27 Април, 2024
0.0288

Професори од сите факултети – обединете се

Објавено во: Колумни 16 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

“Ако црнецот од гетото мора вечно да биде хранет од раката која го турка во гетото, тогаш тој никогаш нема да стане доволно силен за да излезе од гетото”-Woodson. Оваа максима деновиве повеќе пати си ја поимам,  а секако повод и причина за тоа се предложените, простете ми што ќе ги наречам чудни и специфични, реформи кои се предвидуваат во високото образование. Во склад со гореспоменатата флоскула и реакцијата на универзитетската фела се плашам да не биде млака и не доволно гласна.

Доколку ресорното министерство или институциите на системот потхрануваат дел од професорската фела, се разбира на соодветен легитимен и легален начин, никогаш никој од нив нема да има храброст доволно силно и гласно да се спротистави на ниту една реформа која дирекно задира во неговата матична институција. Најчесто во такви случаи млако се даваат одредени коментари, повеќе во вид на предлози и тоа не на ниво на разумна критика со издржани аргументи, туку на едно суптилно ниво каде помалку се искажува блага критика, а повеќе се оправдува добрата намера на изготвителот која несреќно е протолкувана.

Малкумина од нас јавно говорат, стравот е влезен во коски

Та не сме саде ние, та не сме саде тука или препејано та не се саде тие тука, ние сме сите, заедно овде и сега, да се обединиме и заедно конечно да кренеме глас и воскликнеме громогласно ДОСТА Е, СО ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ НЕ СМЕЕ ДА СЕ ЕКСПЕРИМЕНТИРА.

Малкумина од нас јавно говорат, стравот е влезен во коски, некои се плашат да не претрпат соодветни санкции, други ја прифаќаат максимата молчењето е злато, а трети заради лични и егоистични интереси се скриле во глувчешка дупка и ниту ѕиркаат, плашејќи се да не ги види мачорот. А мачорот повеќе би рекла е разбеснет рис, простете ми на метафората, но само лут рис може да нападне ненајавено, брзо, молскавично и подмолно. Во тој контекст би ги нарекла и јас експресно предложените промени, на ниво на предлог закон, кој конципирани на начинот на кој се срочени, се сомневам дека ќе донесат подобрен квалитет.

И што е уште пострашно, се предлагаат во недела, ден кој за верниците, а повеќето кај нас така се декларираат, значи ден посветен на фамилијата и ден во кој се собираат плодовите на трудот од изминатата недела и се чествува со најближните, бидејќи нели и севишниот рекол-шест дена работи а седмиот ден одморај.

Ќе прифатам реформи кои ќе подразбираат повеќе инвестиции во образовната инфраструктура, во човечки капацитети, во зголемен фонд на материјални сретства за истражување и проекти од кои бенефит ќе имаат и факултетите и општеството

По природа сум оптимиста и секогаш сметам дека секое лошо за арно е, но ова не ќе да ми мириса на арно, посебно желбата по секоја цена да се опстои на ставот да се воведат промени во високото образование. Да не бидам погрешно сфатена, јас сум прва за реформи, но такви кој ќе донесат прогрес. На пример широкоградо и со отворено срце и душа ќе прифатам реформи кои ќе подразбираат повеќе инвестиции во образовната инфраструктура, во човечки капацитети, во зголемен фонд на материјални сретства за истражување и проекти од кои бенефит ќе имаат и факултетите и општеството.

Сакам реформи кои ќе значат повисоко ниво на размена со европски и светски универитетски центри, реформи кои ќе значат вклучување на примарниот и секундарниот сектор, на директен и индиректен начин, во високото образование, реформи кои подразбираат инвестирање во нови нагледни сретства на факултетите, зголемен обем на печатена и нова литература, континуирано усовршување на професорите и студентите, реформи кои ќе значат достапност на најновите учебни помагала, познати и признати ширум светот, реформи кои ќе донесат прогрес во образовната сфера во вистинска смисла на зборот.

Простете ми ама ако не е трагично ќе биде смешно

Вака предложените реформи не ми наговестуваат некое подобрување, напротив, ме плаши анимозитетот кој може да се јави кај оние кои ги скроиле. На што ќе се сведе проверката на знаења со неколку  прашања со понудени одговори...потсетува на оној познат квиз на времето-Квиско ве прашува, горење ве наградува или во случајов министерството ве прашува и истото ве наградува.

Простете ми ама ако не е трагично ќе биде смешно. Па така ли се проверува знаење и на крајот студирањето е индивидуален избор, а слободата на изборот е центар на демократијата. Оној кој избрал да студира ќе мине филтер на студирање и самиот ќе заклучи и осознае дали може и треба или не да се дообразува.

За иднината се работи

Се надевам искрено дека конечно професорската фела ќе ја сфати сериозноста на проблемот и ќе се обедини исклучиво околу една кауза и една идеја-а тоа е квалитет наспрем експеримент. Да се огласиме и да престанеме да бидеме неми сведоци на се што се случува во нашиот образовен кампус бидејќи имаме морална обврска, прво кон самите себе, а потоа и кон идните генерации.

Да не не изненади нов предлог и потоа да ни треба долго будење, бидејќи подолг период сме во коматозна состојба и не е време за презимување. Па впрочем и затоа сме интелектуална елита и секој на себе својствен начин треба да направи нешто, за себе, за фелата, за образованието, за своите деца, за своите ближни....За иднината се работи.

Д - р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД