24 Април, 2024
0.0286

Против загадувањето со нови бизнис модели на греење

Објавено во: Колумни 22 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Загадувањето на воздухот во Скопје и во остатокот од Македонија е проблем со кој се соочуваме секоја година како лоша реприза. Секоја година се креира план со мерки против загадувањето кои се чини дека се забораваат со првото дување на ветар или пак се повторуваат на прес конференции се додека не дојде пролет и народот подзаборави на проблемот.

Викендов бевме сведоци на рекордно загадување а Македонија беше прва во светот по загадување на воздухот. Но она што мене највеќе од се ме чуди е инертноста на тие кои можат да преземат мерки против проблемот и да направат вистинска разлика по однос на квалитетот на живеењето, како нивните деца и фамилии да дишат друг воздух.

Инспириран од поговорката ,,Сите сакаат да го спасат светот, а никој не сака да помогне дома и да ги измие чиниите”, и наместо да ја искажувам мојата револтираност преку Фејсбук статус, ќе се обидам да предложам решение кое ќе покрие барем дел од овој проблем.

Сите анализи и наоди спроведени досега укажуваат дека греењето е најголемиот загадувач на воздухот во скопската котлина. Ваквите наоди се потврдуваат и во студијата изработена од страна на Финскиот метеоролошки институт во рамките на твининг проектот со Министерство за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) каде е пресметано дека дури 90% од вкупните емисии на ПM честичките доаѓаат од загревањето (огревно дрво).

За моја среќа, што оди во прилог на текстов, налетав на следниот цитат од Планот за чист воздух на Владата на РМ кој вели: “Имајќи предвид дека субвенционирањето не е најсоодветниот и најефикасен начин за поттикнување на промени, а во исто време може негативно да влијае врз пазарните активности во овој сектор (понудата и побарувачката на нови технологии и енергенси за греење), активностите ќе бидат насочени кон изнаоѓање на модели за поттикнување на приватните компании да понудат посоодветни пакети, а домаќинствата полесно да можат да се одлучат да ги променат технологиите за греење.

За наша среќа вакви модели веќе постојат. Се работи за ЕСКО бизнис моделите кои за првпат се појавуваат во САД во 1970те години, а во Европа земаат се поголем замав последните 10 години.

Во моментов Европската Комисија, преку своите проекти MOEEIBUS и NOVICE , работи на нови варијанти на овие бизнис модели, нивно ширење и промовирање во Европа.

Што е ЕСКО и кои се ЕСКО бизнис моделите?

ESCO е термин кој се користи за компанија која нуди сеопфатни енергетски решенија на своите клиенти, вклучувајќи ревизија, редизајнирање и имплементирање на промени во начините на кои клиентот троши (во нашиов случај) топлинска енергија, со примарна цел да се подобри енергетската ефикасност.

Досегашниот бизнис модел на компаниите што се применува кај нас е едноставен и се состои од инсталирање опрема – услуга за која веднаш се платени. Додекапак, компензацијата на ЕСКО се базира на перформанси, и се  финансира од придобивките од подобрената енергетска ефикасност.

Иако постојат повеќе ЕСКО бизнис модели (може да прочитате повеќе во извештајот “New Business Models and Associated Energy Management Strategies” на MOEEBIUS), за Македонија би ги издвоил следните два како најпогодни:

Лизинг комбиниран со заеднички заштеди

Клиентот плаќа 30% од вредноста на опремата при нејзината инсталација, а 20% од вредноста на опремата ги исплатува на рати без каматна стапка. Останатите 50% се покриени преку заштедите на системот, односно се наплатуваат секоја година преку претходно договорена сума на годишен трошок пред и по инсталација. (овие проценти може да се променат според потреба)

Пример. Домаќинство се одлучува да купи котел на пелети од 30.000 денари. При самото купување плаќа 9.000 денари, и 6.000 на рати без каматна стапка.

Моментално семејството се грее на дрва за што годишно троши 20.000 денари.

Според пресметките во кои се земени во предвид квадратурата, типот на изолација и просечното време на греење, со префрлање на пелети ќе троши 15.000 денари. Во ЕСКО договорот ќе стои дека ќе има заштеда од 5000 денари годишно кои домаќинството секоја година ќе ги плаќа на ЕСКО компанијата дури не ги исплати останатите 50%.

Модел со заеднички заштеди и променлив рок на договорот

Овој бизнис модел е најдобар за индустриски објекти или на ниво на зграда.

Кај овие договори со променлив рок на договорот, ЕСКО компанијата го дизајнира, финансира и спроведува проектот. Доколку добиените заштеди се помали од очекуваното, мандатот на договорот може да биде продолжен за да му се овозможи на ЕСКО да ја врати својата целосна инвестиција. Во овој бизнис модел ЕСКО компанијата ги зема сите заштеди додека не добие целосна исплата.

Од горенаведеното, лесно може да се заклучи дека компаниите ќе уживаат неколку придобивки:

-  Зголемен број на клиенти

-  Склучување договори за одржување на системите додека трае ЕСКО договорот

-  Можности за кофинансирање на опремата преку грант шеми на ЕУ за ЕСКО

Но, најважно е дека граѓаните ќе ги почувствуваат следните бенефити:

-  Подостапна опрема за греење

-  Намалување на загадувањето  

-  Намалени годишни трошоци за греење

Според последниот извештај на МАНУ, доколку град Скопје не преземе мерки, емисиите [kt] на PM10, PM2.5, CO ќе се зголемат за 31% во 2025 година во однос на 2015 година.

Доколку ги преземеме следните мерки: изградба на енергетски ефикасни згради, користење на поефикасни технологии и зголемено прифаќање на централното греење, тогаш емисиите на PM10 и PM2.5 ќе се намалат за околу 70%, а емисиите на CO за 56% во 2025 година во однос сценариото без мерки.

ЕСКО бизнис моделите ги поддржуваат овие промени, време е да почнат да се користат.


Дамјан Кочов

Авторот е магистер на McCombs School of Business дел од Универзитетот на Тексас во Остин, 17 то рангиран универзитет во светот


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок