28 Март, 2024
0.0326

Приказна за Миле румунец

Објавено во: Колумни 18 Август, 2018

Добивај вести на Viber

Умре набргу откако  од овој свет се прости неговата сопруга. Слушнавме со неверување дека заминал, некои велеа од пиење, други, пак, од шекер, никогаш не дознавме. Но како минува времето, од оваа временска дистанца, верувам, скоро сум сигурен....го уби тагата. Миле Румунец умре од жал за жена си!

Се до смртта говореше со некаква машавина на јазици во која не можеше да се прави разлика во буквите, но и во цели зборови. Миле Румунец беше шеф на Галеб, култниот угостителски објект сместен во една од бараките на поземјотресната општина Гази Баба. Гости му беа службениците на општината, жителите што имаа некаква административна работа. Тие ги правеа најголемите и најмрсни цехови, јадеа, пиеја, честеа, беа честени, пееја, лумпуваа. Ама Миле најмногу ги сакаше студентите од ПМФ. Живееше со нивните  проблеми, со неплатената кирија, со скриптите што тука се разменуваа, со паднатите испити и колоквиуми, со претскажаната судбина од превртените филџани, сочувствуваше со нивната тага и носталгија, ги тешеше кога беа  вљубени, а не им беше возвратено. Небаре им беше татко, постар брат, колега од факултет. Но, тоа го правеше со невидена леснотија, со доза на хумор и со неговиот препознатлив шарм кој му се лепеше токму на прекарот... Румунец! Остана запаметен по една реченица, наслов од детски цртан филм кажан на неговиот специфичен и својствен јазик што не избезумуваше од смеење: Клукај Петре Дрвцето. Ја повторуваше безбројпати, пак и пак, не здосадуваше. Можеби моментот секогаш беше нов!

Румунец заврши во бифето што  се наоѓаше под кулата кај супермаркетот во населбата Карпош, во непосредна близина на Драмски. Во него доаѓаа станари од околните згради, сите војни лица, мераклии за чашка, за добро мезе... убав муабет. На Румунец и овде му доаѓаа сите стари гости, трговски патници, општински референти, но и студентите од Галеб, сега, како кој, вработен, со фамилија, со деца, со поинакви обврски и проблеми. Сите беа добро примени и услужувани. Со истата насмевка, со истиот рефрен од цртаниот филм.

Една студена зима бев последен пат кај Румунец. Се подготвувавме за на Водно и бевме дојдени на по една за загревање, а останавме цел ден. Од планинарењето ништо, погодувате. Седеше со еден здодевен поднапиен нижи офицер. За секој испиен шприцер добиваше  по еден куршум за револвер. Доста куршуми собра тој ден. Се дури не дојде офицерката по пантофли, едра црнка, стегната во пењоар. Го испцу и речиси на клоци си го собра домаќинот, кој како Цуле одеше пред неа со свиткана опашка. Разгоропадениот бекрија наеднаш се престори во обично зрнце песок од некоја безимена плажа. Миле ни ја откри тајната на неговата слатка одмазда. Кога ќе дојде следниот пат истиот гостин и ќе посака да го чести, тој ќе пие вињак Рубин, односно прегорен шеќер со вода, а гостинот ќе се тапоса со вистинскиот Рубин кој по третата чашка почнува да делува и да те воздига до небо. Уште ја паметам насмевката на Миле Румунец...... Клукај Петре Дрвцето клукна за последен пат и остана како запис на лента во моите спомени! 


Приказната за Миле Румунец добива продолжение. Неговото семејство изрази желба да се сретне со мене, да ме запознае и да ми се заблагодари за текстот што кај нив предизвикал лавина од емоции, како е можно некој да се сети на нивниот татко, кој не е меѓу живите цели 38 години? Така, имавме убава и емотивна средба на која ги запознав ќерките Мирјана и Лилјана и синот Гоце, едноставни, простосрдечни луѓе, кои видливо возбудени, но и среќни сите скоро во еден глас ја раскажуваа долгата и интересна вистинска приказна за угостителската и бекриска скопска легенда Румунец.

Но, концизна и систематизирана биографија на својот татко ми даде Гоце Румун при повторна средба ослободена од емоции и на тој начин ми помогна многу да одговорам на неколку загатки поставени во претходниот текст.....Миле Трифуновски по потекло од гостиварското село Долно Јеловце ,како осуммесечно бебе во 1923 година е однесен во Романија, во Плоешти, каде што веќе живеат и работат таткото му и чичко му. Живеат во пространа трикатна куќа во чие приземје има слаткарница и кафеана. Работата оди убаво и успешно на општо задоволство на Трифуновци дојдени на печалба, впрочем како и многумина нивни сонародници од Македонија.Дома се збори романски,на школо се разбира, исто така,а по некој македонски збор учат од мајката.На дваесет години Миле иако веќе станал главен во кафеаната не издржал, носталгијата била посилна од се и и си дошол дома во 1943, а по неколку години и целото семејство.Во 54-та Миле се жени со Бранка која до крајот на нејзиниот живот ја нарекува мама Хуанита и со која има содржаен и полн со љубов и изненадувања живот(каков ќе биде поинаку на човекот угостител и боем).Таа потекнува од Србија од околината на Краљево (село Сирче во близината на гигантот Магнохром). Од куќата на улица Кукуш број 11, каде што и сега живее Гоце Румун во Парк маало Миле им наоѓа чаре еден по еден на сите блиски со кои живееле заедно седумнаесет на број (за сите води грижа) и на крајот купува еден кат од куќата од сопственикот русин кој се вратил во Советскиот Сојуз, а куќата ја направил како вила за сопругата со која живеел во Ристиќева палата.

Миле почнал да работи како келнер во ресторанот  на скопската железничка станица, потоа бил келнер, а набргу и шеф во ресторанот на Балкан-бавча, а по неговото уривање (сега е таму домот на АРМ) добива работа како шеф во ресторанот Галеб. Во меѓувреме, воспоставува угостителски ред во рестораните на приземјето на Континентал (бил строг и правичен учител за младите колеги), а го разработува и бифето во доцните 70-ти години во приземјето на кулата кај супермаркетот во Карпош. Таму го снаоѓа смртта на Бранка, по која неизмерно тагува и секојдневно бара од Севишниот да го однесе кај неа.....за жал желбата му се исполнила во 1978 година да најде смирување покрај саканата мама- Хуанита.

Гоце Румун ми кажа и безброј важни и неважни пикантерии за родителите, кои ги оставиле сираци трите деца со по дваесеттина години......Најде начин (односно ги повикал скришум) и потомците Бранка и Миле (а како понаку да бидат крстени) да ги запознам, но и да се осведочам дека Румунец може да биде спокоен до Бранка оставил поколение за почит!!!!!!!


Мојсо Мојсовски 

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?