02 Мај, 2024
0.0325

Пропагандата веќе ја втурна Русија во Украина!

Објавено во: Колумни 07 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Немилосрдната пропагандна војна меѓу Западот и Истокот продолжува. Ако се остави се’ на медумите, тогаш војната во Украина досега ќе беше почната, па прекината и ќе се водеа мировни преговори. Но пропагандистите не можат да ги залажуваат луѓето од просторите на поранешна Југославија. Сите тие се сведоци на крволочната пропаганда, чиј епилог се над 200 илјади загинати. Медиумите постојано ја вжештуваа воената атмосфера, а кога пукна веќе беше доцна. Поминаа години во крвопролевање. За на крај да се седне на преговори и да го имаме ова што го имаме денес.

Така некако стојат работите и околу Украина. На истокот од Украина, во Русија,  ќе видите текстови и емисии во кои се велича руското оружје и „анализи“ за тоа како би се одвивала евентуална „победносна“ војна со Украина.  Таму направени се и анкети околу можноста за војна со Украина. Дури 40 проценти од испитаниците веруваат во тоа. Истиот процент од испитаници не верува во војна. „Ние не сакаме, ама не вовлекуваат во неа“, е одговорот на мнозинството од испитаниците. Тие велат дека Русија е принудена да одговори, иако не го сака тоа. Само четири проценти од испитаниците сметаат дека за нешто е виновна Русија. Сите други мислат дека вината е кај НАТО, САД, Украина, односно Западот. Такви се и одговрите на оние кои се настроени опизиционо.

Објаснувајќи го ова Марија Мицкевич од Социолошкиот институт на РАН почнува со прашање:„ Како се формира кај нас точка на гледање за тоа што не го знаеме? Ние не живееме меѓу тие кои носат решенија. И воопшто мнозинството од нас не се интересира за политиката онака, за да се внесе во неа подробно, да се разбира и да чита аналитички текстови. Сите наши извори на информации се медиумите и социјалните мрежи. Ние ја оценуваме ситуацијата потпирајќи се исклучително на медиумите и социјалните мрежи. А таму доминира гледиштето дека ние не почнавме први. Но ако ги погледаме не нашите медиуми, туку англојазичните, тогаш ќе ја видиме симетричната слика. Таа е иста како кај нас, но со спротивен знак. Таму вестите дека Русија напаѓа, а Украина се заштитува, дека во Украина децата купуваат автомати за да се борат со руските окупатори, го пополнуваат целото информационо пространство. И овде, ние, гледаме симетрија. Луѓето не посветуваат многу време во потрага по дополнителна информација на таа тема.

ПРОПАГАНДЕН НАРАТИВ

Резултат на пропагандата е и потегот на агенцијата „Блумберг“ кој во петокот најави: „Во живо: Русија ја нападна Украина“. Дента кога започна Олимпијадата во Пекинг! Најавата седеше 30-тина минути, а потоа повлечена. Со жалење. Демек: „Ние подготвуваме наслови за многу сценарија, а насловот „Русија ја нападна Украина“ беше случајно публикуван...Длабоко жалиме за таа грешка. Насловот беше повлечен и ние ќе ја разгледаме причината“.

Овде мора да направам мала дигресија. Во 1980 година кога се разболе претседателот Тито и кога беше јасно дека нема да преживее, сите главни весници во Југославија, по директива најверојатно, почнаа да ја подготвуваат насловната страница за денот кога тој ќе умре. Се знаеше и која фотографија ќе биде објавена на страницата. Така беше и кај нас во „Нова Македонија“. На 4 мај вечерта се испечати тој број, онака како што беше претходно направен. За Тито немаше многу сценарија. А Блумберг зборува за „многу сценарија“. Очигледно тие во „Блумберг“ сакаат или знаат дека Русија ќе влезе во Украина, само не знаат кога и како. Ваквиот пропаганден наратив Западот го негува неколку месеци. Украинците дури молеа да се престане со него. САД им ветија дека ќе престаната, ама џабе.

Тешко може човек да поверува дека кај „Блумберг“ станува збор за грешка. Станува збор за почеток на војна! А знаеме како редакциите на Запад водат сметка за вистинитоста на своите текстови. Таму се многу ригорозни на тој план. Освен ако не станува збор за нарачка  и тоа „одозгора“. „Блумберг-њуз“ не е обичен медиум. Тој важи зе еден од највлијателните, особено во бизнисот. Еден од најсериозните. Така што случајноста за објавената најава може да се стави под сомнение.

Но не е само „Блумберг“ тој што прави провокации. И „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“, излегоа со приказна, „поткрепена од неколку извори“, дека Русија подготвува филмови наменети за оправдување на инвазија на Украина. Кон нив со своја „анализа“ за влегувањето на Русија во Украина се вклучи и „Билд“  со подробност за влегувањето на Путин во Украина. Ова е втор текст на „Билд“. Во декември лани тој објавуваше карти со нападот на руски војски, а предвиде дека тоа ќе се случи во јануари. Сега некои медиуми најавуваат дека се ќе се случи до крајот на фебруари или на март!  

РАЗУЗНАВАЧКИ ПОДАТОЦИ

Американските весници, повикувајќи се на анонимни извори, високи претставници од администрацијата на американскиот претседател пишуваа дека Русија планира да фабрикува некаков предлог за напад на Украина. Нагласувајќи дека немаат никакви конкретни докази за тоа. Според двата весника Москва би го покажала фалсификуваното видео во кое ќе се покажат украински првокации на руска територија или против рускојазичното население во Донбас. Сето ова го испоти портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс. На редовниот брифинг минатата недела тој не сакаше да одговори на новинарското прашање за доказите врз основа на кои се дадени таквите изјави. Според Прајс, таквата информација  доаѓа од разузнавањето од декласифицирани материјали. На барање на новинарот каде може да ги види тие материјали, бидејќи се декласифицирани, Прајс остана без одговор. Така беше и со разузнавачките податоци на Колин Пауел, кој во ОН го покажуваше „доказот“ со кој почна војната во Ирак. Наводното оружје за масовно уништување, кое не беше најдено никогаш. А Ирак до ден денес ги лечи раните од војната. На 3 фебруари и претставникот на Пентагон, Џон Кирби, изјави за плановите на Русија да фабрикува филм  кој би бил повод за напад на Украина.

Вчера не остана покусо ни CNN. Според телевизијата рускиот претседател Владимир Путин на границата со Украина подготвил околу 70 проценти од силите и опремата за напад на Украина. Се разбира и CNN се повикува на неколку американски чиновници, запознаени со последните оценки на разузнавањето. Чиновниците, меѓутоа,  не прецизирале за какви разузнавачки податоци станува збор, и како биле донесени заклучоците, повикувајќи се на тајноста на методите за собирање податоци. Сепак и покрај таквите податоци, телевизијата вели дека не е јасно колку долго Путин би ја зголемувал бројноста на војската и дали му требаат уште сили за да почне напад. CNN  тврди дека ќе има десетици илјади цивилни жртви, а бројот на бегалци може да достигне до пет милиони. „Американските власти ги преземаат неопходните мерки за да се подготват за криза која може да предизвика прилив на бегалци од Украина во други земји“, изјави заменик-секретарот за финансии Адевaле Адејемо за Си-Би-Ес. „Ние работиме многу тесно со нашите сојузници во Европа... преземаме чекори за да се подготвиме за потенцијална бегалска криза. Но, клучниот избор е за претседателот Путин“, ја цитира ТАСС неговата изјава.

Реакција на медиумските пишувања и тврдења дојде од портпаролот на руското МНР, Марија Захарова, која изјави:„ Многупати сме виделе како западњаците ги расипуваат Олимписките игри. Но сегашниот пристап кон истреланиот проектил го измислија вистински перверзњаци, подготвени на се“. Она што сега се случува, за неа е информативно-политички маратон на „натовските желби“. Таа исто така напомна дека пред некоја недела „Блумберг“, „ публикувала фејк за руско-кинески договорености за напад на Украина“. Без реакција не остана ни Кремљ. „Терминот фејк-њуз можат да го заменат со „„Блумберг-њуз“, изјави прес секретарот на Путин, Димитриј Песков. Според него ваквите активности можат да доведат до „непоправливи последици“. Појавата на ваквите текстови тој ја поврзува со „агресивните изјави од САД“. А првиот заменик на постојаниот претставник на Русија во ОН, Дмитриј Полјански, ги нарече медиумските извештаи за подготвеноста на Русија од 70 отсто да ја нападне Украина „ремек дело на американската пропагандна војна“.

МАКРОН ПОСРЕДНИК

Некои медиуми се навратија во историјата. Па го споменаа 11 авгост 1984 година, кога претедателот Роналд Реган пред една емисија изјавил „ Мои сонародници Американци, драго ми е да ви соопштам дека денес потпишав декрет за објавување на Русија надвор о законот за вечни времиња. Бомбардирањето ќе почне за пет минути“. Оваа фраза отишла во етерот и кренала многу врева. Американците изјавиле дека претседателот се пошегувал, проверувајќи го микрофонот пред почетокот на емисијата. Но на многумина не им било до шега. Советскиот Сојуз дури издал и официјално соопштение со осуда на фразата на Реган.  Потоа имало и непотврдени верзии дека Реган намерно ја направил таа шега за да оди во етерот. И тогаш ситуацијата меѓу САД и Русија била напната, имало натпревар во вооружувањето. Освен тоа Реган бил и неколку месеци пред избори за втор мандат. Кој и го добил.

Воената хистерија продолжува. Американците се многу иновативни. Па така вчера советникот за национална безбедност на  претседателот Џо Бајден, Џејк Саливен во едно интервју изјави дека „Дејствијата на Русија имаат разни форми, вклучувајќи ја можноста дека тие ќе ги анексираат окупираните територии, териториите на истокот на Украина, познати како Донбас“. Според него, Москва може да пријде и кон „хибридни дејства“, под кои подразбира кибер напади, политичка дсетабилизација и „тотален напад“. Во ова ситуација интересни се Украинците. Димитриј Кулеба, министер за надворешни работи на Украина, на својот Твитер напиша: „Не им верувајте на апокалиптичните прогнози. Во разни главни градови се пребројуваат разни сценарија, но Украина е подготвена кон секаков развој на настаните“.

И додека пропагандата си го прави своето дело, дипломатијата не сака да заостане. Наредниве десет дена се очекува дипломатски десант во Москва. Францускиот претседател Емануел Макрон, канцеларот Олаф Шолц ќе бидат гости на Путин. Интересен е Макрон. Тој е олицетворение на „политичката расипаност“ на Французите. Ние тоа мошне добро го имаме почуствувано. Тој пред денешната посета на Москва вели дека е невозможно да се нормализира меѓународната ситуација без дијалог со Русија. „Сега е неопходно да се намалат тензиите преку дијалог, за да се избегне вооружен конфликт“, рече Макрон во интервју за неделникот „Журнал ду диманш“, пренесе ТАСС. Тој го спомена ланскиот предлог за Самит Русија-ЕУ, но членките не се согласија и самитот не се одржа. Против беа поранешните држави од Варшавскиот пакт и републики од СССР. Според него изминатиов период потврдил дека треба да има дијалог за да се решаваат конфликтите. „Затоа што дозволуваме другите да зборуваат во наше име и не можеме да придонесеме за нашата колективна безбедност“ – изјави Макрон за францускиот весник.

КИНЕСКИ ФАКТОР

Тој истакна дека е убеден дека освојувањето на Украина не е основната геополитичка цел на Путин, туку дека тој сака да воспостави јасни правила за соживот со НАТО и Европската Унија. Според Макрон, Русија има право да бара преговори за безбедносни гаранции. Безбедноста и суверенитетот на Украина, или на која било друга европска земја, не може да бидат дел од компромисот, но и легитимно право на Русија е да го покрене прашањето за сопствената безбедност, рече претседателот на Франција.Тој посочи дека постигнувањето договор може да значи дека западните сојузници мора да се откажат од нешто.„Мораме да ги заштитиме нашите европски браќа со предлагање нова рамнотежа што ќе ги зачува нивниот суверенитет и мир, но тоа мора да го направиме со почитување на Русија и разбирање на сегашните трауми на тој голем народ и голема нација“, рече Макрон. Што од сето ова ќе се реализира никој не знае. Макрон пред извесно време имаше разговори со Џо Бајден, но синоќа, ден пред заминувањето за Москва уште еднаш се слушна со Бајден. Кој кому и дали дал инструкции или совети не е јасно. Официјално двајцата ги разгледале мерките за спречување, како одговор на зголемувањето на руските воени сили на границите со Украина.

Во сето ова никако не смее да се заборави еден голем играч не меѓународната сцена. Кина. Путин и Ши Џинпинг се сретнаа пред отворањето на Зимските олимписки игри во Пекинг. Најважно од се’ по средбата е нивната заедничка изјава, која очигледно беше подготвена однапред. Таа бара посебна анализа, но на кратко, во неа  се зборува за тоа дека светот стапил во епоха на промени кои се поврзани со продлабочување на повеќе поларноста, а исто така и со „трансформацијата на системот на глобално управување и светскиот поредок“. Исто така двете земји се согласни дека се „формира тенденција на прераспределба на рамнотежата на светските сили“. Тие се за засилување на улогата на ОН и нејзиниот Совет за безбедност.

„Некои сили, кои претставуваат малцинство на светската сцена, продолжуваат да застапуваат унилатерални пристапи за решавање на меѓународните проблеми и прибегнуваат кон политика на моќ, практикуваат мешање во внатрешните работи на други држави“, се вели во Изјавата со очигледна алузија на САД. Во Изјавата се вели дека не треба едни земји да им велат на други дали се демократски или не и да им се „насадува демократија по шаблони“. Кина и Русија се против ширењето на НАТО. Двете земји се против „шарените револуции“ во соседните земји и против нив ќе се борат заедно. Тие се залагаат за нова архитектура на светската безбедност. Има уште многу работи во Изјавата.

„УДИРАЈ ПРВ“

Значењето на овој дикумент доправа ќе се разгледува од аналитичарите на Запад. Тој е потпишан во момент кога САД и сојузниците го засилуваат притисокот врз Русија и Кина. Сега тие настапуваат единствени. Во догледен период ако се зголеми притисокот врз нив, тие своето единство од дипломатско може да го префрлат и на воено ниво. Важно е исто така што Русија, во случај на санкции од Запад, нема да биде изолирана. Особено на енергетски план. За Западот, кој во некоја временска отсечка ќе сака да внесе раздор меѓу Русија и Кина, притисокот врз Русија и игнорирањето на нејзините барања ќе доведе до нивно поголемо зближување и зацврстување на сојузот. Засега стратегиски.

Постојано луѓе ме прашуваат дали ќе има војна во Украина? Мојот став е дека не треба да има и дека не очекувам војна. Зашто некои работи можат да се решат по дипломатски пат. Влогот во играта околу Украина е многу висок. Русија не зборува само за неа или за мир во Донбас. Таа зборува за  нова европска архитектура - безбедносна. Рускиот претседател има две гесла. Првото е дека „слабите ги тепаат“. А второто е искажано во 2015 година. На дебатниот форум „Валдај“ во Сочи. Зборувајќи за неопходноста за борбата против терористите Путин тогаш забележа: „Уште пред 50 години ленинградската улица мене ме научи на едно правило: ако е неизбежна тепачката – удри прв“. Се разбира ова беше во контекст на опасноста од тероризам во Русија и други земји од регионот на Блискиот исток. Подобро е со нив да војуваме таму, отколку да ги чекаме овде, рече Путин. Тој сигурно  истото го смета и ден денес. Се зависи од тоа колку е неизбежна војната во Украина. И колку пропагандата ќе доведе до нејзино потпалување, пред да загосподари диломатијата.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина