02 Мај, 2024
0.0271

Примаков – сè, само лидер не!

Објавено во: Колумни 03 Јули, 2015

Добивај вести на Viber

Во понеделникот што измина во Москва беше погребан Евгениј Примаков, поранешниот премиер, министер за надворешни работи на Русија, прв човек на разузнавачката служба, доктор на економски науки, арабист, новинар-дописник од арапскиот свет, ѕредник и пред се човек кој и служеше на својата таковина, човек кој се вгради во темелите на современа Русија. И над се', тоа го признаваат сите, човек кој не лажеше, не крадеше и не беше корумпиран. Евгениј Примаков, како што се гледа од горното, никако не беше еднозначен човек. Се сеќавам во 1996  година, кога стана министер за надворешни работи на Русија, неговото назначување беше прифатено со олеснување. И тоа од сите. Прво, претседателот Борис Елцин, на прагот на претседателските избори, болен и со популарност која беше во нагло опаѓање, го тргна од министерското место Андреј Козирев, кој важеше за проамерикански настроен и виновен за дипломатските неуспеси на Русија. Второ, тој мораше да го повлече Козирев, бидејќи меѓу народот не го сакаа и го сметаа за експонент на либералите и олигарсите. Дипломатите од министерството го засакаа дека им го врати дигнитетот, кој беше урнат и можеби беше прашање на време кога министерството ќе стане распаднат систем. Примаков за две години, колку што беше на таа функција изгради кариера и на политичар, а не само на човек од специјалните служби. Во 1998 година Примаков беше назначен за премиер на Русија. На тоа место дојде во разгорот на економската криза-банкротот на Русија. За осум месеци, колку што се наоѓаше на тоа место, тој направи две големи работи, по кои стана уште попопуларен во Русија и дури го загрози претседателот Елцин. Тој не беше „пион“ во рацете на претседателот, како што е обично во Русија до дне денес. Повеќе ја слушаше јавноста и парламентот. Прво, ја стабилизираше економијата по банкротот,и второ, стана творец на изразот „повеќеполарен свет“. Сето тоа го чинеше оставка, само после осум месеци откако седна во премиерската фотеља. На економски план тој не брануваше многу. Не почна да печати пари. Државата веќе имаше формирана пазарна инфраструктура. Ја девалвираше рубљата, што економистите го сметаа за оправдано во таа ситуација. Направи први чекори кон сопирање на грабежот на државните добра од страна на олигарсите, како и првите чекори во борбата со корупцијата. Во една реченица, ја стабилизираше дури и политичката ситуација, а не само економската.Тие години тој, ја даде изјавата дека во Русија ќе нема општо преиспитување на приватизацијата, за што се залагаа многу политички сили, особено левите. Според него може да се преиспитува приватизацијата само онаму каде што се покажала несупешна. „Компаниите кои работат успешно, кои ги исполнуваат обврските кон државата и кон вработените, нема да бидат подложни на преиспитување на приватизацијата“, изјави тогаш Примаков. Наредбата да се врати авионот назад кон Русија, кој беше само на два часа пред САД, каде што одеше во посета, како реакција на почетокот на бомбардирањето на Југославија од силите на НАТО, беше знак дека и во Русија има човек кој во тие години може да им покаже на Американците дека Русија може да каже „не“. Тој беше првиот човек кој проговори за „повеќеполарниот свет“, за свет во кој САД ќе треба да се помират дека има и други полови, како што е Русија, Кина која беше во подем, како и ЕУ и други земји. Се смета, а не е далеку од вистината, дека Русија до ден денес ја води таа негова политика. Сето ова влијаеше кај обичните Руси кон него да гледаат како кон нов претседател и наследник на Елцин. Но, она што сака народот не секогаш се исполнува. Така не мислеа олигарсите, кои го сметаа за закана особено по најавите за преиспитувањето на работењето на некои нивни компании. Главен играч од нивна страна беше неизбежниот заткулисен играч. Борис Березовски. Тие денови тој знаеше дека може да биде уапсен и избега на „лекување“ во странство, а се врати по сменувањето на Примаков.Тој беше близок со семејството на претседателот Елцин, посебно неговата помлада ќерка Татјана Дјаченко, се зборуваше дека е дури и нивен финансиер. Елцин, олигарсите и „фамилијата“ не можеа да се помират со популарноста на Примаков и со помош на медиумите на олигарсите направија се болниот претседател да го смени Примаков, а подоцна, за свој наследник да го назначи Владимир Путин. Овој беше поитар, па веднаш се пресмета со Березовски, кој за 24 часа избега од Русија. Во една анкета тие денови дури 81 процент од испитаниците негативно се изјаснија кон потегот на Елцин. Деновиве некаде беше напишано, со право, дека реакцијата на јавноста тогаш беше млака. Во смисла дека „Епохата на Елцин е пред крај, сеедно, нов претседател ќе биде Примаков,па, да ги издржиме уште неколку месеци кремљовските „игри“. Но за жал, така не се случи. Мала дигресија, се ми се чини дека така ќе биде и кај нас, доколку го уапсат Зоран Заев. Ќе чека народот власта сама да замине. Примаков по оставката се вклучи во политички води, но како политичар не успеа. Се виде дека не е лидер, дека не е подготвен за освојување на властa. А можеше само да се договори со некои од олигарсите и нивните медиуми. Чесноста и оданоста кон изградба на ново општество, без крадци и олигарси, не му дозволија да направи таков чекор. Многу години по ова, во едно интервју, кога го прашаа за слободата на медиумите во Русија во време на Путин, тој застана на негова страна и праша, „А дали медиумите беа послободни во време кога нив ги имаа олигарсите?“ Очигледно никогаш не го заборави медиумскиот погром врз него, воден од тие медиуми. Можеби ваквиот однос придонесе да ја прифати функцијата да биде претседател на Трговско индустриската комора на Руската Федерација, каде остана долги години, но и верно служеше на интересите на Русија и на Владимир Путин. Американците уште од почетокот не го сакаа Примаков. Тој беше близок со Садам Хусеин, со други арапски и курдски лидери. Тој демонстрираше самостојност во руската надворешна политика. Но сепак, настојуваше на дијалог. Хенри Кисинџер, по повод смртта на Примаков изјави дека: „Многу години имав задоволство да водам со него бројни дијалози за глобалните проблеми, за односите меѓу САД и Русија, а и за животот воопшто. Примаков беше вистински патриот на Русија кој ги штитеше интересите на својата земја, притоа со должна енергија и мудрост. Притоа тој беше иновативен во обидите да се подобрат односите со други држави, во тие рамки, што е најважно, со САД. Во време кога се зголемува нестабилноста во светот, на сите нам ќе ни недостасува неговиот мудар совет и добар хумор. Ќе ми недостига вистинскиот пријател“. А Мадлен Олбрајт вели дека Примаков бил прагматичен дипломат, кој гледал нови можности за партнерство меѓу Русија и Запад после завршувањето на студената војна. Надворешно политичките квалитетите на Примаков и неговите геополитички визии искажани пред десетина години имаат голема актуелност до ден денес.  Во 2003 година во интерву за францускиот весник Фигаро, го прашуваат дали е согласен со ставовите на Самуел Хантигтон, кој уште до терористичките напади во Њујорк го претскажа судирот на цивилизациите во кој радикалните исламисти ќе му се спротивстават на целиот свет. Примаков одговара дека воопшто не се согласува, бидејќи кога се зборува за радикални исламисти се мисли на екстремисти, но не и претставниците на умерениот ислам. „Линиите на поделби кои што ќе ја определуваат стабилноста во светот во иднина веројатно ќе минуваат низ муслиманските земји. За да се избегнат можните судири треба да се потпира врз здравите сили во светот, меѓу кои муслимански и световни држави... На прашањето зошто се залага за повеќеполарен свет, кога американската хегемонија противречи на неговото залагање, Примаков одговара со контра прашање: „Ако денешниот свет е еднополарен, објаснете ми зошто САД, кои сами ја почнаа војната во Ирак сега бараат помош од други држави за да се спротивстават на создадената ситуација. Секако Американците се посилни од другите на економски и воен план, но тие не го создаваат единствениот пол околу кој треба да се врти целиот останат свет. Поавтономна и понезависна Европа не остава единствен пол во власта. Или Кина, верувати ли вие во тоа дека Кинезите ќе се потчинат на притисок од САД? Секако, не. Ете ви уште еден пол на хоризонтот на власта. Повеќеполарноста е клучот на стабилноста“. Во интервју за BBC, во 2004 година, за развојот на ситуацијата на Украина во разгорот на „портокаловата револуција“, тој ќе истакне: „Ми се чини дека стремежот на источна Украина да го каже својот збор се темели на мнението дека во тој дел од државата, која создава 70 проценти од БДП на земјата, не се почитуваат луѓето кои кои претендираат да се дојде до справедливост.“ Тој додава дека му се чини дека таквата позиција се поддржува од Запад. И не само што се поддржува, туку може да се смета дека Запад стои зад многу од тие настани. „Тие, ми се чини, не разбираат кон што може да доведе тоа. Тоа може да доведе не само кон раскол на Украина, туку и најнегативно да се одрази и врз Русија. Многумина кај нас ќе почнат да размислуваат, дајте да го затегнеме менгемето, за да не дојде до такви последици и кај нас во Русија.“, вели Примаков. Тоа што тој го зборуваше пред повеќе од десет години денес е стварност. Или пак за кризата на еврото во 2010 година. Тој ќе изјави: „Кризата на еврото е структурна. Таа се должи не само на лошите буџетски политики, туку и на фактот, дека во ЕУ валутата е наднационална, а економиите остануваат национални. Таа објективна противречност го влече еврото надолу, но тоа нема да доведе до распад на Унијата. Во финалето на кризата, според него, најверојатно ќе се зголеми дистанцата меѓу 16-те земји од јадрото на ЕУ и останатите, кои се со послаби економии. Конечно неколку збора за Примаков и Македонија. Во однос на нашата земја тој водеше прагматична политика. Впрочем и како во секој друг поглед. При посетата на владино стопанска делегција на Русија, предводена од премиерот Бранко Црвенковски, таа ја посети и Трговско индустриската комора на Русија, на чие чело беше Евгениј Примаков. На руско-македонскиот деловен форум, Примаков, реагирајќи на изненаденоста на македонските стопанственици од промената на Москва, на стопанствениците им посочи дека, можеби нема да бидат конкурентни во неа, но затоа, пак, ги упати да одат во внатрешноста на Русија, бидејќи и таму има работа, посебно за градежништвото и производството на мебел. Во една посета на Бугарија во 2010 година, Примаков, при промоцијата на една од своите книги, одговарајќи на прашање од присутни рече: „Според мене нема македонски јазик. Има бугарски јазик“. Со ова ги наполни срцата на многумина загрижени Бугари. Македонија, пак, две години подоцна му се оддолжи со избор за член на МАНУ надвор од работниот состав. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина