Добивај вести на Viber
Деветмина вработени во „Македонска Пошта“ заработија 30 дневен притвор. За нив има основано сомнение дека со своето несовесно постапување помогнале двете, засега сеуште непознати вооружени лица, пред еден месец да ја ограбат поштата во Чаир. На 26 јули, крадците влегле преку необезбедена и незаклучена врата од службен влез, од каде што украдоа над 200 илјади евра.
Вработените во пошта сега се сомничат дека овозможиле неконтролирано влегување и излегување од службената врата, поради што им е изречена мерка притвор од 30 дена. Како што информираа од МВР, притвор добија управникот на поштата во Чаир, двајца контролори, главниот благајник и двајца соработници за безбедност, потоа шефот на обезбедувањето, двајца поштари и еден раководител на службата за внатрешна контрола.
На двајца од нив Основниот суд Скопје 1 мерката им ја изрече во отсуство бидејќи се недостапни за полицијата. Според „Утрински весник“, станува збор за сопруга и ќерка на поранешни функционери на ДУИ, а притворот ќе се активира кога двете осомничени ќе бидат пронајдени.
„Две непознати маскирани лица, во пошта Чаир влегувајќи преку необезбедена и незаклучена безбедносна решетка и врата од службениот влез, влегле во ходникот пред втората заштитна решетка која исто така не била заклучена, потоа во просторијата на благајната, каде исто така имало безбедносна решетка и врата кои не биле заклучени и затворени, согласно безбедносните прописи и правила. Со закана со пиштоли врз четвртиот пријавен И.А.(40) и поштарот А.С.(44) од Скопје, земале две вреќи со парични средства од Буџетот на Македонија за исплата на корисници по основ на родителски додаток, посебен додаток и додаток за новороденчиња“, појасни изјави Марија Јаковлевска, портпарол на МВР.