20 Април, 2024
0.0246

Путин 4.0

Објавено во: Колумни 11 Мај, 2018

Добивај вести на Viber

Бидна и тоа. Владимир Путин по четврти пат стапи на претседателската должност. Пред него се нови шест години да ја раководи Русија. Од 2000 година наваму тој беше на чело на државата шест години. Од 2008 до 2012 „чувар“ на претседателската фотеља беше Димитриј Медведев.

„Ги сметам за свој долг и смисла на целиот мој живот да направам се за Русија, за нејзината сегашност и иднина...за благосостојба во секое руско семејство. Ве уверувам, цел на мојот живот и работа, како и порано ќе биде служењето на луѓето, на рускиот народ нашата татковина. За мене тоа е над се“, рече Путин во обраќањето при неговото инаугурирање

Путин е прав. Тој има шест години да го докаже и покаже тоа што го изјави. Дека на народот му треба благосостојба. Особено по годините на тркалање надолу. По годините кога економскиот раст беше драстично забавен, за разлика од првото десетлетие од овој век. Економски раст дефинитивно замина во заборав од 2014 година, иако тенденцијата за економски пад беше забележана порано. Па така Русија стапи во период на стагнација. Со економски раст околу нулата или единицата. Вина за тоа во голема мера имаат западните санкции воведени по настаните во Украина.

И токму затоа благосостојба е вистинскиот збор што го кажа Путин, за да се обиде да го увери народот дека работите конечно ќе тргнат кон подобро. Но малку кој верува во тоа. А и не може на таков настан да се зборува поинаку, освен да се ветува на народот светла иднина. Тоа е исто како кога се оди на избори. Народот од кандидатите на нив сака да чуе нешто за своите мечти, посакувања, за решавање на проблемите, а овие пак им ги сервираат шарените лаги дека се ќе биде како што бара народот.

А рускиот народ бара промени.  Една анкета на Серускиот центар за истражување на јавното мнение покажува дека речиси 90 проценти од испитаниците се за промени, 59 проценти се искажале за промени во повеќе области од животот. Ќе може ли Путин да одговори на овие барања? Ако се земе предвид една друга анкета, тогаш одговорот може да се стави под сомнеж. Учесниците во анкетата на „Левада-центарот“, независна истражувачка организација, како главен успех во третиот мандат на Путин го сметаат „враќањето на Русија на статусот на почитувана велесила“. Дури 47 проценти од испитаниците се за тоа, а 38 проценти  од испитаниците за успех го сметаат стабилизирањето на ситуацијата на Северниот Кавказ. Наспроти ова главните претензии на испитаниците кон работата на Путин се однесуваат на неуспехот на претседателот да обезбеди праведна распределба на доходите, а 39 проценти изјавиле дека обичните луѓе не успеале да ги повратат парите  кои тие ги изгубиле за време на реформите. 32 проценти ја потенцираа неспособноста на претседателот да ги зголеми платите, пензиите, стипендиите и додатоците. Во 2015 година ваков одговор дале само 15 проценти од испитаниците.

Заклучокот се наметнува само по себе. Путин  во очите на својот народ има поголеми успеси на ндворешен, отколку на внатрешен план. Што е факт кој се гледа и надвор од Русија. Ако сите во светот велат дека без Русија не може да се зборува за мирот во Европа, дека без Русија не може да се реши конфликтот во Сирија, дека Русија е еден од творците на договорот со Иран од кој деновиве се повлекоа САД, дека Русија веројатно ќе стане фактор и во решавањето на војната во Авганистан, дека без неа не е можен северниот морски пат.., тогаш навистина Путин ја крена Русија на скалило повисоко од регионална сила.

Од друга страна на внатрешен план Путин засега нема алтернатива. Расцепканата опозиција, полна со амбициозни лидери, но и под будно око на власта, уште долги години не ќе може да направи ништо за да дојде до политички промени во Русија. Алексеј Наваљни се обидува да биде над таквата опозиција, но не му успева. Тој главно има поддршка кај младите, но од друга страна државата машинерија има „свои“ млади. Па така, во Русија ќе треба да поминат уште години, можеби десетици, додека се дојде до општество кое би било демократско по западни норми.

И токму тука е силата на Путин дома. Затоа го сакаат и на Запад, па дури и во САД. Независно дали некој вели тоа го прават националисти или левичари. Заради негувањето на традиционалните вредности. Било во семејството, било црквата, било браковите. Тој се спротивставува на многу западни вредности сметајќи дека, на пример, она што е добро за Американците не мора да е добро и за Русите. Пред некој ден во Думата имаше полемика со лидерот на комунистите Генадиј Зјуганов. Овој го критикуваше давањето мандат на досегашниот премиер, одново да ја составува владата. Путин одговарајќи му ги обвини комунистите дека не се способни да водат држава. Дека во најмала рака се главните виновници за распадот на Советскиот Сојуз, бидејќи тие биле тогаш на власт.

И од ова се гледа дека внатрешните промени во Русија ќе одат многу тешко. Кога една парламентарна опозициска партија е замолчена со две до три реченици. А истата таа нема храброст да излезе на улица и да бара промени.

Шесте години што се пред Путин одново ќе поминат во знакот на надворешната политика. Товарот од Украина,товарот од Сирија, нема да се симне од плеќите на Русија уште со години. Може дури да се зголеми со „најавите“ на украинска воена офанзива во предвечерието на Светското првенство во фудбал, за што се повеќе се зборува во јавноста во Русија. Во Сирија, пак, работите иако се потсмирени, далеку се од решавање. Дежурните виновници кои „шетаат низ светот со торби или канти со хемиски отрови“ или пак хакерите кои го „избираат“ претседателот во т.н. најдемократска земја во светот или во најмала рака одлучуваат кој ќе биде на чело на некоја држава, се уште ќе бидат на тапет во западната јавност, па и кај западните политичари.

Како ќе биде односот на Русија во новиот мандат на Путин кон Македонија? Ако денот по утрото се познава не чека офанзивно лаење од страна на маргиналците. Поддршката кон нив е знак дека Русија не се откажува од желбата за влијание врз Македонија. Однапред изгубена битка за Русите.  Но тоа е веќе нивен проблем.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок