19 Април, 2024
0.0277

Путин - Агитација и одбрана на руските позиции

Објавено во: Колумни 24 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Средава што помина рускиот претседател Владимир Путин по долго очекување се обрати со традиционалната годишна реч до Федералното собрание. Што се не се слушна во деновите пред обраќањето. Дотолку повеќе што тоа се одржа во  време на затегнати односи со Западот, протерување дипломати, санкции од САД,  со военото затегнување во и околу Украина и ден пред Самитот за климата, толку значаен за американскиот претседател Џо Бајден. И во денот кога илјадници поддржувачи на Алексеј Наваљни излегоа на забранети протести.

Во таков стек на околности некои најавуваа најава на војна во Украина, други признавање на независноста на т.н.Доњецка република и на Луганската република. Па нивно припојување кон Русија, па Формирање на Сојузната држава со Белорусија...Нормално кон сето ова придонесуваше и „таинственоста“ околу содржината на обраќањето, која ја подгреваше портпаролот на Путин, Димитриј Песков, кој во повеќе наврати повторуваше дека „Претседателот е многу зафатен со подготовката на годишното обраќање до Федералното собрание“.

И како што велат Србите „Тресла се гора, родио се миш“. Ништо од шпекулациите и претпоставките. Обраќањето беше агитација или предизборен настап, иако изборите за Думата, парламентот, ќе се одржат дури наесен. Во период на стагнација во општеството и не може нешто друго да се очекува. Ред фалби, ред ветувања и нормално, иако многу малку, на меѓународен план, дека по секоја цена Русија ќе ја брани својата позиција. Ниту збор за актуелните работи околу Украина, протестите, падот во економијата, Наваљни...

Според кажаното ќе течат многу пари до есен. Во Кремљ знаат дека народот не е загрижен толку за односите со Украина, отколку за подобрување на животот. Поголеми плати, повеќе социјална поддршка...Путин го почна обраќањето со борбата со коронавирусот, трите руски вакцини, резултатите од таа борба. Во такви услови работниците од селското стопанство собрале рекордни жетви. Но не помалку тој ги пофали и воените лица, големите претпријатија кои мораат непрекинато да работат, социјалните работници и учителите. Ги пофали милионите волонтери во борбата со епидемијата, но и духовната поткрепа од „служењето на нашите традиционални религии“. Имаше за сите по збор два.

РАЗДАВАЊЕ ПАРИ

Фактот дека во Русија имаат голем проблем со демографијата го признава и Путин, но очекува до 2030 година просечната должината на животот да биде 78 години. Тој најави и делење пари. За ученици, и првачиња на кои ќе им  бидат дадени во август. Месец пред изборите во септември. За да можеле родителите да ги подготват децата за на училиште. За четири години ќе се изградат нови 1.300 училишта, каде што ќе учат над еден милион деца. Ќе се купуваат автобуси за нив. Ќе има додатоци за некои наставници. Ќе се одвојат милијарди рубљи за домови на култура и музеи во селата. Во високото образование ќе се отворат нови 45.000 места за студирање на државна сметка. На фундаментални истражувања ќе се потрошат еден трилион и 630 милијарди рубљи. Вакцините мора да бидат домашни. Во случај да има нови вируси Путин побара за четири дена државата да има свој систем за тестирање.

Но, Путин не застана тука со раздавањето пари. Посебно ќе има за инфраструктура во градовите, обиколките. Треба да почне реализацијата на проектот за Арктикот, негово „освојување“. Ќе се дадат пари за магистрални патишта кои ќе го поврзат Балтикот со Екатеринбург, а претходно со Казањ. А кон магистралите ќе се градат мрежи патишта кои ќе поаѓаат од попатните села и градови. Во повеќето населени места има гас, но нема приклучоци до секоја куќа. Нив треба да ги инсталираат бесплатно за населението. На ред дојде и развојот на туризмот во кој исто ќе се вложат пари, за да се биде подготвен за времето кога ќе заврши сегашната пандемија.

Експертите веднаш почнаа да расправаат за обраќањето на Путин. На конференцијата на  сајтот Finam.Ru, политикологот Владимир Слатинов ја опиша пораката на претседателот како „раздавање“, затоа што во Кремљ разбираат дека „геополитичките хистерии не ги фаќаат гласачите кои сакаат да ги зголемат приходите и да ја подобрат животната средина, а не отворање на „ украинскиот фронт “.

БУЏЕТОТ НЕМА МНОГУ ДА СТРАДА

Сепак, иако владата е подготвена да потроши средства, „изборот е ограничен“, а парите ќе бидат наменети само за помош на семејства со деца, здравствена заштита и одредени социјални аспекти. „Задачата е да им се разјасни на луѓето во регионите дека нивната животна средина ќе се подобри, да се всади доверба во скоро враќање на растот, да се фрлат пари за собирање деца на училиште. И до 19 септември, барем дел од критичните гласачи треба да го подобрат своето расположение “, рече Слатинов.

Од своја страна, Игор Николаев, директор на Институтот за стратегиска анализа на ФБК Грант Торнтон, забележува дека не станува збор за големи пари: "Колку пари ви се потребни за да платите бенефиции за бремени жени? Неколку милијарди руби, не повеќе".За инфраструктурни проекти, според Николаев, властите ќе земат средства од Фондот за национална благосостојба, бидејќи цената на нафтата дозволува тоа да се направи.

Алексиј Коренев, аналитичар на Групацијата на компании ФИНАМ, е согласен со ова и истакнува дека обемот на социјални плаќања е мал: целиот износ на помош се проценува во опсег од 400-570 милијарди руби за буџетските години 2021-2022 , од кои околу 140 милијарди се истите "детски" плаќања. И "фиксните годишни трошоци" треба да изнесуваат 130 милијарди руби. "Буџетот нема да страда многу", вели експертот.

На прв поглед не треба да се очекуваат никакви промени во Русија, зашто секое годишно обраќање оди по истиот терк, ама работите многу тешко се менуваат. Претседателот за се’ што кажа сака поддршка од Владата, но не помалку од сите партии застапени во Думата. Путин ниту збор не кажа за вонпарламентарните партии. Можеби и ќе се повтори практиката досега, па наесен од различни причини ним да не им се дозволи или ќе им се ограничи учеството на изборите.  Многумина сметаат дека можат да им се помрсат сметките на парламентарните партии. Особено што некои од вонпарламентарните партии и движења имаат голема поддршка кај младите. На пример  оние што ќе бидат поддржани од приврзаниците од Алексеј Наваљни. Оттука, Путин не случајно ќе се „растури“ од фрлање пари во и околу образованието. 

ПУТИН-ЛЕКАР КОЈ ПРЕПИШУВА МЕДИТАЦИЈА 

Ваквиот приод, да не се менува ништо во земјата е повод експертката Татјана Становаја да каже дека се менува природата на путиновото лидерство. „Од фигура која ги задава правилата на игра за развој на општеството тој се претвора во терапевт, чија функција е да ја убеди јавноста да се помири со непроменливоста на правилата на игра. Во денешното обраќање Путин  не е претставен како политичар-творец, туку како лекар кој на пациентите им препишува медитација, вакцинации и социјални средства за смирување за полесно да ја трпат вознемирувачката реалност“, напиша Становаја.

Многумина беа изненадени што геополитичкиот дел од обраќањето на Путин беше и најкраток. Тој вкупно зборуваше еден час и 20 минути, а за надворешната политика дали потроши десетина минути. Путин веројатно имаше и зошто да не излезе во јавноста со „тешки“ изјави. Иако се очекуваше тоа од него.  Веројатно тој во очекување на самитот со Бајден не сака да ги открива картите. Згора на тоа наредниот ден се одржуваше и Самитот за Климата, а кој многу му значи на Бајден. Путин даде согласност за учество два дена пред Самитот. Но во САД веќе се зборуваше за триумф на Бајден. Демек САД повторно се лидери во светот. Овој пат тие ќе ја водат светската битка за климата. А така би сакале да биде во секој поглед. Но на тој пат има многу пречки кои треба да се поминат. Во прв ред Русија и Кина.

Затоа Путин  нагласи во обраќањето дека:„ Русија има свои интереси, коишто ги браниме, и ќе ги браниме во рамките на меѓународното право, како што прават и другите држави во светот. И, ако некој одбие да ја разбере оваа очигледна работа, не сака да води дијалог, избере себичен и арогантен тон, Русија секогаш ќе најде пат да ја одбрани својата позиција“.

НАПАДИТЕ ВРЗ РУСИЈА – НАЦИОНАЛЕН СПОРТ

Тој ги спомена и економските санкции кои се користат за наметнување сопствена волја врз други. Но, според него, денес таа прераснува и во директни обиди за државен удар, како што е Белорусија, убиство на нејзиниот претседател. А Запад молчи за тоа, како што молчеше за претседателот на Украина Јанукович, кому му направија вооружен државен удар и едвај остана жив. Според Путин признанието на притворените учесници во заговорот во Белорусија зборува дека во подготовка бил голем сајбер напад на целата инфраструктура во земјата. А тоа не се прави со еден прекинувач, рече Путин, меѓу редови кажано, зад тоа стојат добро подготвени и моќни сили. По којзнае кој пат, рускиот претседател ги обвини западните колеги дека „тврдоглаво одбиваат бројни руски предлози за воспоставување меѓународен дијалог во областа на информациите и сајбер безбедноста. Ова го предложивме многу пати. Секој бега далеку, дури и од разгледување на ова прашање“.

Путин нагласи дека на Запад веќе станува обичај, национален спорт, од било која причина, без никаков повод да се фаќаат за Русија, да се каже нешто погласно за неа. Нагласувајќи дека Русија се воздржува од реакции не само на непријателски постапки, туку и на целосна грубост, тој рече дека сакаат да  имаат добри односи со сите учесници во меѓународната комуникација. Па направи алузија на „Могли“. Прво дека некои држави се фаќаат за Русија и таму и овде. Тој некои западни земји ги спореди со мали шакали, кои завивајќи постојано се вртат околу тигарот, „за да го смируваат својот суверен“. Путин вели дека Русија  сака да има добри односи со сите учесници во меѓународната комуникација, вклучително и со оние со кои благо речено немаат добри односи во последно време. „Ние навистина не сакаме да палиме мостови. Но, ако некој ги сфати нашите добри намери како рамнодушност или слабост и тој самиот има намера конечно да ги запали или дури да ги разнесе овие мостови, тој треба да знае дека одговорот на Русија ќе биде асиметричен, брз и груб“, нагласи Путин.

Рускиот претседател додаде дека на било какви провокации што ги загрозуваат основните интересите на нивната безбедност ќе зажалат за стореното на начин на кој не жалеле долго време. За потоа да се закани:„...  морам да го кажам ова, имаме доволно трпение, одговорност, професионалност, доверба во себе и во својата исправност и здрав разум при носење на било каква одлука. Но, се надевам дека никој нема да помисли да ја премине таканаречената црвена линија во однос на Русија. А, каде таа ќе поминува, ние самите ќе утврдиме во секој конкретен случај“.

ПСАКИ:-НИЕ ИМАМЕ ДЕБЕЛА КОЖА

Кому му беа упатен сите овие зборови. Може да се нагаѓа. Асиметричниот одговор може да се однесува и на Украина, но и на други држави. Тигарот најверојатно се САД, околу кој завиваат држави-шакали. Во средата Џен Псаки, портпаролката на Белиот дом тврдеше дека САД сметаат дека искажаното од Путин како критика на Западот не се однесува на нив. „Јас не мислам дека ние лично прифаќаме нешто од кажаното од претседателот Путин. Ние имаме дебела кожа“, ја пренесоа агенциите изјавата на Псаки, одговарајќи на прашањето за тоа дека рускиот претседател некои земји ги споредил со шакали кои се вртат околу тигарот.

Меѓународната политика е полна со шакали и тигри. Тоа им е јасно на сите учесници во неа. Прашање е само кој е тигар , а кој е шакал што завива околу него. За Путин во моментов најважна е средбата на врвот со Бајден. Тоа значи многу за него. Ќе можат со Бајден да си ги кажат интересите на двете држави од кои нема да отстапат. Колку ќе се договорат околу нив е друго прашање. Но важно ќе си дадат на знаење. Првиот чекор веќе го направија. Поточно го направи Путин, правејќи му чест на Бајден со учеството на Самитот за климата. Сега треба да го видиме вториот чин. Веќе е најавено дека Бајден во јуни ќе биде во Европа. Во Британија од 11 до 13 јуни ќе се одржи Самитот на Г-7. Од таму Бајден ќе замине во Брисел. На самитот на НАТО. Еве шанса некои од нашиве политичари, ако не повеќе, да му намигне на Бајден. Во Брисел ќе има Самит САД-ЕУ. Претходно, кон крајот на мај, ЕУ ќе расправа за односите со Русија.

Па така Бајден ќе биде мошне добро подготвен за средбата со Путин од аспект на НАТО, Г-7, ЕУ. Но што ќе носи во билатералата? Русија и денес нема никакви односи со ЕУ, ама затоа со некои земји од Унијата соработува на заедничко задоволство, со сите проблеми во односите. Може ли такво нешто да с создаде меѓу САД и Русија? Дотолку повеќе што на Бајден дома не му цветаат рози. И релаксирани односи со Русија сигурно би му помогнале подобро да се справи со внатрешните проблеми. Иако некои во САД сметаат дека Русија е непријател и тоа треба да остане. И на  тој начин домашните проблеми да се покријат со „заканите“ од надворешниот непријател.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок