некоја домаќинка изведувала стриптиз пред вчудовидените скопски мангупи). Ни свиреа и не забавуваа ВИС Вихори со Даниела Панчетовиќ, нејзините браќа Зоки и Лаки, Цуно и Моме, добри музичари и забавувачи. Влегувањето на прослава како на тепихот на Кански фестивал, се симнуваш по скали со придружничката која те држи под рака пред будните погледи на тетки и мајки што дошле да си ги видат чедата на свечениот момент. Подоцна дојде модата на организирани забави пред заминување на матурска (матурантот си отишол по придружничката со кола и подарок и цвеќе обавезно, а гостите полека се налеваат и трупосуваат со жолта и виски, мезејќи руска и кркајќи кифлички, за среќа у животу)..... Се раздени, матурската заврши излегуваме на Кеј, поседовме покрај Вардар се гледаме едни со други несвесни дека дојдовме и до овој степен, а потоа се упативме каде ако не пред Кермез (свежо е, а нам чувствата ни се испомешани, главно главите ни се жешки од пивото и вискито што го прошверцувавме во мали шишенца по внатрешните џебови од матурските сакоа.

Се зарековме дека често ќе се среќаваме, што никогаш не го исполнивме, се видовме на прослави на округли годишнини од матурата, констатиравме кој што успеал да направи односно што утнал да не исполни од соништата за иднината, годините што следуваа почнавме да се гледаме по погреби на наши соученици за што никој од нас не сака да се сеќава, не од суеверност туку од пустата желба да ни остане во главата и пред очите она низ што поминувавме пред годиништа со вкус на љубов, почит и бескрајна припадност кон генерацијата 48-ма. Имаме деца и внуци по некој, да не зборам дека имаме неколку двојки од клас што си го продолжија живото заедно (мора да се чувствуваат како на час по математика или физика, на пример). Стоиме пред возот кој наскоро ќе замине којзнае каде, куферот со 50 годишен шмек (демек година на призводство) останува на багажникот, а ние го испраќаме со искрена желба дека ќе го пречекаме на првата попатна станица, на крајната никако.......

Секој од наш клас си има своја приказна, ова е мојата!!!!!!!!

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок