30 Април, 2024
0.0259

Првенството – светско, работното време на кафулињата – локално!

Објавено во: Колумни 15 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Очите на целата планета се свртени кон Бразил. Бубамарата се тркала по зелениот тепих, најдобрите светски фудбалери ги презентираат своите вештини на големата сцена, а оние среќници кои дошле до билет за некој од натпреварите, ќе имаат за што да им раскажуваат на своите роднини и пријатели. Оние другите пак, кои не можат да си дозволат да одат во Бразил (а такви ги има неколку милијарди), со часови и денови остануваат заковани пред малите екрани следејќи ги фудбалските возбудувања.

          Фудбалската еуфорија ја зафати и нашата земја. Имајќи во предвид дека ќе треба да почекаме уште некое време додека нашата фудбалска репрезентација да обезбеди настап на светско фудбалско првенство, секој од нас си има свој фаворит од земјите кои се присутни во Бразил. Некој навива за една од светските фудбалски велесили, друг за некоја од земјите од нашиот регион, трет за земја која не спаѓа меѓу фаворитите, но која со својот пристап кон натпреварите ги освоила симпатиите на љубителите на фудбалот од нашата земја. Традиција е овие натпревари да се следат во кругот на пријателите. Не е интересно човек сам да седи пред телевизорот и да се радува или нервира во зависност од движењето на резултатот. Многу е поинтересно во друштво. Заедничкото следење на натпреварите овозможува размена на мислења буквално за сите детали на фудбалскиот натпревар, при што секој ја презема врз себе улогата на фудбалер, селектор или стручен коментатор. На тој начин расте адреналинот, возбудата достигнува кулминација, а секој гол на омилената репрезентација се прославува со долготраен излив на емоции. Најомилена дестинација за групно следење на натпреварите се кафулињата. Тие на секој добронамерен гостин му овозможуваат да помине неколку пријатни часови со фудбалскиот пренос на голем екран, соодветната доза на пиво и кикирики и доброто друштво на сопствената и околните маси кои го прават амбиентот уште поинтересен и повпечатлив. Арно ама, има едно ама... Работното време на кафулињата во работни денови завршува на полноќ. За викенд тоа завршува во еден часот после полноќ. Во тоа нема ништо лошо, но во „обични денови“. Сега имаме светско фудбалско првенство во тек. Со оглед на временската разлика помеѓу Македонија и Бразил, голем дел од натпреварите започнуваат точно на полноќ по наше време и траат до два часот изутрина. Овие натпревари љубителите на фудбалот не можат (или барем не можат во целост) да ги следат во некое од кафулињата. Од тие причини, угостителите во Скопје поднесоа иницијатива за продолжување на работното време на кафулињата додека трае светското фудбалско првенство. Оваа иницијатива е во целост оправдана, а нејзиното усвојување од страна на надлежните органи ќе донесе корист за сите заинтересирани страни. Фудбалските навивачи ќе дојдат „на свое“ и на мира ќе ги следат натпреварите, без страв дека некој на полувреме ќе ги замоли да побараат алтернативна локација. Угостителите, кои „со душа“ чекаат настани од ваков тип, зашто тогаш прометот повеќекратно им се мултиплицира, ќе можат да дојдат до планираните парични средства. Тие средства секако ќе бидат оданочени, па дел од нив ќе се слее во буџетот. Сите ќе бидат среќни и задоволни. За жал, повторно се чека да дојде „дванаесет и пет“. „Пет до дванаесет“ одамна не важи на овие простори. Иницијативата на угостителите дојде на неколку дена пред самиот почеток на светското фудбалско првенство. Надлежните органи си ја префрлаат топката помеѓу себе и не можат да утврдат во чија надлежност е донесувањето на одлука за евентуалната промена на работното време на кафулињата. За непочитување на работното време следуваат казни и така до недоглед. Првенството ќе заврши додека се договориме кој што треба да направи и како да се преземе чекор кој ќе ги задоволи сите страни. Во некои земји од светот прилагодувањето на работното време на одредени настани од пошироко значење е нормална појава. Посебно ако се знае дека таквото прилагодување е од (економски) интерес на повеќе субјекти. Во крајна инстанца, прилагодувањето на работното време е од интерес и на оние субјекти кои ја носат таквата одлука. Само што, во тие земји точно се знае кога и каде се поднесува одредена иницијатива, односно кој и кога одлучува по таа иницијатива. За жал, ние сеуште не успеваме да ги преболиме „детските болести“. Сеуште „играме пинг понг, наместо фудбал“. Токму затоа гледаме светско фудбалско првенство на телевизија (првото полувреме во кафуле, а второто дома), а потоа се чудиме на остварените економски резултати на другите земји и нивните пазарни субјекти. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД