01 Декември, 2024
0.0300

Малку се војните - Нуклеарниот натпревар продолжува

Објавено во: Колумни 02 Септември, 2024

Добивај вести на Viber

На светов малку му се постојните војни. Од време на време од радикални поединци ќе се чујат гласови за користење на нуклеарно оружје. Засега, барем според изјавите, само Џо Бајден и Владимир Путин водат сметка да не дојде до нуклеарна војна. Особено на фонот на ескалацијата на војната во Украина, на Блискиот исток, но и затегнатоста во Јужното кинеско море. 

И покрај изјавите против нуклеарна војна, во позадина како да оди подготовка за неа. Од време на време ќе се појави некое официјално лице и ќе соопшти новост, која не остава простор за сомневање. Па така вчера, заменикот руски министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков ја продолжи низата најави од летоска дека Русија ќе ја менува својата нуклеарна доктрина. „Како што не еднаш рековме, работата е напредната и  има јасна цел да се внесе корекција, која, меѓу другото е условена од изучувањето и анализата од искуството на развој на конфликти последниве години, вклучувајќи, се разбира и се’ она што е поврзано со курсот на нашите западни противници за ескалација во врска со Специјалната воена операција“, рече заменикот министер. Тој објасни дека моментално е во тек процесот на доработка на соодветниот документ, но рано е да се зборува за конкретни датуми за негово комплетирање. „Тајмингот на завршување на оваа работа е прилично тешко прашање, имајќи предвид дека зборуваме за најважните аспекти за обезбедување на нашата национална безбедност“, истакна Рјабков.

Промената на руската нуклеарна доктрина беше најавена во јуни на Петербуршкиот меѓународен економски форум. Рускиот претседател Путин тогаш изјави дека доктрината е жив инструмент „и ние внимателно следиме што се случува во светот и околу нас, па не исклучуваме некакви промени во таа доктрина“. Москва притоа поаѓа од фактот дека никогаш нема да дојде до размена на нуклеарни удари. Изјавата беше дадена поради заострувањето на надворешно политичката ситуација од активностите на САД и нивните сојузници. Оттука и потребата дополнување и измени во „живиот инструмент“. 

ПРЕВЕНТИВЕН УДАР

Инаку, според  сегашната руска нуклеарна доктрина од 2020 година Русија може да примени нуклеарно оружје во случај противникот да користи такво или друг вид оружје за масовно уништување за удари врз Русија или нејзините сојузници, добивањето доста верна информација за старт на балистичка ракета за напад на Русија и сојузниците, напад врз објекти неопходни за дејствување на нуклеарните сили, а исто така и во случај на агресија врз Русија со користење на обично оружје, кога под закана е ставено постоењето на државата. Украина пред некој месец бомбардира руски радар за откривање на непријателски балистички проектили, по што следеше реакција, па САД, најверојатно, ги предупредија Украинците повеќе да не преземаат такви напади. И така бидна. 

Во јуни Путин беше во посета на Виетнам и таму спомна дека Русија нема намера во воената нуклеарна доктрина да внесува точка за превентивен удар. Според него:„Засега не ни треба превентивен напад, бидејќи во одмазднички напад  непријателот гарантирано ќе биде уништен“, објасни рускиот лидер, коментирајќи ја можноста за ажурирање на нуклеарната доктрина. Во Ханој, пред новинарите, Путин изјави дека стратешките сили на Русија секогаш се во постојана борбена готовност. Од причина што „она што се прави во западните земји малку не вознемирува“. Инаку, промените во нуклеарната доктрина се поврзани со работата на противникот, поврзано со снижување на прагот за користење на нуклеарно оружје. Според Путин, Русите знаат дека веројатниот противник работи на промени со кои се разработуваат експлозивни нуклеарни направи со многу мала моќност и дека некои западни експерти не гледаат ништо чудно во примена на таков вид оружје. 

Минатата недела за руската нуклеарна доктрина се произнесе и министерот за надворешни работи, Сергеј Лавров. „Многу е важно што имаме доктрина за користење н нуклеарно оружје,  која сега се прецизира и за која им е многу добро познато на американските политичари“, рече Лавров. Тој се произнесе и за позицијата на американската страна, која смета дека во случај на нова светска војна во прв ред ќе настрада Европа. Лавров обрати внимание на ваквата изјава на координаторот за стратегиски комуникации во Советот за национална безбедност на Белиот дом, Џон Кирби.  „Ова е, генерално, индикативен момент што го одразува менталитетот на американските планери и геостратези, кои се убедени дека ќе се засолнат“, истакна Лавров. „Тоа избувнува во нив, како според  Фројд : „знаете, третата светска војна е лоша, затоа што ние не сакаме Европа да страда“.  Тоа е американски менталитет на газда, кој седи на другиот брег, убеден во својата безбедност и е убеден дека за него валканата работа ќе ја вршат и ќе умираат не само Украинците, туку сега и Европејците“, заклучи министерот.

АМЕРИКАНСКА ДОКТРИНА

.

Изјавата на Путин во Ханој дека Русите знаат дека веројатниот противник работи на промени со кои се разработуваат експлозивни нуклеарни направи со многу мала моќност и дека некои западни експерти не гледаат ништо лошо во примена на таков вид оружје, донекаде беше потврдена пред извесно време. На големи ѕвона беше обнародено дека во САД е направен стратешки документ, кој го има само во печатена верзија, не и електронска, веројатно од безбедносни причини и во неколку примероци. Документот го има одобрено претседателот Џо Бајден. Патем, уште пролетоска беше најавено дек Американците подготвуваат некои промени во своите нуклеарни доктрини. Според она што беше објавено во јавноста доктрината ја нагласува нужноста од јакнење на американскиот нуклеарен потенцијал до ниво САД да можат истовремено да водат војна и со Русија и со Кина. Бројот на интерконтиненталните балистички ракети во Русија и во Америка е далеку над илјада. Кинезите имаат стотици. 

Сето ова што го прават Русите и Американците е вовед во дискусијата дали ќе се продолжи договорот New START склучен меѓу нив. Поради војната во Украина, тој практично не се спроведува. За причините има меѓусебни препукувања. Но, како и да е, до февруари 2026 година нема многу време да се работи врз намалувањето и ограничувањето на  стратешкото оружје. Има определени најави дека би можело да се разговара за овој договор, но разликите се толку големи што тешко би можело да се седне на заедничка маса. Барем додека трае војната во Украина. Русија не сака да преговара само за она што има интерес Америка. Во Москва велат  дека треба да се имаат предвид и нејзините интереси. 

Дополнителен товар врз целата ситуација прави Кина. Пред 2022 година, Американците бараа од Русија ако може да влијае врз Кинезите и тие да се вклучат во овој договор. Но немаше ништо од тоа. Кина велеше дека  договорот е меѓу САД и Русија и тие нека си ги решаваат проблемите. А таа би се вклучила кога ќе достигне паритет во бројот на балистичките ракети. Ако сега заостанува два до три пати зад САД и Русија, тогаш прашање е кога таа би имала толку нуклеарно оружје  за да може да бараат од неа да се разоружува. Згора на тоа се поставува и прашањето на Велика Британија и Франција. Што со нивните нуклеарно арсенали?  Може да се претпостави, со мала доза на реалност, дека ќе мора да се прави некој нов договор во кој би се вклучиле членките на СБ на ОН. Некој ќе го постави и прашањето, што станува со нуклеарното оружје на Индија, Пакистан, Израел, Северна Кореја, можеби утре и Иран и други земји.

Сепак првиот чекор треба да биде на САД и Русија. Но, како?  Вчера портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, во едно интервју изјави дека односите меѓу двете земји, во моментов се наоѓаат на историски најниска точка. И дека засега нема никакви перспективи да се фати нагорна линија. Во истото интервју Песков соопшти дека разговорот меѓу Путин и Џо Бајден во декември 2021 година, во предвечерието на руската агресија во Украина, бил жесток и бескомпромисен од обете страни. Според Песков, на американска страна апсолутно немало подготвеност за продолжување на дијалогот. Па оттука и заклучокот дека со САД веќе нема за што да се зборува.

Кога така стојат работите останува да се види развојот на настаните во војната во Украина. Таа ескалира од ден на ден. И покрај најавите, од Русија, на пример, дека нема потреба од примена на користење на нуклеарно оружје во Украина.  Русија постојано го обвинува Западот дека со вооружувањето на Украина сака да и’ нанесе   стратешки пораз и да ја распадне. А тоа потпаѓа под точките во нуклеарната доктрина за нуклеарен одговор. Западот пак тврди дека ја заштитува Украина од Русија. Гледаме дека со ескалациите постојано се бришат некои „црвени линии“, за кои се мислеше дека се исцртани од Русија. Постои ли уште некоја „црвена линија“? Војната во Украина и други војни ширум светот очигледно се малку, штом многу придонесуваат во светот да продолжи новиот голем натпревар во вооружување. Во прв ред со нуклеарното оружје. А да не зборуваме за  хиперсоничните ракети, па користењето на вештачката интелигенција. А за кои борбените полиња им доаѓаат како лаборатории за нивно испитување.

Мирче Адамчевски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.