01 Мај, 2024
0.0241

Проблематична елита

Објавено во: Колумни 27 Април, 2015

Добивај вести на Viber

По обзнанувањето на „бомбата“ од Брисел, со која се инсистира на испитување на  содржините од снимените материјали, во кои се открива начинот на владеењето на  ДПМНЕ-овската врхушка, станува евидентно дека разрешувањето на актуелната политичка криза  во земјата ќе мора да заврши онака како што не сака власта. Имено, повеќе од јасно Европа испорача став дека е дојдено времето кога ќе мора да се  стави крај на авторирарното, самоволно и насилничко владеење. Демаскирањето на досегашниот начин на владеење  ги релативизира обвинувањата за „пуч“ на опозицијата и ги минимизира опасностите од политички договор кој, по извесно време, би се претворил во „тоалетна хартија“. Сознанието какви луѓе не‘ воделе и на кој начин, неуспеа да го разводни ниту настанот   со „хуманите терористи во Гошинце“.  Веќе ништо не може да го пренасочи вниманието на јавноста од тоа дека земјата е во длабока криза и треба да се бараат итни решенија во согласност со демократските практики на земјите на кои сакаме да им се приклучиме.  Инаку, зошто овие земји би не примиле во друштво  со водачи и елити  кои лажат, кои постапуваат незаконито и наведуваат други на незаконитости заради остварување на лични материјални интереси. Нема земја или сојуз кој би си дозволил во свое друштво да прими држава каде администрацијата е партизирана, каде судството и медиумите се под контролира на државата, каде функционерите ги омаловажуваат и се потсмеваат на граѓани кои тие ги довеле во неволја, на кои  и примената на физичка сила кон политичките противници не им е проблем.  На нашата елита веќе не им верува ни нашиот народ, а камо ли странците.  Па оттука, уште помалку, вакви какви што сме сега, некој би  посакал да не прими во свое друштво. Последното од нив што се очекува е да  поднесат оставки од морални причини со цел да се создаде простор за  објективна правна разврска за чинењето или нечинењето при вршењето на функциите, поради што земјата е во длабока општествено-економска и политичка криза. Тоа би било европско решение. Меѓутоа, се покажа дека елитата е далеку од таков морал.  Така не се постапи ниту кога се објави дека се повредени слободата и  правата на над 20 илјади граѓани (што говори и за распад на безбедносниот систем поради лошо работење на надлежните), ниту, пак, сега, кога со лесно се признава дека банди освојуваат гранични караули и заробуваат соработници на граничната полиција (што говори за нестручно и неодговорно вршење на функциите од страна на надлежните). Оттука, промени се потребни и во политиката и во економијата. Но, да бидеме објективни. Не е се‘ толку лошо во системот колку што поединци, самоволници во него, успеале да се наметнат и неказнето да делуваат противуставно и противзаконито.  Во недостиг на политичка култура тие сметаат дека штом ги избрал народот на избори можат да ги заобиколуваат и уставот и законите, со фиктивно „покривање“ на самоволните постапки. Забораваат дека нивна задача е да обезбедат функционирање на правната држава, а не нејзино разградување и трансформирање во партиска држава. Забораваат дека треба да развиваат пазарна економија, а не да ја супституираат и деформираат со водење на популистичка и етатистичка политика, поради што земјата е меѓу најсиромашните во Европа. Очигледно е дека прогресивните сили во земјата се пред големи задачи со оглед на тоа што неопходниот пресврт во развојот бара значајни  реформи речиси во сите сфери на општествено-економското и политичкото живеење, поради чие отсуство,  всушност, и дојде до искривоколчување на декларираниот демократски уставен поредок во партитократски и авторитарен режим. Овде треба да се има предвид дека до вакви деформации доаѓа и поради несоодветни решенија во системите, но и поради узурпација на власта од поединци и групи, поради нивните карактери и интереси, а во отсуство на поголема политичка активност на граѓаните, невладините организации, медиумите... Јасно е дека корекции во системот не е проблем да се извршат. Но, тоа не значи дека и доколку се извршат се  отстранува опасноста од узурпација на власта од поединци и групи. Власт, врз демократски принципи, не можат соодветно да извршуваат комплексирани, суетни, самобендисани, арогантни, немилосрдни, насилни, алчни луѓе. Карактерот им го оневозможува тоа. Луѓе со вакви карактерни особини, во земја со недоволно развиена демократска практика, лесно посегнуваат кон манипулации, затскривајќи се зад некои благородни идеи и проекти, за да ги остварат личните и групните интереси. Треба да се создадат изборни правила според кои изборот на носителите на власта ќе зависи од нивните карактерни особини и стручни способности, за да повторно не ни се случи проблематична елита.  Следните кога ќе дојдат на власт,  своите редови  ќе мора да ги пополнат со луѓе со интегритет, а не  „аминувачи“, затоа што прескапо би било за овој народ по незнам кој пат  да ја плаќа цената на погрешниот избор. Впрочем, воопшто не е евтино да и‘ оставиш на демократски „недоделкана“ елита да управува со вашите  пари и  вашата слобода . Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД