24 Април, 2024
0.0266

Проблеми поврзани со глобалниот режим за спречување на перење на пари

Објавено во: Колумни 04 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Кога се врши анализа на методите што се применуваат за борба со перењето пари на меѓународен план, најпрвин треба да се дефинира организираниот криминал. Многу често поимот организиран криминал создава имиџ на "мафија" која е добро организирана и има силна и ригидна хиерархија. Но, работите не се толку едноставни. За разлика од организираниот криминал во минатото кој беше извршуван од неколку формални или неформални групи, денес организираниот криминал е фактички "неорганизиран". Денес, се повеќе истражувачи се сложуваат дека организираниот криминал не изгледа како некоја корпорација со строга хиерархија, туку како збир од повеќе мрежи кои често оперираат во различни географски подрачја. Организираниот криминал всушност претставува збир од многу фрагментирани, локализирани и флексибилни мрежи на криминалци.

Ако се прифати тезата дека организираниот криминал не е организиран (барем не во една или неколку хиерархиско поставени групи), тоа создава голем проблем за борбата со перењето пари. Имено, ако субјектите задолжени за спречување на перењето на пари се соочуваат со јасно дефинирани криминални групи, тие ќе можат со примена на репресивни методи да ги лишат криминалците од уживање во плодовите на нивните активности. Но, репресивните методи немаат голем ефект кај "неорганизираниот криминал", зашто уништуваат само мал дел од криминалната организација, додека другиот дел продолжува непречено да работи. Уште повеќе, ваквата поставеност на современиот организиран криминал им овозможува на неговите приврзаници да уживаат во плодовите од своите нелегални дела уште пред да дојде до нивно гонење и евентуално апсење.

Терористичките напади од 11-ти септември дополнитено го искомплицираа концептот на борба со перењето пари. ФАТФнаправи обид да ги поврзе перењето пари и финансирањето на тероризмот, иако во суштина се работи за две, различни по природа, криминални активности (субјектите кои вршат перење пари најчесто поаѓаат од економски мотиви, а терористите од политички мотиви). Дури и најзакоравените бранители на тезата за поврзаност помеѓу перењето на пари и финансирањето на тероризмот признаваат дека "терористите не перат многу пари" (Њиллиамс), дека финансирањето на терористите најчесто доаѓа од легитимни извори (Митсилегас) и дека релативно скромни суми се потребни за изведување на терористички активности (Леви).

Притоа, треба да се нагласи специфичната улога што им се дава на финансиските институции коишто треба да водат сметка и за изворот на парите и за нивната дестинација. Финансиските институции се доведени во ситуација не само да се "борат" со нелегитимните приноси, туку и со легитимните, доколку истите ги поседуваат криминални организации. Таквата поставеност на работите уште повеќе го зголемува значењето на овие институции како едни од најзначајните „алки во синџирот“ кога е во прашање борбата со перењето пари и финансирањето на тероризмот.

 д-р Гоце Трајковски

Во текстот се изнесени лични ставови на авторот коишто не мора да кореспондираат со официјалниот став на Народната банка на Република Македонија

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок