30 Април, 2024
0.0242

Присилната наплата ги откри слабостите на даночните служби

Објавено во: Колумни 23 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Со последните активности на Управата за јавни приходи  за интензивирање на присилната наплата на обврските  од граѓаните по основ на данок на имот и со објавувањето на листата на најголеми должници кон државата по основ на неколку видови данок (со намера да се изврши притисок врз должниците благовремено да ги исполнуваат обврските) се најави отворена борба за зајакнување на финансиската дисциплина на граѓаните и фирмите спрема обврските кон државата. И колку да се болни потезите, тие имаат целосна општествено-економска оправданост. Но, дали со оваа фраза може да се оправда се’ што се случува во практиката во врска со  (не)плаќањето на даночните обврски спрема државата? Причините за изразениот револт на граѓаните во врска со присилната наплата од трансакциските сметки на граѓаните и за незадоволството на фирмите од „црната листа“ заслужуваат потемелно внимание. Неплаќањето или нередовното плаќање на даночните обврски често е последица  на нестручно и неодговорно однесување на поединци во даночните служби во прибирањето на утврдените даноци. Запрепастувачки е  што се’ се крие зад „строгоста“ на даночниците во присилната наплата на данокот на имот. Се блокираат за наплата или се наплатуваат даноци од трансакциски сметки на граѓаните за кои воопшто, со години, не се доставени решенија за износот и станбената единица која се оданочува. Под присила се и граѓани кои продале определени станови, па за истиот стан и натаму им се бара да платат данок на имот, иако новиот сопственик веќе станал даночен обврзник. Да не зборуваме за повикувања за плаќање на данок за станбени единици кои не постојат или се водат на адреси на кои даночниот обврзник нема сопственост. Ова се пропусти кои не можат да се оправдаат со ништо. Тие само говорат за неуредност во евиденцијата на даночните обврзници, за што не се виновни граѓаните, туку даночните служби. Очигледно е дека во многу случаи тие не си ја завршиле работата за да можат да пристапат кон присилна наплата. Притоа,  покажуваат  и арогантност која го вознемирува граѓанинот. Како да се чувствува човек кога даночникот ќе му тресне в лице дека вината за неплаќањето на данокот лежи кај него, бидејќи не се пријавил за да плаќа, а тој со години за истиот стан плаќал данок (во законот, обврската за пријавување на данок на имот настанува само ако дојде до промена во измотната состојба на обврзникот) . Или, кога, во иста ситуација, повторно ви побараат да донесете имотни листови, а веќе сте плаќале данок за соодветните станбени единици. А кога ќе им укажете дека и даночниците можат самите да го обезбедат тоа (според принципот на едношалтерски систем во управната постапка) се потсмеваат и дофрлаат- „заборави го тоа. Донеси имотен лист за да не ти се блокира трансакциската сметка и да ги избегнеш трошоците што ја следат постапката за присилна наплата“. На граѓанинот не му останува ништо, туку да го побара  решението за плаќање на данок поради кое е покрената постапка за присилна наплата (инфромацијата за тоа се добива од банките, без однапред доставено решение за плаќање на данок или предупредување дека данокот не е платен и дека ќе се покрене постапка за присилна наплата) и брзо да го плати износот, за да не му ја блокираат сметката. И да размисли дали не треба да се пожали за арогантноста на даночните службеници кои, без било каква негова вина, му го нарушуваат спокојството и мирот. Сакам да верувам дека „арогантноста“ на даночниците не е нивно доминантно однесување, иако, гужвите во управите за јавни приходи и во банките укажуваат дека таквото однесување не се за занемарување. Колку и да е, треба да му се стави крај. Факт е дека многумина ги искусија неоправданите прекори за наводна вина во врска со неплатените даноци и со наведнати глави побрза да ги платат даночните обврски по решенијата кои не ги добиле според законска процедура. Најлошо е што службениците не се свесни дека мораат  да ги почитуваат и да постапуваат според законите, а не да се поставуваат над нив и да креираат споствени постапки, спротивни на законските. За да нема недоразбирање уште еднаш ќе кажам дека е за поздравување напорот да се обезбеди граѓаните да ги плаќаат даночните обврски. Тоа е во интерес на сите граѓани. Но, не е неважно на кој начин даночниците ја извршуваат задачата. Се стекнува впечаток како тие воопшто да не си ја знаат работата или не ги интересира законската постапка. Се чувствуваат сигурни во правото да го наплатат данокот и во тоа покажуваат невидена ароганција. Со тоа се легитимираат кон актуелната власт како успешни наплатувачи на обврските кон државата. Но, со таквото однесување нејзе и’ прават и „мечкина услуга“. бидејќи создаваат незадоволство кај малтретираните граѓани, а тоа оди на сметка на власта.   Да се надеваме дека тоа брзо ќе се сфати, и пред незадоволството да се претвори во револт, ќе ги натераат даночните службеници да ги прочитаат и применуваат законските обврски во остварувањето на нивната главна задача- собирање на данокот. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД