Добивај вести на Viber
Прилепската фабрика за челични конструкции „Металец“ повторно е во стечај. Според објавата во Службен весник, основниот суд во Прилеп ја отворил стечајната постапка врз компанијата на 17-ти овој месец по барање на доверителите.
По барање на доверителите, прилепската компанија „Металец“ по втор пат е во стечај, откако компанијата не успеа да го реализира планот за реорганизација, со кој на менаџментот му се даде нова шанса да работи и да почне да генерира приходи. Фактор дознава дека иницијативата на дел од доверителите е со цел да си ги наплатат побарувањата преку итна реализација на имотот кој се уште не е оптоварен со хипотеки. Доверителите имаат рок од 30 дена од отварањето на стечајната постапка да достават докази до стечајниот управник дали и колку се намирени со планот за реорганизација од 2010 година, но и да ги пријават своите побарувања. Рочиштето на кое ќе се расправа по основ на овие побарувања е закажано за август годинава.
Неофицијално, Фактор дознава дека менаџментот на фабриката за челични коснтрукции ја обжалил одлуката на прилепскиот суд за отварање стечај. За стечаен управник е назначен
Славе Стојаноски, кој неодамна за Фактор изјави дека негова работа е повремено да врши надзор и контрола на фирмата, но за детали од работењето упати на менаџментот на „Металец“.
Наместо да го реорганизира производството, „Металец“ генерира се поголеми загуби
Според податоците од годишната сметка на прилепски „Металец“ објавени до Централниот регистар, минатата година, компанијата остварила приходи од вкупно 220 илјади евра што е за 68% помалку од 2011 година, и загуба од 161 илјада евра.
Капиталот на фирмата е во минус од 863 илјади евра, а намалени се и залихите кои се во вредност од 721 илјади евра. Во моментот во фабриката работат 22 вработени.
Доверителите обвинуваат дека наместо да бараат нови договори за работа, менаџментот го раскрчмува имотот на компанијата и вегува во нови долгови.
Директорот
Трајко Милков за Фактор неодамна оптимистички најави дека сепак до стечај нема да дојде оти фирмата веќе ги подмирила долговите кон доверителите.Тој тврдеше дека за лошите резултати не може вината да се бара само во раководството затоа што и фабриката имала побарувања од близу 250 илјади евра, кои подолго време не можела да си ги наплати.
Инаку, од рестартирањето на „Металец” најмногу очекуваа близу 200-те работници кои останаа со три неисплатени плати, неплатени придонеси и без работа. Сите надежи беа свртени кон словенечкиот акционер „Цесте Мостови “ кој има 20% од акциите на „Металец“ и од кој се очекуваше да го прошири производството со конкурентни производи на пазарот , но од неодамна и оваа компанија отиде во стечај.
Најголеми доверители на прилепски „Металец“се Управата за јавни приходи, Стопанска банка Битола, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и вработените.
С.Н.