19 Март, 2024
0.0262

Путин го тера Западот да си купи штоперици и калкулатори!

Објавено во: Колумни 22 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин во средата по петнаесетти пат истапи пред Федералното собрание. Традиционалното обраќање траеше околу час и половина, од кое време една четвртина беше посветена на меѓународната соработка и односи, со главен акцент врз неодамнешното излегување на САД од Договорот уништување на ракетното оружје од среден и краток дострел.

За разлика од лани кога обраќањето пред сенаторите и думците помина во знакот на оружјето, проследено и со „цртани“ филмови, овој пат Путин главно се сосредоточи на внатрешните проблеми. Што не значи дека немаше продолжение на приказната за оружјето покажано лани.

На внатрешен план Русија се соочува со многу проблеми – пензии, здравство, демографија, сиромаштија, хипотекарни кредити, а секако и отпорите кон реализацијата на националните проекти. Проблеми поврзани со чиновништвото...Во една реченица проблеми поврзани со економско-социјалниот развој за кои е предвидено во наредните неколку години да бидат одвоени 26,5 трилиони рубљи.

За рускиот претседател најостро прашање во поглед на руско-америанските односи останува едностраниот излез на САД од Договорот за ракетите од среден и краток дострел. И голем дел од своето излагање тој го посвети токму на него. Според Путин САД „сами се’ нарушуваат, а потоа бараат оправдување и го означуваат виновникот, а згора на тоа ги мобилизираат своите сателити, кои сепак акуратно, им гровкаат на Американците за тоа прашање“. Путин нагласи дека САД први почнаа разработка и примена на ракети од среден дострел кои ги нарекоа ракети за цели на против ракетна одбрана. Па пристапија кон инсталирање на универзални лансирни системи во Европа, кои овозможуваат примена на крилати ракети од среден дострел „Томахавк“. Со ваквите оружја кои ги има во Полска и Романија, САД грубо го нарушија договорот, смета Путин.

Ако вакви ракети бидат произведени и поставени на европскиот континент, а САД имаат таков план, вели Путин, тоа многу ќе ја заостри ситуацијата во сферата на меѓународната безбедност и ќе создаде сериозна закана за Русија. Зашто некои видови од тие ракети до Москва може да долетаат за 10 до 12 минути. Русија нема намера прва да разместува слични ракети во Европа, но во таков случај ние ќе бидеме принудени да предвидиме паралелни и асиметрични дејства, нагласува Путин. А тоа, според него, значи дека Русија ќе биде принудена да создаде и да постави видови на оружје, кое ќе може да се користи не само во однос на териториите од кои ќе доаѓа директната закана за Русија, туку и во однос на оние територии каде што се наоѓаат центрите за носење одлуки за примена на ракетните комплекси кои и се закануваат на Русија.

Путин нагласува дека Русија сака да има квалитетни, рамноправни и пријателски односи со САД. Русија, вели тој, не се заканува никому, а сите наши активности во сферата на безбедноста имаат одбранбен карактер. „Ние не сме заинтересирани за конфронтација, дотолку повеќе со таква глобална држава, како САД. Но се чини нашите партнери не забележуваат, како и со какви темпа се менува светот и каде се движи. Тие ја продолжуваат својата разурнувачка и јавно погрешна политика“, вели тој.

Според Путин, Русите гледаат дека имаат работа со работливи, многу талентирани луѓе, меѓутоа во владеачката класа има многу и такви кои претерано се опседнати со идејата за својата исклучителност и својата надмоќ над целиот друг свет. „Се разбира дека имаат право да мислат, како што сакаат. Но да сметаат-тие умеат? Веројатно умеат. Нека ја пресметаат далечината и брзината на нашите напредни системи оружје. Ние бараме само толку: дај прво нека пресметаат, а дури потоа да носат решенија, кои можат да создадат дополнителни сериозни закани за нашата земја и се разбира ќе доведат до одговор од страна на Русија, чија безбедност ќе биде трајно и беззусловно обезбедена“, истакна Путин пред парламетарците..

Ваквиот став отвора нови прашања. На пример дали тоа значи дека рускиот одговор ќе биде насочен кон Вашингтон и кон Брисел, бидејќи таму се центрите каде што се носат одлуки и дали Западот ќе треба да купува штоперици и калкулатори за да ги пресмета, времето, далечината и брзината на руското противоружје? Одговорите на овие прашања се добија на не случајниот ручек на Путин со московски новинари, кој се одржа по неговото излагање пред парламентарците. Настан подготвен поподробно да се проговори за делови од излагањето и да се разјаснат некои работи. И сето тоа со покана од страна на претседателот за ручек. Нормално за време на ручекот главно се говореше за меѓународните теми, посебно за она што Путин го смета за важно. Да се реализираат националните проекти, но при тоа да не се заборава дека за да се чувствуваат Русите сигурно, тие треба да си ја обезбедат својата безбедност.

Новинарите бараа прецизирање на изјавата дека ќе се нанесе удар врз центрите каде што се носат одлуки и дали тоа значи дека Русија сега објавува дека има право да нанесува превентивен удар, ако заканата од странските ракети разместени блиску до нејзината територија е реална. Тука Путин развива цела теорија. Според него Русија си има своја стратегија, концепција за примена на нуклеарното оружје, која не предвидува превентивен удар. „Ние зборуваме за споредливи големини, поврзани со заканите за нас, големини споредливи, пред се, според времето. А, можеби, ако ние имаме повеќе време, тогаш не се потребни ни превентивни удари. Токму затоа јас им се обратив на нашите партнери, кога реков, да сметате вие умеете? Да сметаат тие умеат, нека ја пресметаат брзината на нашите перспективни комплекси, далечината на нивната можна примена“, им одговори Путин на новинарите.

Тој потенцираше дека оружјето не мора да доаѓа од Русија, туку ќе биде сместено во подморници или бродови кои би пливале во неутрални води со различни брзини, ќе се користат хиперсонични ракети со брзина од девет маха и долет од над 1.000 километри. Па затоа ако до Москва за ракетите бидат потребни 10 до 12 минути, со руското оружје центрите каде што се носат одлуки, кои би биле закана за Русија би биле погодени за многу пократко време. „Ако ни создаваат закани тие треба да знаат што ќе следи после тоа, да не зборуваат потоа, да не не’ обвинуваат за вишок агресивност или било што друго. Тие објавиле за тоа – ние знаеме што ќе биде понатаму. А ние им викаме: „Момци, а вие пресметајте. Умеете да сметате? Пресметајте пред да донесете такво решение, кое за нас би создало дополнителни закани“, им објаснуваше Путин на новинарите. За на крај да додаде дека на затворени средби, во суштина, тоа чесно одамна им го кажале.

Рускиот претседател зборуваше и за добри контакти и соработка меѓу воените команданти на Русија и САД околу Сирија. Дека има механизми и инструменти за заедничка работа над проблемите. Тој се надева дека и покрај проблемите кои се јавуваат се повеќе, искуството од таа соработка може да се искористи за во светот да не се создаваат никакви нови кризи како Карипската од 1962 година. А ако дојде до тоа, тогаш нека сметаат, вели Путин.

Што да се каже по се ова? Путин измеша се. И нови оружја, и центри за носење одлуки и потреба Западот да знае да смета, да се користи искуството од соработката во Сирија, па се спомена Карипската криза. Да се почне од последново. Карипската криза беше предизвикана од разместувањето на руски ракети на Куба, како одговор на американските ракети разместени во Турција и Италија. Дали Путин зборува за разместување на американски ракети во Европа? И за рускиот одговор на тоа? Може ли Москва да го спречи тоа? Дали Русија има намера да разместува ракети на туѓо тло или засега ќе и бидат доволни новите оружја? Фактот дека Русија на затворени средби им кажува на соговорниците за она што го презема и има намера да го презема, не е за потценување. Дури и реакцијата на НАТО зборува дека сепак има некоја вистина во искажувањето на Путин за новите оружја кои за одреден период и даваат воена надмоќ.

Алијансата обраќањето на Путин го смета како закани во однос на сојузниците и е неприфатливо. НАТО ја повика Русија да се посвети на прашањата за враќање кон почитување на Договорот за ликвидација на ракети од среден и краток дострел. Во поглед на Договорот НАТО подготвува „избалансиран“ одговор, при што нема намера да постави ново копнено нуклеарно оружје во Европа. НАТО смета дека ПРО на Алијансата има исклучително одбранбен карактер, а објектите во Романија и Полска во целост одговараат на Договорот. Марија Захарова, портпаролот на руското МНР на ова изјави декаА лани кога Путин зборуваше за оружјата во НАТО говореа дека станува збор за „руски цртани филмови“, дека нема потреба за страв од нив и дека се работи за руски блеф.

Новите оружја чинат пари. Некои експерти сметаат дека се работи за проекти стари десетици години, но кои не се реализирале бидејќи СССР немал пари. И навистина воениот буџет на Русија последниве десетина години постојано расте. Некои економисти и министри укажуваа дека тој треба да се намали со оглед на економските проблеми на државата предизвикани однадвор, но и од внатре. Како последица од тоа е и растот на сиромаштијата. За разлика од времето на СССР кога трката во вооружувањето доведе до осиромашување, а подоцна беше и еден од факторите за распад на државата, Русија засега колку-толку се носи со економските проблеми, но прашање е колку долго тоа ќе трае и дали ќе дојде до намалување на воените трошоци.

Ако соработката на американските и руските генерали во Сирија може да биде пример за некаква друга соработка тогаш тоа би било добродојдено. Но работите на политички план не стојат така. На Запад, а посебно во САД и Британија и некои држави од Нова Европа, на Русија гледаат како на ѓавол. „Стравот“ од неа е на ниво на параноја. Де се меша во избори, де се меша во информирањето, де користи сајбер криминал, де „новичок“... Во САД демократите и републиканците се заортачени во носењето антируски закони и санкции. За Британија да не зборуваме. Таа е перјаница на антирускиот отпор. Па така од овие држави не може да се очекува политичка поддршка во скоро време на некакви намери за подобрување на односите со Русија.

Во сето ова зачудува зошто се оди во натпревар во вооружување кога двете воени суперсили имаат по илјадници нуклеарни ракети нацелени едни кон други. А можеби тоа и им одговара со оглед на фактот дека светот не е веќе ниту биполарен, ниту едно поларен, туку повеќеполарен. И дека „рамнотежата на стравот“ не е веќе меѓу обете страни на „железната завеса“. И дека допрва ќе се бара „нова рамнотежа на стравот“. Можеби затоа исчезнувањето на Договорот за ракетите од среден и краток дострел, како да им е добредојден на САД и Русија, колку тие и да не го признаваат тоа и да се обвинуваат за неговото пропаѓање.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?