30 Септември, 2024
0.0263

ПРОСЕЧНА ПЛАТА ОД 550 ЕВРА, ЛЕГАЛНА РАЗМЕНА НА БИТКОИНИ И МИЛИЈАРДИ ВО ЕНЕРГЕТИКА - ќе ги убеди ли Ковачевски пратениците да гласаат „за“

Објавено во: Економија 12 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Документ од 55 страници, со прецизни поглавја и цели кои треба да се остварат во одредени рокови. Вака изгледа финалната верзија на владината програма на која новиот мандатар Димитар Ковачевски деновиве сериозно работел да ја скрои на начин, со кој треба да ги убеди народните избраници дека ќе работи за доброто на граѓаните и државата. Таа од вчера попладнето е испратена во Собранието, а за неа и за владиниот состав во избор на Ковачевски ќе се гласавеќе во сабота.

Програмата се однесува за периодот од 2022 до 2024 година, бидејќи, како што вели Ковачевски, мандатот за работа на Владата се базира на изборната волја на граѓаните од последните парламентарни избори одржани на 15 јули 2020 година, како и парламентарната и политичка поддршка претставена преку зголемено мнозинство на пратеници.

Мандатарот најавува дека политиките од претходната Влада ќе продолжат, но ќе се подобрат и дополнат.

„Зад нас оставаме исклучително тежок и предизвикувачки период. Здравствените и економско-социјалниризици оставија сериозни и негативни последици за нашите граѓани и држава... Предизвиците не исчезнаа, ниту тоа е можно да се случи веднаш и одеднаш. Пандемијата е сè уште активна, а дополнително се наоѓаме во надворешно генерирана енергетска криза и во амбиент со сериозни инфлаторни движења. Досегашните искуства од работењето на претходната Влада, направените објективни анализии нужноста за промени како предуслов за борба со постоечките и новите предизвици, резултираа со потребата за избор на нова Влада. Клучната обврска на новата Влада е да ја зголеми ефикасноста и успешноста во реализација на стратешките правци и политиките за кои граѓаните дадоа доверба на парламентарното мнозинство. Конкретно, политиките да продолжат, да се подобрат и дополнат...“, пишува Ковачевски во програмата.

Трансформација на економијата на потребите на новото време и да се обезбедат континуирано високи стапки на раст, зголемување на домашните и странските инвестиции и директна поддршка на личната потрошувачка преку зголемување на минималната и просечната плата и пензиите, се дел од задачите. За странските и домашни инвеститори се најавува дека ќе се зголемат, бидејќи ќе добиваат повисока финансиска поддршка, а даночните и неданочните оптоварувања ќе останат идентични, ниски и предвидливи. Ќе почне процес на намалување на парафискалните давачки и зајакнување на финансиските стимулации за директна поддршка на бизнисот.

Се најавува и една реформа која не и успеа на ниту една Влада досега.

Ќе ја реорганизираме, ќе ја реконфигурираме и ќе воведеме дополнителни форми за поефикасно работење на државната и јавна администрација на сите нивоа“, се вели во програмата.

Ковачевски во програмата не крие дека во 2022 година основен приоритет ќе биде националниот одговор на енерегтската криза и најавува дека конечно мора да се преземат суштински, долгорочни и стратешки мерки за да се спроведе енергетската транзиција.

Клучна цел на економската политика на Владата ќе биде забрзан и одржлив раст и пораст на БДП со забрзување на стапките од 2,5 отсто до 5 отсто просечен раст, и притоа одржување на фискалната стабилност преку мобилизирање на капитал од приватниот сектор, како дополнување на финансиските средства од буџетот и задолжувањата.

„Задолжувањето ќе остане умерено, со оптимизација на формите на домашно и надворешно задолжување. Оттаму, клучен предизвик за нас останува фокусирање на намената на средствата“, пишува во програмата.

Предвидени се политики за сериозно намалување на неформалната економија и даночната евазија. Целта на Владата е да обезбеди праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем кој ќе се темели на современи дигитални технологиии и иновации во оданочувањето.

„Во 2022 година не предвидуваме промена на даночните стапки кај сите видови даноци, како и стапките на социјалните придонеси. Почната е реформа на даночниот систем со фокус на зајакната наплата во детектираните дејности и силна борба против неформалната економија. Даночниот систем мора да биде предмет на усогласени и консензуални политики, и за нив ќе дебатираме со сите засегнати страни. Примарниот фокус на краток и среден рок ќе претставува целосниот опфат на даночните обврзници, неселективноста и ефикасноста“, стои во програмата.

Од неа се гледа дека Ковачевски не се откажува од поголема праведност во оданочувањето, со цел, како што вели, да се обезбеди секој да ја исполнува својата општествена обврска и да го плаќа својот праведен удел од данокот.

За наредните пет години, главниот фокус ќе биде воспоставување вертикална праведност, која може да се смета за пошироко решение од прогресивноста на даноците. Очекуваните резултати се новодизајниран модел за праведно оданочување, имплементација на стандардите за спречување на ерозија на даночната основа и преместување на профитот“, напишал мандатарот во програмата.

Втор приоритет ќе биде поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајувањето данок и зајакнат институционален капацитет. Ќе се дизајнираат и еколошки односно „зелени“ даночни политики со цел стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и активностите кои придонесуваат за загадување.

Ќе се продолжи и со воспоставување на Интегрираниот систем за управување со јавните финансии, кој има за задача на едно централизирано место да ги инкорпорира сите сметки на буџетските корисници.

„Тоа ќе значи целосно онлајн аплицирање за државна помош со што ја минимизираме можноста на субјективизам при одлучување и ја зголемува ефикасноста на процесирање на барањата. Информацискиот систем за управување со државната помош ќе овозможува следење и известување на целокупната државна помош во 11 институции. Истовремено ќе овозможи мерење на ефективноста на трошењето на јавни пари за различни сектори во економијата и ќе претставува суштинска подлога во креирање на развојните политики во иднина“, се вели во програмата.

Мандатарот ветува дека и новата влада ќе продолжи со фокусирана, директна и продуктивна финансиска поддршка на бизнисот и населението.

„Одговорно тврдиме дека ќе продолжи континуирана исплата на платите, пензиите и социјалната помош. Дополнително, тие ќе растат. Приватниот сектор и најпогодените дејности и области и понатаму ќе бидат финансиски поддржани. Очекуваме и ќе поддржиме раст на вкупната активност на бизнис секторот преку воведување на нови, за национални услови, иновативни и ефикасни начини за пристап до капитал, инструменти, фондови и извори на финансирање со кои предвидуваме привлекување и алоцирање на инвестиции токму од приватниот сектор“, се вели во програмата.

Стапката на невработеноста во моментов е на ниво од 15,7 отсто, се вели во програмата и се нагласува дека тоа е најниско ниво во поновата македонска историја.

„Согласно Планот за забрзан економски раст, со растот на инвестициите, стапката на вработување се предвидува да се зголеми на 51,1 отстово 2024, односно 54,1 отсто во 2026 година, а стапката на невработеност во 2024 да достигне 11,4 проценти, додека за првпат да влезе во едноцифрена зона од 8,6 проценти до крајот на 2026 година. Напорите на Владата ќе бидат тоа да се оствари многу порано“, напишал Ковачевски.

Ветува дека порастот на минималната плата ќе продолжи.

„Низ инклузивен процес, со вклучување на сите релевантни фактори, синдикати, комори, ќе дојдеме до прифатливи решенија за сите заинтересирани страни…Фокусот на Владата преку економските политики и мерки е кумулативниот раст на продуктивноста на трудот да достигне до 15 отсто за да овозможиме и реално зголемување на нетоплатата низ целата економија за најмалку 13,4 отсто. Со овие активности се придонесува за зголемување на просечната плата за над 3.100 денари или за 50 евра повеќе на месечно ниво. До крајот на мандатот на Владата, проектираме просечната плата да изнесува 34.000 денари, базирано на континуираниот раст на просечната нето плата во изминатиот период“, се вели во програмата на Ковачевски.

Иако тоа не е во мандатот на Владата, во програмата се тврди дека девизниот курс на денарот е стабилен и нивото на девизните резерви е соодветен за одбрана на стабилноста на курсот.

Владата сака да се приклучи и на новите глобални текови, кои сериозно прогресираат и во најразвиените финансиски системи.

Владата ќе им овозможи на граѓаните кои поседуваат биткоини или други стабилни криптосредства да ги разменуваат на легален начин, а домашните компании да вршат трговија кон странство во криптосредства кон своите добавувачи. Ова ќе биде дозволено со законско решение кое Владата и Министерството за финансии ќе го изработат во соработка со Народната банка и во консултација со комерцијалните банки во државата, а ќе бидат консултирани и релевантни експерти на оваа тема. Формалното решение ќе ги следи регулативите и препораките на Европската Унија за регулирање на пазарот на крипто средствата. Во овој контекст ќе се воведуваат и решенија за заштитни механизми против евентуални злоупотреби, како и во однос на спречување на перењето пари и намалување на неформалната економија. Формализацијата на тргувањето со криптовалути ќе донесе и даночен прилив во економијата на Северна Македонија на долг рок, а ќе ги привлече и потенцијалните криптоинвеститори од светот“, се вели во програмата. Се додава дека за тие што ќе решат да користат криптосредства останува препораката претходно добро да се информираат за природата на криптосредствата, како и пазарниот ризик што го носат тие како инвеститори во криптосредства.

Ковачевски во програмата признава дека долгиот период без нови и конкретни енергетски инвестиции, а со многу ветувања за нови енергетски инфраструктурни проекти, придонесе во екот на европската енергетска криза со електрична енергија и со природниот гас, земјава, која е увозно зависна, да се најде во незавидна состојба.

„Владата ќе дејствува кон успешна енергетска транзиција која на краток, среден и долг рок ќе обезбеди сигурност со снабдувањето на енергенси, и одржливост на енергетскиот систем, што ќе биде ценовно прифатливо за сите граѓани и економски субјекти. Фокусот на обновловите извори на енергија и ефикаснoто искористување на сонцето, ветерот и водата се основа. Зголемување на домашното производство на електрична енергија преку инвестиции во нови енергетски инфраструктурни проекти од страна на државата преку ЕСМ, базирани на обновливи извори на енергија, но и преку моделот на јавно приватно партнерство и Законот за стратешки инвестициони проекти е вистинскиот пат кон обезбедување на енергетската независност“, се вели во програмата.

Ковачевски открива дека ТЕЦ Неготино ќе биде дел од ЕСМ и во најкус рок ќе биде трансформиран и прилагоден да работи на природен гас. Во овој мандат на Владата, ќе започне отворање на рудникот Живојно, со цел обезбедување на домашни количини на јаглен за стабилно производство на електрична енергија во РЕК Битола на среден рок. ЕСМ ќе ја спроведе третата фаза од ревитализацијата и модернизацијата на големите хидроелектрани.Со поддршка на ЕБРД и КФВ ќе се изградат нови 160 MW на фотонапонски електрани во РЕК Битола и дополнителни 10 MW на фотонапонска електрана во РЕК Осломеј. Започната е и изградбата на топловодот од РЕК Битола до градот Битола и Новаци, а дополнително ЕСМ ќе започне со проектирање на нова когенеративна гасна електрана со капацитет од 250 MW, која ќе произведува топлинска и електрична енергија во РЕК Битола.

“Ќе продолжи втората фаза од тендерската постапка за избор на најповолен понудувач за изградба на ХЕЦ Чебрен во која учествуваат дел од најголемите енергетски компании од Европа и светот. До крајот на 2022 година очекуваме да се потпише договорот за концесија со приватниот инвеститор за изградба на ХЕЦ Чебрен. Главни двигатели на македонската енергетска транзиција покрај изградбата на ХЕЦ Чебрен ќе бидат и фотонапонските електрани и ветерните електрани“, се наведува во програмата.

Во првите три месеци од новиот мандат до Собранието ќе бидат доставени неколку закони за стратешките инвестиции за големи инфраструктурни енергетски проекти со предвидени инвестиции над една милјарда евра, и тоа: еден од најголемите ветерни паркови во регионот, Ветерен парк Вирови со инсталиран капацитет од 414 MW на територијата на општините Крива Паланка, Старо Нагоричане и Ранковце со планирана инвестиција од над 500 милиони евра од страна на германската компанија WPD Europe, и други.

„На граѓаните и компаниите ќе им бидат овозможениолеснети и либерализирани услови за инсталирање на фотонапонски електрани на своите кровови, со цел задоволување на сопствените потреби на електрична енергија, а вишоците да можат да ги продаваат по подобри услови од сегашните. Ќе се укине ограничувањето по инсталиран капацитет и за домаќинствата и за индустриските потрошувачи. Во првите три месеци од мандатот на оваа Влада ќе биде предложен нов посебен закон за изградба на фотонапонски електрани со кој ќе се решат проблемите со досегашните административни процедури“, се вели во програмата.

Во однос на гасификацијата, остануваат уште 10 км од изградбата на магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар кои ќе бидат завршени во 2022 година, а за само три години започнувајќи од 2018 година беа изградени 186 км од магистралниот гасовод. Изградбата на гасоводот ќе продолжи и до Кичево, Дебар, Охрид и Струга. До крајот на 2022 година ќе се избере и приватен инвеститор кој по пат на јавно приватно партнерство ќе ја развива дистрибутивната мрежа за природен гас во македонските општини. Ќе продолжи големиот проект за диверзификација на изворите со природен гас, со кој покрај рускиот гас го правиме достапен и азербејџанскиот гас преку изградба на интерконективниот гасовод со Грција и поврзување со Трансјадранскиот гасовод - ТАП.

Ова се позначајните економски аспекти од програмата на Ковачевски, а Фактор во следните денови ќе пренесе и други моменти на овој економски документ, кој во сабота Ковачевски ќе го брани пред народните избраници.

Нина Нинеска-Фиданоска

Можеби ќе ве интересира

СИТЕ СЕ ВО ПАНИКА! Автомобилската индустрија е пред колапс - неопходни се итни мерки

СИТЕ СЕ ВО ПАНИКА! Автомобилската индустрија е пред колапс - неопходни се итни мерки

„НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ВО НАШИОТ ГРАД“: Барселона е една од најпопуларните туристички дестинации, но воведува промени

„НАЈГОЛЕМ ПРОБЛЕМ ВО НАШИОТ ГРАД“: Барселона е една од најпопуларните туристички дестинации, но воведува промени

КОЈ ПЛАЌА НАЈСКАПО ГОРИВО ВО РЕГИОНОТ? Еве каде е Македонија

КОЈ ПЛАЌА НАЈСКАПО ГОРИВО ВО РЕГИОНОТ? Еве каде е Македонија

ФОЛКСВАГЕН ПОДГОТВУВА ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ - по информациите дека ќе затвораат фабрики, шефовите најавуваат новина

ФОЛКСВАГЕН ПОДГОТВУВА ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ - по информациите дека ќе затвораат фабрики, шефовите најавуваат новина

„Мора да останеме профитабилни“: позната компанија отпушта илјадници работници

„Мора да останеме профитабилни“: позната компанија отпушта илјадници работници

Шефот на Nvidia гледа „спас“ во нуклеарната енергија

Шефот на Nvidia гледа „спас“ во нуклеарната енергија

ЕВРОПСКИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ - познатиот германски синџир супермаркети ги измамил клиентите со реклами за попусти

ЕВРОПСКИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ - познатиот германски синџир супермаркети ги измамил клиентите со реклами за попусти

ПОЗНАТ МОДЕН СИНЏИР ГИ ЗАТВАРА СИТЕ СВОИ ПРОДАВНИЦИ! организираат аукција за да се ослободат од имотот

ПОЗНАТ МОДЕН СИНЏИР ГИ ЗАТВАРА СИТЕ СВОИ ПРОДАВНИЦИ! организираат аукција за да се ослободат од имотот

„ДЕНЕС ИМАМЕ ПРИЧИНА ДА СЕ ГОРДЕМЕ“: еве што порача Битиќи преку социјалните мрежи

„ДЕНЕС ИМАМЕ ПРИЧИНА ДА СЕ ГОРДЕМЕ“: еве што порача Битиќи преку социјалните мрежи