06 Декември, 2025
0.0496

Пропагандни војни околу вакцините

Објавено во: Колумни 15 Март, 2021 09:17

Добивај вести на Viber

На почетокот од третата декада на февруари рускиот претседател Владимир Путин, на заседание на Колегиумот на Федералната служба за безбедност даде изјава дека се води информациона кампања против руската медицина. Неполн месец потоа од другата страна на Атлантикот, од САД стигна обвинување  од Белиот дом дека руските специјални служби водата информациони напади врз западните вакцини. Обете изјави се факти доволни да се потврди дека во тек се пропагандни војни околу вакцините. Околу тоа која е поефикасна и побезбедна во битката со коронавирусот. А зад сето ова стојат милијарди долари и геополитички успеси.

Според рускиот претседател, станува збор за наменска кампања со обвинувања без докази за редица прашања. „ Во тек се веќе дури апсурдни, би рекол,  разнородни анегдотски теории на заговор. На пример, во последно време се ставаат под сомнение нашите достигнувања во сферата на медицината во борбата со коронавирусот“, изјави Путин. Тој додаде дека специјалните служби му предаваат на политичкото раководство на земјата информација за планирани провокации во таа сфера. Иако има и многу партнери кои се многу добронамерни кон резултатите на Русија во сферата на борба со коронавирусот.

Минатиот петок на страниците на РТ(Русија денес) осамна наслов кој го потврдува кажаното од Путин за подготовка на провокации. „Извор соопшти за подготовка во САД на кампања за дискредитација на „Sputnjik-V“.  Во информацијата се вели дека со дезинформацијата треба да се поткрепат тезите за нејзината опасност со “инсценирање на масовно гинење на луѓе, наводно како резултат на користењето на препаратот(вакцината)“. Изјавата е на високопоставен извор од Кремљ, кој се повикува на податоци од руските специјални служби.

НЕВЛАДИНИ ОРГАНИЗАЦИИ

Изворот од Кремљ не останува на првите зборови. Тој додава дека „На фонот на се’ поголемата побарувачка на руската вакцина „Sputnjik-V“ во цел свет, а во тие рамки и во Европа, САД и нивните сојузници, според податоци на нашите специјални служби, планираат да почнат голема информациона кампања, насочена кон формирање на пристрасен однос кон домашните научни разработки во областа на спротивставувањето на ширењето на коронавирусната инфекција“. Па се нагласува дека кампањата ќе се води преку невладини организации котролирани од САД, меѓу кои USAID, Фондот на Сорос-Отворено општество, Фондот Thomson Reuters, и преку медиумските структури BBC, Reuters и Internews.

„Во исто време, САД и нивните сојузници планираат да тиражираат „разобличувачки материјали“ за неспособноста на руските специјалисти во областа на вакцинацијата и имунологијата“, додал изворот. Според него, целна публика за информационата кампања ќе бидат европските земји кои го регистрирале Спутник V за итна употреба, како што се Унгарија, Словачка, Србија, Црна Гора, Сан Марино и Северна Македонија. „На Запад, признавањето на нашата вакцина од овие земји предизвика наплив на антируска пропаганда. Конкретно, холандските медиуми го претставуваат нашиот „Спутник V“ не како лек за КОВИД-19, туку како „лост на Кремљ за разделување на редовите на Европската унија“, „инструмент за пропаганда на Москва“, вели високиот извор. Како пример се планира да се наведе Унгарија, која „подлегна на замките на Русија“ и, без договор со Брисел, започна да ги вакцинира своите граѓани со руската вакцина.

Вестите од Москва најавуваат почеток на позасилена пропагандна борба за светскиот пазар на фармацевтски производи. Тоа го потврдуваат и од САД. Но тие острицата ја имаат вперено кон Русија. Русите водат информациона кампања против Pfizer и Moderna, велат во САД. Пред една недела прес секретарот на Белиот дом, Џен Псаки, потврди дека во администрацијата на претседателот Џо Бајден внимателно ги следат соопштенијата во светски медиуми за проблемите на Pfizer и Moderna, инспирирани од руските специјални служби и дека се преземаат чекори за решавање на тој проблем. Ќе се бориме со дезинформациите, користејќи ги сите средства со кои располагаме. Ние, секако, запознаени сме со приодот и тактиката на руските напори за дезинформации.  Според неа, САД веќе имаат откриено три он-лајн платформи „контролирани од руските специјални служби“, кои „распространуваат многу видови дезинформации“.

ДЕЗИНФОРМАЦИОНА КАМПАЊА

Брифинг имаше и претставникот на Стејт департментот Нед Прајс. И тој ги повтори тезите на Псаки. Наместо три тој спомна четири он-лајн платформи. „Определени се четири руски он-лајн платформи кои работеле под управа на разузнавачките служби и распространувале дезинформации за вакцини, одобрени од Управата за санитарен надзор на квалитетот на хранливите производи и лековите во САД. Очигледно Русија прибегнува кон своите стари трикови и распространувањето на дезинформации може да биде закана по животот на луѓето“, изјави Прајс.

Изјавата на Прајс всушност е повторување или потврдување на она што ден претходно го напиша TheWallStreetJournal, под наслов „Руската дезинформациона кампања  е насочена кон поткопување на довербата кон  Pfizer и други вакцини против COVID-19, изјавуваат американски официјални лица“. Според весникот Центарот за глобално заемно дејство при Стејдепартментот смета дека руските специјални служби „започнале кампања за да ја поткопаат довербата“ кон западните вакцини за коронавирус. Исто така тој открил четири медиуми според кои може да се зборува за напорите на руските служби.  Во нив имало информации за можни осложнувања, се ставала под сомнение ефикасноста на вакцините, се тврдело дека САД избрзале со процесот на одобрување на вакцината Pfizer. Весникот нагласува дека публиката на тие он-лајн медиуми е мала, ама напоменува дека нивната содржина во иднина може да биде тиражирана во руски и странски медиуми.

Центарот тврди дека тие медиуми се директно поврзани со руските специјални служби. „Сите тие се сопственост на странски компании, кои се надвор од САД. Тие, според опфатот, тонот, публиката, многу се разликуваат едни од други, но сите се дел од рускиот пропаганден и дезинформационен еко систем“ , велат од таму. ЧетиритемедиумисесајтовитеNewEasternOutlook, OrientalReview, NewsFrontиRebelInside. Првите два Центарот ги поврзува со Службата за надворешно разузнавање, третиот со Федералната служба за безбедност, а четвртиот со Главната управа на Генералниот штаб на ВС на Русија, или порано познато како Главно воено разузнавање. Во весникот нема докази за врските на специјалните служби со сајтовите.

БОРБА ЗА СВЕТСКИОТ ПАЗАР

Реакциите од Москва на ваквите тврдења не требаше долго да се чекаат. Прес –секретарот на Путин, Димитриј Песков  демантираше дека руските специјални служби имаат некаков однос кон публикациите објавени во некои медиуми со критика на западните вакцини. „Тоа е нонсенс“, смета Песков. „Ако ние ја разгледуваме секоја публикација со критика за Sputnjik-V, како резултат на работата на американските специјални служби, тогаш би побудалеле, зашто такви публикации ние гледаме секој ден, секој час  во англо-саксонските медиуми“, изјави Песков.

Каков заклучок може да се донесе по ваквите ставови искажани и од една и од друга страна? Логиката е дека тоа треба да биде: Борба за светскиот пазар на вакцини, колку за почеток. Зашто досега Русија на тој пазар не можеше да се појави. Сега нејзината наука покажа дека е способна да произведе медикамент кој е широко прифатен. Згора на тоа започнува и геовакцинска политика  Според некои тврдења, Блумберг, ЕУ може да изгуби годинава од 50 до 100 милијарди долари поради вознемиреноста на инвеститорите од влечкањето со вакцинацијата. Инаку уште на почетокот на разработката на вакцините ЕУ закажа околу 2,3 милијарди дози за земјите членки. Ако се знае дека цените на вакцините не се помали од десет долари, тогаш може да се сфати за какви суми станува збор на светско ниво. Само во ЕУ има околу 450 милиони население.

И за САД и за Русија, како и за Кина, сега се важни пазарите насекаде. Тие се конкуренти и во Европа, и во Африка, и во Азија, и во Средна и Јужна Америка. Па затоа е битно кој и како ќе се претстави на пазарот. Русите веќе имаат погледи кон многу држави. До пред два дена користењето на Sputnjik-V беше одобрено во 51 земја. Во Русија пред некое време се споменуваше дека имаат побарувачка во вредност од една милијарда долари. Некои земји веќе купија вакцини, а други договараат производство на вакцината кај нив, чија цена е речиси два пати пониска од западните, кои се користат во САД на пример.

Затоа некои сметаат дека не треба да останат без оценка геополитичките последици од успехот на Русија. Тие велат, дека додека Запад натрупува резерви и ги држи високите цени на вакцините од западно производство, Русија својот технолошки пробив го искористи за да ги ослаби и така нестабилните односи меѓу Западот и земјите во развој. Оттука и повикот, на пример, Канада да престане да издвојува средства во рамките на COVAXиницијативата и голем дел од тековните испораки на вакцини да ги насочи кон земјите во развој за да се спротивстави на испораките на руската вакцина. И тоа во оние земји од кои зависи достигнувањето на нејзините цели во областа на одбраната и безбедноста. Зашто во спротивно тие ќе заминат во прегратките на Русија.

Сега да чекаме и да видиме колку од она што го навестува Русија ќе се оствари. Ќе почне ли пожестока пропагандна војна или пак се’ е пропаганда и  дезинформација во рамките на специјалната војна која трае веќе неколку години. И од една и од друга страна.  

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?