19 Април, 2024
0.0255

ПРКОСОТ И ЖИВОТОТ

Објавено во: Колумни 26 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Овој текст напишан деновиве го сублимира сето што би имал да му го пренесам на еден голем бард на Македонскиот пишан збор кој неодамна ме исправи пред дилемата – Дали со мојата поддршка на Референдумот и декларирањето ЗА на референдумското прашање не ги мешам коските на моите предци кои сите до еден на свој начин се вградија во темелите на оваа парче земја кое љубоморно го чуваме и се вика Македонија?

Овој драг семеен пријател пред чиј секој негов стих инаку се поклонувам, несомнен Македонски гениј на зборот и играта со словото со само едно прашање ме натера да ги отворам семејните албуми, да ја забришам прашината од сликите и да нурнам длабоко таму каде што одамна не сум се излажал да се вратам. Во само една вибрација, за само еден круг на електронот околу нуклеусот, и во само еден дел од мигот Пандорината кутија на совеста зашкрипи, а веригите на памтењето се занишаа. Почна трката со себе и на потребата да се одговори на секое прашање и немаше ништо рамно. Ноќните разговори станаа секојдневие, духовите ги напуштија страниците на книгите, а мислата ја доби битката за патување низ времето. Во тие неколку дена се одмоткаа сите замрсени фолии на филмовите од едно среќно детство, од време кога никој не можеше да го претпостави небидниот живот што ќе ja прати Македонија како глува кучка и калта во која ќе се прпелкаат цели генерации безмалку триесет години. 

После неколкудевна потрага по долапите на умот и паметта разгореа многу спомени, што носталгични и драги, други пак пламени како врвот на коприва, а трети пелин горки, тивки и притаени. Од сите нив имаше само едни кои исто време жареа и беа драги, беа и горки и благи и даваа потстрек и кураж за тој што ги сочувал

- За напред да ни врви родот, пишано е курбан да одам. Чувај ги сестрите и гледај напред! Со тие зборови војводата Поп Ѓорѓија го испратил својот син и мој дедо од местото каде што час подоцна е стрелан од тогашната српската жандармерија. Бил борец за подобро утре, Илинденец, заштитник на народот – предаден од истиот народ, од некакви матни, нејасни души на лицемери какви што виреат и до ден денес. Идеалистот, посветен и затворан за верата и борбата – на вратот покрај крстот обеси и реденик, а на појасот под доламата нагант до Библијата. Не дека не ја знаеше моќта на нагантот, ама беше свесен дека се чува со ум, тоа што е извојувано со куршум. И напредија само со ум и книга се има и со студена глава, велел. Напати знаел да каже дека некои одлуки не се брзаат, но тие пак што доцнат ни Господ не ги дарува. Во таков дух и со тие зборови растел мојот дедо, а по него мојот татко и конечно сите ние кои денес сме  наследници на нивните идеи, дела и спомените за нив. Во зеницата се чувале со векови почитта, љубовта, искреноста, радоста и желбата за подобро и вербата во себе, во животот и иднината. Пркос, гнев и желба за правда имало на претек, но мудроста и студената цевка на нагантот некогаш биле помоќно оружје и од најсилната орда. Така и еден ден во септември 1913-тата, на згаснувањето на Охридското востание, компромисот бил изборот за живот. Неговиот, за животот на неговото поколение и неговата фамилија. Пушката, тој верен другар, за прв пат остана нема и мирно лизна крај ногата. Кошулата се распетла на градите, а очите параа по небото молејќи ги ангелите да се стрпат уште еден миг. Тој миг раката минуваше низ косата на детето, усните го целиваа умното чело и му шепотеа тивко кураж и верба. Војводата рано го имаше вкусено животот на сирак, и знаеше дека остава уште еден зад себе кој ќе треба да го турка тркалото на животот по угорнината на разгорените балкански беспаќа. Му посака на тој пат да не остане сам.  - Гледај ми напред синче! Потоа небото се заврти пред очите, а облаците над Дебарца заиграа некоја чудна ига. 

Тој студен Септември одлуката на нашиот претходник значеше живот за многу генерации. Неговиот пркос и отпор ќе беа смртна пресуда за најблиските. Времето покажа е дека не изгубил, туку нé добил сите нас и добил дом во кој живее споменот на него и неговата мудрост, неговата храброст и безусловна татковска љубов. Уште поважно овозможи генерации знајни и незнајни негови потомци да живеат, создаваат и да го пренесуваат зборот за борбата, името, земјата и сé што е свето за нашиот род. Тој овозможи, драги пријатели, денес и јас да ја раскажувам оваа семејна историја и во многу нешто ме задолжи со иста мерка и желба да мислам за тие што доаѓаат по нас. Тоа би значело дека да беа живи нашите дедовци, борци за слободна и напредна Македонија, не само што ќе не поддржеа да гласаме ЗА, туку и ќе не подучеа како се сака животот и како се одржува и брани, некогаш со пушка,  некогаш само со мастило и чиста и чесна мисла.

Неволно споделувам од семејната интима и историја, но ова е единствен начин на кој можам да дојдам со одговор за прашањето кое го добив, а самото се преведе во едноставна верзија како – „Пркос или живот?„ Тоа е истото прашање на кое моите предци пред сто и пет години одговорија давајќи и шанса на можноста да се опстане, да се живее и просперира и да се стане човек во секое најсуптилно значење на универзумот на овој збор. Јас го правам истиот избор.

Затоа денес од многу причини причини, недвосмислено и при чиста свест и совест ги повикувам сите кои мислат на сегашните и идните генерации да излезат на 30-ти септември, да стават крај на триесетгодишниот чемер и лет во место и да донесат вистинска татковинска и родољубива одлука за идната Европска Македонија.

Aнте Попоски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок