23 Април, 2024
0.0258

Протести во Москва- мала предигра во односите на Русија со САД

Објавено во: Колумни 25 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Поминаа само три дена од инаугурацијата на американскиот претседател Џо Бајден и во десетици градови на Русија излегоа на студот илјадници луѓе да му дадат поддршка на Алексеј Наваљни. Тој ги повика своите симпатизери да излезат на протест од притворот каде што се најде што враќањето од Берлин во Москва. Но наместо да се занимава со протестите,  официјална Москва повеќе зборуваше за американското мешање во протестите. Десетиците илјади демонстратранти и 3.500 приведени за неа се малку. Многу биле оние кои гласале за Путин. Се добива впечаток дека овие протести се мала предигра во идните односи на посттрамповска Америка со Русија. 

Но, за се по ред. Во руското МНР забележаа дека ден пред протестите американската амбасада во Москва публикувала „маршрути на протестите“ во руските градови и дала информација за „Поход на Кремљ“. Марија Захарова портпаролот на министерството запраша што било тоа?  Насочување или инструкции? „За такви планови дури и организаторите не изјавуваа“, рече Захарова. Според неа може да се претпостави што би почнало ако амбасадата на Русија во Вашингтон „публикувала карта на протестните маршрути со укажување на конечната точка, на пример Капитол“? Ваквото ориентирање на локацијата би завршило со глобална хистерија на американските политичари, вклучувајчи русофобски пароли, закани за воведување санкции и протерување на руски дипломати, рече Захарова, додавајќи дека американските колеги ќе треба да одговорат за ваквото однесување во руското МНР. 

Во соопштението од американската амбасада беа укажани  градовите каде што треба да има протести, времето на нивниот почеток, а исто така и приближните маршрути на учесниците. Амбасадата побара од американските граѓани да ги избегнуваат тие места и да бидат внимателни. Ова за руското МНР беше мешање во внатрешните работи и оттука беше погорната реакција.

СООПШТЕНИЈА И КОНТРАСООПШТЕНИЈА

На денот на протестите, едно време,  пак се јави амбасадата, преку Твитер, со изјава дека ги следат митинзите. „Ги следиме соопштенијата за протестните акции во 38 руски градови. Беа задржани 350 мирни демонстранти и новинари. САД го поддржуваат правото  на сите луѓе на мирни протести и слобода на изразување на мислење. Мерките на руските власти се насочени кон потиснување на тие права“, изјави амбасадата.

Кон протестот на руското МНР се приклучи и официјален Кремљ. Портпаролот Димитриј Песков, коментирајќи ги масовните протести во таа земја поради апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, вчера ги обвини Соединетите Држави дека се мешаат во внатрешните работи на Русија. Портпаролката на американската амбасада во Москва, Ребека Рос, на Твитер напиша дека Вашингтон: „го поддржува правото на сите луѓе на мирен протест и слобода на изразување“ и дека: „Чекорите преземени од руските власти ги гушат тие права“. Песков за ова вели дека коментарите на американската амбасада во Москва „индиректно претставуваат апсолутно мешање во внатрешните работи на Русија“ и додаде дека тие се „директна поддршка за кршење на руските закони и неовластено постапување“.

Ден пред протестите идниот советник на Џо Бајден за национална безбедност, Џејк Саливен побара од руските власти веднаш да го ослободат политичарот Алексеј Наваљни. Според Саливен: „Наваљни треба веднаш да се ослободи, а виновните за обидот за убиство треба да одговараат. Нападите на Кремљ не се само нарушување на човековите права, туку тие се навреда на народот на Русија, кој сака, да биде слушнат неговиот глас“. Претходно Марија Захарова на својот ФБ профил напиша:„ Проверивме, вие од амбасадата,  што сте напишале на 6 јануари за време на манифестациите во Вашингтон и упадот во Капитол. Колку и да е чудно, не сте напишале ништо. Никако не ги мотивиравте своите сограѓани за мирни протести, никако не ги осудивте убиствата.  Џ. Саливен(амбасадорот во Москва) го нарече настанот „криминален напад“, „Жестокиот и криминален напад на зданието на Капитол е сериозна напомена за тоа колку е важно да се ценат и да се бранат основните принципи на уредувањето на нашата република, кои се вградени во Уставот, вклучувајќи го и правото на глас, слобода на говор и мирни собири. Власта на агресивната толпа никогаш не била и не е дел од нашиот уставен систем“. 

ЛИЦЕМЕРИЕ

Захарова продолжи:„Целата планета виде како вашата влада мирниот протест го претвори во „немирен“, кога полицијата почна да пука во демонстрантите. (Кога ќе одговорите за многубројните напади на американската полиција врз руските новинари кои ги следеа протестите во САД во текот на 2020 година?) А потоа владата на САД ги нарече мирните дејствија на американските демонстранти „напад врз демократијата“. Лицемерието е инструмент на американската дипломатија кој стана посебно опасен во период на ковид-епидемијата. Зафатете се со вашите проблеми и престанете да се мешате во внатрешните работи на други држави“.

Во еден од минатите текстови на темата руско-американски односи напишавме:„По настаните во САД и она што се случува, Америка му даде подароци на Путин. И во поглед на почитување на човековите права, и во поглед на слободата на изразување, така што тој и Русите ќе ги користат тие адути во евентуалниот дијалог, ако бидат ставени на дневен ред“. Дијалогот уште не е почнат очи во очи, но затоа пред нас се води дијалог со соопштенија. Барем засега.

Некои експерти, од Карнеги фондацијата на пример,  по настаните во Вашингтон пишуваат дека Западот не може да и го наметне на Русија она што кај него не работи, особено кога станува збор за специфични руски услови. Исто и за разговорите за слобода на говорот. Блокирањето на акаунтот на Доналд Трамп го осуди не само Кремљ, туку и Алексеј Наваљни и Михаил Ходорковски. Оние кои Западот сака да ги заштитува. Настаните во Капитол и во Твитер ја намалија неопходноста на Путин и руската информативна номенклатура  во неопходноста да преувеличуваат и да измислуваат.„Животот одново се покажа побогат од литературата“, велат за ова експертите. И додаваат дека:„ Она што се случува во САД  може не само да му ја зголеми желбата на Путин да остане на власт засекогаш под паролата „транзитот е хаос“, туку и да создаде пространство за демонстрација на надмоќ на Русија, на пример, во вид на нормално предавање на власта на наследникот. Таква надмоќ, која ќе создаде впечаток за цврстината и функционалноста не само на режимот на неговата лична власт, туку и на целиот руски систем“.

ЕДНО Е ПУТИН, А ДРУГО НАРОДОТ

Бајден уште поодамна најави и на тоа го советуваа, посериозно да се занимава со човековите права во Русија и граѓанскиот сектор. Но по Вашингтон-Капитол, малку ќе му бидат врзани рацете за полна слобода во настапот на тој план. На есен во Русија ќе има избори за Државната дума. А во 2024 година и претседателски. Веројатно Американците ќе бидат поактивни на тој план со поддршка на некои опозиционери. Број еден таков политичар е Наваљни. Експертите најавува дека може да се очекуваат интензивни информациони кампањи против, според Бајден,  кремљовските автократи – клептократи. Можеби истражувањето на Наваљни  за „дворецот на Путин“, подготвено додека беше во Германија, а публикувано по затворањето во Москва, е дел од тие кампањи. Дотолку повеќе што се гледа дека се’ е однапред темпирано и измонтирано со најави за него, затоа што беше голема веројатноста за притворање на Наваљни.

Предиграта во градењето односи меѓу САД и Русија, сигурно нема да симне од дневен ред битните прашања за двете држави. Ова со Наваљни и опозицијата е само најава на кој начин Американците ќе дејствуваат. Од изјавата погоре на Џејк Саливен е јасно. Ќе се напаѓа Путин, власта, режимот, но ќе се брани народот. Народот не смее да се поистоветува со Путин. Поранешниот амбасадор на САД во Москва, Мајкл Макфол, околу ове е многу јасен. „Најважно е администрацијата на Бајден, а исто така и другите избрани американски чиновници, коментатори, и новинари да престанат да го демонизираат рускиот народ. Бајден и неговиот тим се должни да сторат се’ што е можно да се направи граница меѓу Русија и Русите и меѓу Путин и рускиот народ...администрацијата јасно треба да објасни дека санкциите од САД  се казна за оние кои ги нарушуваат човековите права и да ги сменат агресивните внатрешно политички дејства на Путин, а не да му наштетат на рускиот народ..“ Ќе биде интересно да се види како ќе се развиваат овие работи. 

ПОДЕЛЕНА АМЕРИКА

Надвор од ова вреди да се каже дека во четвртокот Бајден нареди да се спроведе голема истрага околу разузнавачките податоци за улогата на Русија во високо технолошкиот хакерски напад на компјутерските мрежи на владата и некои компании. Наводно осум месеци Русите „се шетале“ низ тие мрежи. Друга работа од четвртокот се „непријателските дејства на Москва низ цел свет“, а и прашањата со дисидентите во земјата. Истовремено Бајден сака да продолжи договорот СТАРТ-3 уште пет години. Нему му се брза бидејќи договорот истекува на 5 февруари. А станува збор за контрола на нуклеарното оружје. САД сметаат дека ваквиот договор има смисла „во време на непријателски односи на САД со Русија, како што се сега“. Како ќе се изведе тоа технички не е јасно, ќе има ли потпишувања, кој, кога, иако во договорот пишува дека може да се продолжи уште пет години, доколку се согласни обете страни.

Што ќе може да направи Бајден со Русија кога си има еден куп внатрешни проблеми. Поделена Америка. Наследството од Трамп е голем товар. Коронавирусот е голем предизвик. Бајден најави 10 милиони вакцини за 100 дена! Премногу оптимистичка најава, која ако не ја спроведе ќе му се чукне од глава како што му се случуваше на Трамп со неговите изјави и практики околу коронавирусот. Сигурно не би сакал американскиот претседател уште во првите 100 дена да го поистоветат на тој план со Трамп. Бајден упорно повикува на единство. Голем дел од инаугуративното обраќање му беше посветено токму на единството. Дали ќе може за четири години да го оствари? Нешто што во САД се распаѓа уште од пред дваесет години. А кулминираше пред заминувањето на Трамп.

Некои велат дека тема која би можела да ја обедини американската елита е враќањето на меѓународното лидерство на САД и борбата со трампизмот во глобален масштаб. А едно од глобалните лица на трампизмот станал Путин. Па врз основа на тоа се надеваат дека Бајден би можел да ја сплоти елитата дома. Во историјата на американско-руските односи Американците секогаш се сплотувале кога народот го плашеле со Русија.  Но овде пречка можат да станат позициите на американските сојузници, кои за разлика од САД, во односите со Русија имаат што да изгубат. Трамп веќе нанесе штета на тој план.

НЕУТРАЛНА ЕВРОПА

Едно истражување на   Европскиот совет за меѓународни односи вели дека основниот заклучок е дека Американците имаат нов претседател, но не и нова држава. Трамп остави голема лузна во односите со Европа. Иако мнозинството европјани се радувале на победата на Бајден, тие не веруваат дека тој може да и помогне на Америка да се врати како угледен светски лидер. Анкетата била направена во 11 европски земји во ноември и декември при што биле прашани 15.000 испитаници. Мнозинството во клучните држави-членки на ЕУ сега сметаат дека политичкиот систем во САД е урнат, дека Кина ќе биде помоќна отколку САД во текот на десетлетието, и дека европјаните не можат да сметаат на САД во нивна заштита.  Многумина сметаат дека европјаните треба да инвестираат во својата заштита и да гледаат на Берлин, а не на Вашингтон, како на свој најважен партнер. Тие би сакале да бидат поостри со САД на економски план. И наместо да се присоединат кон САД, тие би сакале нивните земји да останат неутрални во конфликтот меѓу САД и Русија или Кина.

И како Бајден ќе ги врати САД на лидерското место во светот, како што најавуваше пред месеци? Внатрешните проблеми се поголеми од меѓународните. Русите ќе чекаат. Ним не им се брза. Полоши од сега меѓусебните односи не можат да бидат. Тие од Трамп и американските законодавци добија 46 санкции! Кинезите исто така ќе бидат во исчекување. Дали Бајден ќе оди на сериозна конфронтација? Може, и тоа би бил начинот за обединување внатре во земјата. САД секогаш ја мобилизирале јавноста пред војни и тогаш нагло растел рејтингот на претседателите. Но не секогаш последиците од таквите приоди биле поволни за САД. Во Виетнам доживеаја катастрофа. Во Авганистан сега минуваат не подобро од Русите. Ги изгубија пријателите на Блискиот исток. Погорната анкета го покажува расположението во Европа во евентуален судир со Русија и Кина. За што попрво ќе се фати Бајден?  Дома или надвор? А малата предигра со протестите во Русија ќе послужи само за загревање. Не и подалеку од тоа. Барем во догледен период. Уште еден цитат од Мајкл Макфол. „Русофобијата„ и стереотипите за тоа дека Русите имаат вродени склоности кон империјализам и дикатура им служат само на интересите на Путин, вели тој. Бајден, барем засега, не мисли така.

Мирче Адамчевски



Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок