01 Мај, 2024
0.0245

Првата мајчица ја загубив, не сакам и втората – МАКЕДОНИЈА

Објавено во: Колумни 17 Мај, 2015

Добивај вести на Viber

Народе Македонски, со какви идеи си ти, доста беше, разбуди се, свести се не спиј ти....стихови толку големи, вознесени, полни со емоции, ти го изнедруваат од тебе исконското, гордото, националното, ти ја милуваат душичката, те воспеваат, ти го отвораат срцето, а можеби и ти поткренуваат некоја солзичка. Ах, се прашувам, колку ли долго ќе ги пееме овие и уште многу налик на нив стихови, стихови чии зборови тежат како олово, болат како сол на отворена рана, печат душа и жарат, пламтат и потхрануваат... Стихови полни со национален порив, зборови кои  секој кој барем еднаш ги чул не останал рамнодушен, стихови кои го будат во тебе чувството на припадност, на една нација, на нација со традиција, со корени, со историско минато. И цел ден си ги потпевнувам ,а не знам зошто на ум ми дојдоа, така наеднаш, полека, тивко, како пролетен утрински ветер, и во мене покренаа лавина на емоции... Ние сме како пиреј, опстојуваме и покрај се А проклетието не прати катадневно, постојано се докажуваме и покажуваме, континуирано се залагаме за правдина, чесност, си го бараме местото под сонцето кое исконски ни припаѓа. А не негираат, не блокираат, не омаловажуваат, не сотруваат, ама ние, како што љубеше да каше бардот на македонското писателство и македонскиот великан Петре М.Андреевски, ние сме како Пиреј, опстојуваме и покрај се и покрај сите, слободно може да кажам злодела, кои ни се чинети.  И како троскот ние вирееме, неповадени, насушни, низ грмје и џбуној, ама тука сме, горди родољуби. Џабе фалбите и пофалбите, ако делата ти говорат спротивно од устата Патриотизмот е тежок и силен збор и затоа не треба да го очекувате од слаби луѓе. Патриотизмот не се кажува и докажува, тој се покажува, со вистински активности и дејанија. Патриотите, оние вистинските си ја љубат искрено и безвременски државата и чинат се за нејзино добро. Тие и во својот вредносен дискурс на пиедесталот на величини го имаат поставено патриотизмот. Тие се вистински родољуби, кои не знаат за зло, кои не знаат за сотрување на своите ближни луѓе, тие тоа што го мислат, го говорат и го чинат-патриотизмот не познава хипокризија. Џабе устата полна со споменување на државата, џабе фалбите и пофалбите, ако делата ти говорат спротивно од устата, џабе удирањето в гради и колнењето во светото и чесно име, ако душата ти мрази и устата ти блуе отров, се е залудно ако се колнеш во светоста на сопственото име и земја, ако заткулисно ги урнисуваш темелите на истата. Не тогаш не заслушуваш да се наречеш патриот, тогаш си само обичен граѓанин кој индивидуалното и егоистичното го ставил пред колективното. Не познавам човек на планетава што не сака прогрес Сите сакаме богата и просперитетна Македонија, сите го сакаме граѓанското општество, сите сакаме да живееме во демократија-но во вистинска смисла на зборот. Не познавам човек на планетава што не сака прогрес, за себе, за своите ближни и драги луѓе, убости и светла иднина и за земјата во која битисува. Оти џабе ти се пари и богатства, џабе ти е лажниот сјај и сјајните руби ако се стекнати со пот и солзи на некои кои ги правеле и ткаеле, џабе себе воспевањето ако не те допира плачот на детето кое бара само корка леб, џабе прегратката и тапкањето по рамо, ако стисокот на раката на другиот е стисок кој значи барање на помош и поткрепа, џабе сите убости и вредности ако немаш со кој да ги споделиш. Индивидуалното само по себе нема никаква вредност, радоста сама по себе нема никаква вредност ако сам ја доживееш, затоа и не случајно велат споделена радост поголема радост. А кој не сака радости, среќа и од убавини да не куртули, кој не сака добробит за себе , за ближните и за секој пријател, сосед, познаник, кој не сака мир и спокој, прогрес и просперитет но сето тоа во земја која ќе ти даде можност да се докажеш и покажеш. Денес ќе излезам на протест Секој родољуб сака да живее во земја во која умот ќе царува, во која економијата ќе биде база и постојано ќе се надградува, земја во која правото и правдата ќе бидат светиња, земја во која образованието ќе биде на врвот на приоритети, земја во која здравството ќе се грижи само за вистински здравствени реформи, а здравствените грешки и изгубени животи ќе бидат само едно болно минато, земја во која секој ќе напредува според своите компетенции и квалитети, земја во која партиското ќе биде маргинализирано и човечкото и хуманото ќе биде над партиското, земја во која секој ќе може културно и уметнички да се оплотува и развива и земја во која ќе бидеме сите вистински сестри и браќа еден на друг, без омраза, партиска поделеност, етничка и конфесионална разлика. ЗА ТАКВА МАКЕДОНИЈА СОНУВАМ И ТАКВА МАКЕДОНИЈА САКАМ. Во името на подобра и просперитетна Македонија, во името на моите предци кои животи оставиле за нашата ни мила држава, во името на сегашните млади генерации кои покажаа и докажаа што е достоинство и сила, во името на секој добронамерник и чесен граѓанин кој не сака поделби и конфликти, во името на сите правични и добри домаќини, во името на иднината, во името на каузата за ПОДОБРА И ПРОСПЕРИТЕТНА МАКЕДОНИЈА  денес ќе излезам на протест...За државата се работи, таа е мојата втора мајчица, првата ја загубив и во нејзино име ќе кренам глава-гордо високо, бидејќи не сакам и вторава да ја загубам..Да ни е вечна нашата ни мила Македонија. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД