14 Мај, 2024
0.0546

Промени vs. Рутини

Објавено во: Колумни 16 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Винстон Черчил рекол: “За да бидеш подобар треба да се менуваш, за да бидеш совршен треба да се менуваш често“. Многу длабоки и вистинити зборови кои треба да не замислат сите нас. Колку навистина се менуваме, колку лоши навики сме замениле со добри, колку всушност сме спремни да се менуваме и да дозволиме промена? На работното место, секој од нас има одредени задачи кои треба да ги заврши во определен рок. Некои од нив се нови, некои од нив се повторуваат почесто. Интересен е феноменот што секоја личност и компанија бара начин да ги симплифицира и стандардизира активностите кои ги извршува во текот на еден ден. Посебно за работите кои се повторуваат често. Пробува да креира темплејт, шема, процедура за што побрзо и со што е можно помал труд да ја заврши работата. Пробува да креира рутина. Рутината го олеснува животот, ги забрзува работите, ги поедноставува, ги шаблонизира. На тој начин човек влегува во серија на рутински постапки на работното место: рутина на пиење утринско кафе со колегите, шаблон за праќање е-маил, меморандум за циркуларно писмо, формулар за евалуација, софтвер за евиденција, темплејт за excel, темплејт за ова, темплејт за она... На сите страни процедури, темплејти, шаблони. Меѓутоа, она што секогаш ме фасцинира е како со тек на време сие тие рутини, системи, софтвери, апликации, процедури, темплејти се зголемуваат на број, стануваат се покомплексни и потешки за работа и изискуваат се повеќе време за нивно користење. Со тек на време сфаќате дека наместо овие процедури да ви ја олеснат работата, непотребно ви ја оптоваруваат и нивното користење наместо практична полза станува про-форма. Неверојатно е како сите тие системи и решенија стануваат поважни од самата суштина на работата. Колку пати ви се случило да отидете во некоја институција со одредено логично барање и да ви речат “извинете Господине, системот не ми дозволува вакво нешто“. Фрустрирачки до бескрај. Од кога системите станаа господари на нашите животи и нашите можности? Па нели системот е изработен од човек и треба да служи да се задоволат потребите на друг човек. Не е можно системот да е над сите нас. Ситемот и процедурите треба да ни служат нас, а не ние да бидеме нивни робови! Постои еден многу интересен експеримент во однос на рутинското извршување на работите. Имено, во голем кафез се распоредени 5 мајмуни , а во средината голема скала која води до куп банани на врвот. Еден од мајмуните веднаш почнува да се качува по скалата за да дојде до бананите. Во тој момент со млаз ладна вода ги прскаат сите 5 мајмуни. Мајмунот што покажал амбиција, инстантно се симнува од скалата. Потоа друг мајмун пробува да се качи по скалата до бананите и повторно сите мајмуни ги прскаат со млаз студена вода. Кога третиот мајмун пробува да се качи, другите мајмуни го симнуваат насилно и го претепуваат за да не бидат испрскани со студената вода. Интересното станува кога организаторите на експериментот извлекуваат еден од мајмуните од групата и ставаат нов. Новиот мајмун ги забележува бананите и тргнува по скалата. Останатите мајмуни го повлекуваат доле и го претепуваат. Потоа организаторите извлекуваат уште еден мајмун од оригиналната екипа и додаваат уште еден нов. Новиов пробува да се качи кон бананите а друтите го симнуваат и тепаат, влучувајќи го и првиот нов мајмун кој нема појма зашто го тепаат новиот колега. Потоа еден по еден, ги извлекуваат и останатите 3 мајмуни од првата постава и сега имате ситуација кога 5 нови мајмуни се во кафезот и кога ќе проба било кој од нив да се качи по скалата другите го претепуваат а никој од нив не знае зашто. Заклучокот е едноставен - “кај нас вака правиме, тука отсекогаш вака се правело“. Истото важи и на работа, кога ќе дојдете на ново работно место, за најголем број од процедурите и софтверите никој не знае да ви каже зашто постојат и која е користа од нив. Објаснувањето ќе биде “тука отсекогаш ја имаме оваа процедура“ или “тука вака се работат работите“. Ако пробате да ги промените работите, ќе завршите како новиот мајмун во кафезот. Ненад Ристовски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка