03 Мај, 2024
0.0252

Путин: Ако тепачката е неизбежна – удирај прв!

Објавено во: Колумни 23 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Во изминативе два дена рускиот претседател Владимир Путин имаше активности кои предизвикаа, а допрва ќе предизвикуваат голем одзив. Најнапред тоа беше ненадејната посета на сирискиот претседател Башар ал Асад, во вторникот вечер и средата, а вчера на завршната пленарна седница на 12. Годишно заседание на Меѓународниот дебатен клуб „Валдај“ во Сочи, тојзборуваше за борбата со тероризмот, сириската криза, разговорите со Асад, ситуацијата на Украина... Настапот на Путин обилуваше со забелешки на американската политика, нивниот „двоен однос“ кон тероризмот, желбата за доминација, „лажењето“ во однос на против ракетната одбрана, односот на САД кон европските држави го нарече како однос кон вазали, беа споменати и транспацифичките и трансатлантските економски блокови... И по овие активности на Путин останува впечатокот дека тој продолжува јавно да излегува со идеи и предлози за разни меѓународни прашања. Колку му поминуваат е друга работа. А Западот се јавува со разни соопштенија и изјави. Така беше и по посетата на Асад на Москва на која имаше три средби со Путин за само 24 часа. Заменикот прес секретар на Белиот дом Ерик Шулц го критикуваше топлиот прием на сирискиот претседател во Москва. Патем да кажеме дека ова е прво излегување на Асад од Сирија од 2011 година. Шулц, осудувајќи ја посетата, истакна дека посетата не помага во решавање на конфликтот во Сирија. Од Стејт департментот, од устата на официјалниот претставник Џон Кирби, коментар дека нема ништо чудно во посетата на Асад на Москва, ако се имаат предвид односите на Асад со Москва и воената активност на Русија во Сирија, на повик од Асад, пренесоа агенциите. Турскиот премиер, Ахмет Давутоглу, пак, изјави дека „каков било транзициски политички период во Сирија мора да биде дел од „формулата“ која гарантира заминување на сирискиот претседател од власт во најкраток можен рок. Според него, - Фокусот не би требало да биде на периодот на транзиција со Асад, туку на формулата да замине (од власт) и таквата формула би требало да биде спроведена што побрзо. Тој додаде дека доколку Асад повеќе се задржи во Москва „сирисикиот народ би почувствувал олеснување и би можел да почне транзицискиот период“. Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер по средбата со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави дека нема основа за оптимизам за ситуацијата во Сирија и Блискиот Исток како целина, а вмешувањето на Русија во сирискиот конфликт не ја олеснува ситуацијата. Штајнмаер наведе дека изнаоѓањето на решение во Сирија станало посложено по инволвирањето на Русија. Могерини, пак, потенцира дека Германија позитивно ги оценува контактите меѓу Вашингтон и Москва за Сирија.- Добро е што САД се обидуваат да го продолжат дијалогот со Русија, наваде Могерини. Џонатан Маркус, дипломатски коментатор во БиБиСи, е многу пореален и поконкретен во оценката на оваа посета. Според него посетата на Асад може да значи негова растечка увереност во сопствените сили, без оглед на тешката ситуација во земјата. Асад не се уплаши да го напушти Дамаск – прв пат од почетокот на граѓанската војна. Освен тоа, Маркус смета дека посетата ја демонстрира поддршката која Кремљ му ја дава на режимот во Сирија. И оттука нема сомневања дека наскоро напорите на Путин ќе бидат насочени кон тоа да се зацврсти на секој начин позицијата на Асад. Но, исто така посетата може да значи нова етапа во напорите на Русија да излезе со нов план за дипломатско решение на кризата, паралелно со воената операција. Се разбира со учество на Асад во евентуалните преговори. Конкретниот план на Путин И навистина Путин во Сочи излезе со конкретен план во четири точки за решавање на кризата во целиот регион на Блискиот исток. Според него за долгорочно решение во регионот, во прв ред е потребно ослободување на Сирија и Ирак од терористите и да не им се дозволи своите активности тие да ги префрлат на друга територија. Тоа би значело тотално уништување на сите терористички сили. За такво нешто потребно, според Путин, е обединување на сите сили на регуларните армии на Ирак и Сирија, одредите на курдските востаници, различни опозициони групи. Заедничката операција би требала да се потпира на меѓународното право. Второ, според Путин, очигледно е дека воената победа нема да ги реши сите проблеми, но ќе создаде услови, за главното, - почеток на политички процес со учество на сите здрави сили во сириското општество. Зашто само Сиријците треба сами да си ја решаваат својата судбина, со поддршка на меѓународната зедница, без надворешни притисоци со ултиматуми, уцени и закани. Принципиелно значење, смета Путин, би имало вклучувањето на муслиманското духовенство во процесот на политичкото решавање, исламските лидери, првите лица на муслиманските држави. И четврто, вели Путин, уште од сега треба да се направат „патни карти“ за економска и социјална обнова на регионот, за обнова на елементарната инфраструктура, живеалишта, болници, училишта. Само на тој начин, смета Путин, после отстранувањето на тероризмот и со политичко решавање,  може да се сопре големиот поток бегалци во европските земји и да се вратат во татковината оние кои заминале. При ова Путин ги повика западните земји да заборават на кавгите и да се обединат со Русија во борбата со тероризмот. -Ние гледаме дека во рамките на антитерористичката операција постепено, иако не така активно и брзо како што би сакале, но сепак се воспоставуваат контакти преку воените ресори. Сериозен чекор беше усогласувањето на руско-американскиот документ за обезбедување безбедни летови на воените авиони на двете земји над Сирија. Блиски сме и кон почетокот на размена на информации со нашите западни колеги за позициите и движењата на терористите. Сето тоа, безусловно, се чекори во вистинска насока. Главно е, едни со други да се прифаќаме како сојузници, да се однесуваме чесно и отворено. Само така можеме да ја гарантираме победата над терористите, вели Путин. Подобро да војуваме таму, отколку да ги чекаме овде Зборувајќи за неопходноста за борбата против терористите Путин забележа: „Уште пред 50 години ленинградската улица мене ме научи на едно правило: ако е неизбежна тепачката – удри прв“. Се разбира ова беше во контекст на опасноста од тероризам во Русија и други земји од регионот на Блискиот исток. Подобро е со нив да војуваме таму, отколку да ги чекаме овде, вели Путин. Како и секој дебатен форум и „Валдај“ не мина без прашања. И тука рускиот претседател ги критикуваше Американците за неефикасноста во воздушните напади врз силите на ИД. Тој очекува некаков резултат од средбата на министрите за надворешни работи на САД Русија, Саудиска Арабија и Турција во Виена, но смета дека кон нив треба да биде вклучен и Иран. За евентуална поделба на Сирија, тој смета дека тоа е најлошата варијанта која ќе води кон разгорување и продолжување на конфликтот, кој ќе добие постојан карактер. Што се однесува до тоа дали Асад треба да замине или не, Путин смета дека тоа не е коректно.Не може некој од надвор да кажува дали треба да замине од власт лидер на некоја држава. Тоа треба да го каже сирискиот народ. И тоа низ процес кој ќе го договорат. Да почне дијалог. А Асад бил  подготвен за него. „Малку ќе ја кренам завесата од преговорите со Асад. Го прашав, како ќе се однесува кон тоа, ако ние најдеме во Сирија дури вооружена опозиција, која би била подготвена да војува со терористите, со ИД, ако ние ги поддржиме нивните напори исто како што ја поддржуваме сириската армија. Тој одговори: Кон тоа се однесувам позитивно“, истакна Путин вчера одговарајќи на прашања од присутните. И додаде дека сега Русија ќе се обиде ваквиот договор да го спроведе во практика. Грешка е да се обучуваат „умерените опозиционери“ Дали е можно Американците да им дадат противавионско оружје на терористите? – Се надевам дека нема, иако со Американците се разидуваме во многу позиции, ним им е јасно дека тоа оружје ќе биде наелено и кон американските пилоти во небото над Срија“, вели Путин. Тој смета дека е грешка што Американците има даваат противтенковско оружје и ги обучуваат „умерените опозиционери“, бидејќи тоа оружје ќе падне во рацете на терористичките организации. Путин вели дека нема намера Русија да биде посредник меѓу шиитите и сунитите, бидејќи целта на руските воени операции и дипломатски напори е борбата со тероризмот. Русија има пријатели со држави, сунитски и шиитски. Во Сирија половина членови од владата се сунити. Задачата на Русија е ако може да дојде до дискусии меѓу претставниците на разни религиозни правци за обединување на напорите во борбата со тероризмот. Путин ги обвини САД за обид да го лажат светот околу прашањето за системот за противракетната одбрана. Тој проект беше насочен, официјално, против Иран. Нуклераниот проблем со таа земја е решен, но Американците продолжуваат со реализацијата, иако ние очекувавме тие да се откажат од него, вели Путин. И нас, па и целиот свет се обидоа да го воведат во заблуда, или поедноставно, не лажеа, забележа Путин, додавајќи дека веќе се спроведени првите испитувања на ПРО во Европа. Рускиот претседател се осврна и на „двојната игра“ на Вашингтон во борбата со тероризмот, наведувајќи дека секогаш е тешко да се води „двојна игра“. Да објавиш војна со тероризмот, а истовремено да користиш дел од терористите за да ги мрдаш фигурите на блискоисточната табла, во свој интерес. Тоа е илузија бидејќи од нив никогаш нема да се откачиш, за што пример е Либија, смета Путин. Рускиот претседател е уверен дека Русија може да стане еден од светските лидери. Во поткрепа на ова тој го посочи високото ниво на образованието и развојот на фундаменталната наука во земјата, а посебни перспективи дава нејзината многунационалност. Русија ќе игра значајна улога во светот, вели Путин, без да каже на кое место се наоѓа во светскиот рејтинг. Путин смета дека земјите кои објавуваат трговски војни за да му угодат на својот економски интерес, постапуваат со другите не како со сојузници, туку како со вазали. Ги казнуваат за „лошото поведение“ смета тој. Како пример тој ги посочи казните кои ги изрекуваат САД кон европски компании. Се казнуваат оние кои се осмелиле да ги нарушат едностраните американски санкции. Француски банки, германски компании и други. Станува збор за десетици милијарди долари. Руската офанзива Путин не се согласи со едно тврдење дека САД не се подготвуваат да го менуваат политичкиот систем на власт во Русија. „Ако во американски закон, кој се однесува на Украина, директно се споменува Русија, како цел која треба да се демократизира, тогаш што ако ние во наш закон ставиме дека САД треба да се демократизираат. А повод за такво прашање има. „Сите знаат дека дека во историјата на САД два пати на власт доаѓа претседател кој бил избран со мнозинство електорски гласови, зад кои стои малцинство избирачи. Тоа е демократија? Не. Демократија е власта на народот, на мнозинството народ“, појасни Путин, констатирајќи дека има проблем во американскиот устав. „Но ние не бараме од вас да го смените уставот“, му се обрати Путин на соговорникот од САД. Русија не бара од САД менување закони и е против таквиот однос на САД кон Москва. Нема доволно простор да се напише се што во неколкучасовната дебата искажа Путин за меѓународната политика. Едно е јасно тој се уште е во офанзива. Во Сирија воена, во меѓународните односи дипломатска. Очигледно сака да ја врати Русија во списокот на големи држави. Секако, воден од она што го научил како дете во Ленинград дека „слабите ги тепаат“. Паралелно со настапот на Путин дојде изјава од Стејт департментот. Според официјалниот претставник, Марк Тонер, американските власти сметаат дека е невозможно обединување на владините војски на Сирија со Курдите во борбата против ИД. „Ние секогаш зборувавме дека од наша гледна точка, не треба да му се верува на сирискиот режим и тој не е способен да учествува во било кои коалиции против ИД“ , изјави синоќа Тонер. Коментирајќи ја средбата на Путин со Асад, Тонер, изјави дека се надева оти Путин го искористил своето влијание врз Асад да го натера да престане жестоко да се однесува со својот народ. Тонер веројатно го немаше предвид она што Путин го зборуваше во Сочи, но сепак јасно зборува за ставот на САД кон најавената идеја на Путин за обединување на сите сили во Сирија за борба против ИД. Но и оваа реакција не го менува впечатокот за дефанзивата или поточно за недостигот на идеи во САД. Денес, сигурно ќе бидеме сведоци на реакции од Западот и од регионот. Планот на Путин за соработка околу Сирија во четири точки е интересна работа. Ако не за другите изречени работи, може за нив да се изјаснат. Или пак ќе чекаат во недела во Виена, Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи да им ги појасни работите. Тој план за соработка зборува дека Русија е подготвена да го преземе лидерството во Сирија. Во суштина и е лидер, бидејќи ги вика сите други да се присоединат. Ако тепачката е неизбежна – удирај прв. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина