19 Април, 2024
0.0983

Путин и Бајден ќе прават ревизија на женевските договори во сенката на Украина

Објавено во: Колумни 06 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џо Бајден во вторник ќе имаат виртуелна средба. Таа ќе се одржи во време кога се зоврени страстите околу Украина. Воени и политички, а не љубовни. Средбата, по јунскиот самит во Женева меѓу Бајден и Путин, ќе биде можност, како што тогаш најави американскиот претседател, по шест месеци да се види дали има конкретни резултати од договореното со неговиот руски колега.

Путин и Бајден тогаш излегоа со заедничка изјава во која нагласија дека: „Русија и Соединетите Држави покажаа дека дури и во време на напнатост, тие можат да напредуваат во спроведувањето на заедничките цели за да се обезбеди предвидливост во стратешката сфера и намалување на ризиците од вооружени конфликти и закана од нуклеарна војна. Неодамнешното продолжување на Договорот СТАРТ е доказ за нашата заложба за контрола на нуклеарното оружје. Денес ја потврдуваме нашата посветеност на принципот дека не може да има победници во нуклеарна војна и дека таа никогаш не треба да биде започната. За да се постигнат овие цели, Русија и Соединетите држави наскоро ќе започнат сеопфатен билатерален дијалог за стратешка стабилност, кој ќе биде суштински и енергичен. Преку овој дијалог, имаме за цел да ги поставиме темелите за идните мерки за контрола на оружјето и ублажување на ризикот“.

Делот од заедничката изјава во кој се вели дека:„Русија и Соединетите држави наскоро ќе започнат сеопфатен билатерален дијалог за стратешка стабилност, кој ќе биде суштински и енергичен“, покажа што ќе биде приоритет во  соработката. И токму затоа на својата прес конференција во Женева Бајден соопшти дека за шест месеци ќе се види ќе има ли некаков конкретен резултат од средбата со Путин, мислејќи токму на дијалогот за стратешка стабилност. И руската страна веднаш по преговорите соопшти дека прашање на недели е кога ќе почне тој дијалог.

ТЕШКО ОДАТ ДОГОВАРАЊАТА

Неодамна рускиот претседател се обрати пред дипломатите во руското МНР. Таму тој нагласи дека самитот со Бајден во Женева, сепак отвори некои можности за дијалог и постепено усогласување и исправување на односите, и што е важно, двете страни доследно да ги развиваат постигнатите договори.  „Нешто веќе се работи, тоа треба да се признаее. Почната е заедничка работа околу проблемите на стратешката стабилност и информациската безбедност. Да, за многу билатерални и меѓународни прашања, нашите интереси, оценки, позиции навистина се различни, на сите тоа им е добро познато, понекогаш кардинално, но, сакам повторно да кажам, отворени сме за контакти и размена на мислења, за конструктивен дијалог“, рече Путин пред дипломатите.

Од искажувањето на Путин очигледно е дека во односите меѓу двете држави веќе постои дијалог за стратешката стабилност и сајбер криминалот. До каде е тој, особено во поглед на информациската безбедност, нема детали, но во Москва пред извесно време беше кажано дека Западот врши неколку пати повеќе сајбер напади врз Русија, отколку што се вршат од Русија кон него. Истото важи и за САД. Ова зборува дека тешко одат договарањата. Но важно се разговара.  Во Женева во јуни се разговараше и за Авганистан, за Сирија, Либија, Белорусија и Украина. Сигурно и овој пат тие прашања нема да изостанат. Човековите права како да заминуваат на маргините, иако во Жанева беа спомнати и Наваљни, но и нападот на Капитол во Вашингтон. Се зборуваше и за корона вирусот и климатските промени.

Овие прашања ќе  бидат отворени и во вторник навечер. Што може да каже Русија за нив? Путин зборуваше и за нив на средбата со дипломатите. Подмолната инфекција се’ уште не е победена и секоја земја посебно да се справи со неа тешко дека ќе успее. Веќе се спомнува терминот „Вакцинациски национализам“, кој, за жал ја покажува реалната состојба на работите не само на комерцијалниот пазар на вакцини, туку и во прашањата за давање поддршка на земјите кои имаат потреба од неа.

Во поглед на Авганистан, Русија и натаму ќе контактира со Талибанците, иако не ги признава. Ситуацијата во земјата по американското повлекување е мошне сериозна. Затоа Русите и натаму ќе го држат форматот на Московски консултации се’ со цел да се помогне на земјата да има граѓански мир, јавен поредок, неутрализирање на терористички структури и на нарко криминалот. За Москва многу е битно она што се случува во Авганистан да не се прелее надвор од нејзините граници. Русија сака да исигура безбедност на јужните граници и да им помогне на своите сојузници – државите во централна Азија за кои Русија е гарант на нивната стабилност. Затоа што голема е опасноста од потоци бегалци, терористи и други криминалци кои можат да влезат и во Русија. Сојузниците на Русија ги игнорираат, на нејзино барање, и напорите на САД кај нив да се обезбеди прифаќање на авганистански бегалци.

АФРИКА-ЕВРОПСКА СФЕРА НА ИНТЕРЕС

Блискиот Исток и Африка и натаму ќе бидат под будното руско око. Русија и натаму ќе се вклучува во решавање на конфликтите и кризите таму. Таа помогна во Сирија да се спречи распадот на државата, заедно со Турција и Иран. Колку - толку, да има стабилност во земјата. Претседателот Башар ел Асад да остане на власт, наспроти желбите на САД и Западот тој да биде урнат. Руската дипломатија ќе продолжи да придонесува во нормализацијата на односите на Сирија со арапските држави. Во поглед на Африка се очекува наредната година одново да се одржи самитот Русија – Африка. Покрај Кина и Русија е доста присутна на тој континент, до толку што веќе им пречи на некои земји  од Европа, а кои таму имале свои колонии. Задолжениот за надворешна политика во ЕУ, Жосеп Борел, по тој повод изјави дека Русија нема што да бара во Африка. Таа е од интерес на Европа! Тука е и Либија која беше уништена од Западот и ден денес не може да се оправи. Русија исто така е присутна и таму. Веројатно ќе има и свој адут на наредните избори.

Многумина политичари и аналитичари, кога зборуваат за односите меѓу Кина и Русија и САД, наметнуваат теза дека за Американците е најдобро да стават клин во односите меѓу Москва и Пекинг. И да се здружат со едниот или другиот. Се разбира против третиот. Како што направи Ричард Никсон во сеумдесеттите години кога се зближи со Кина. Овој пат се чини тоа нема да успее.

Во Русија изјавуваат дека и натаму ќе ги зацврстуваат врските со  „нашите добри соседи и пријатели во Кина“. Двостраните односи сега се на највисоко ниво во целата историја на односите меѓу двете земји. Станува збор за сеопфатно стратешко партнерство и се модел за ефикасна меѓудржавна заемна поврзаност во 21. век. Во Москва знаат дека тоа на некои не им се допаѓа. Таму велат:„ Некои западни партнери отворено се обидуваат да забијат клин меѓу Москва и Пекинг. Ние тоа јасно го гледаме и заедно со кинеските пријатели ќе реагираме и во иднина на нив со проширување на заемната политика, економија, во други области, ќе ги координираме чекорите на меѓународната арена“.

Сличен е придот на Русија и во односите со нејзиниот „посебно привилегиран стратешки партнер“ – Индија. Намерата на Русија е да се зглемува вистинска двострана заемна поврзаност во повеќе области. Индија во Москва ја гледаат како еден од независните силни центри на повеќеполарниот свет со надворешно политичка филозофија и приоритети блиски кон Русија. Идејата на Русија, се чини, е да се стабилизира Азија. И ако може да помогне да се намалат споровите меѓу Пекинг и Њу Делхи. Таму да нема место за создавање на воени жаришта. А сето тоа на начин кој нема да дозволи Американците да доминираат во тој дел на светот.

ПРАШАЊЕТО НА УКРАИНА

Патем, денес Путин ќе биде во еднодневна посета на Индија и во Њу Делхи на средба со својот домаќин, премиерот Нарендра Моди. Со оглед на тоа што другиден, утре Путин го чека видео средба со Бајден, некои колеги во Москва веќе иронизираат. „Богата недела му претстои на Путин. На 6 декември еднодневна (ќе је мине ноќта во авион) посета на Њу Делхи. Потоа видео-самит со Бајден. А уште и напад на Украина треба да подготвува. Не можеш да му завидуваш“, ќе напише новинарот Максим Јусин на својот ФБ профил.

Конечно останува прашањето за Украина. Во предвечерието на средбата беа искажани мноштво зборови, беа направени куп анализи, па покажувани карти за влегувањето на Русија во Украина, па закани со санкции, и уште што не друго. И навистина работата околу Украина не е за занемарување. Таму на границата од руска страна има војници, според украински извори околу 97 илјади, а западните велат дека последниве денови пораснаа до 155 илјади. Русите пак зборуваат за 125 илајди украински војници од другата страна на границата. Кога ѕвечка оружјето тоа лесно може и да проговори. Од Запад, медиумите веќе цел месец најавуваат војна. Дури и ја детализираат.

Навистна можна ли е војна. Секако. Но ќе почне кога некој прв ќе трепне. Украинаците сакаат мала победносна војна во стилот на Хрватите кога ги протераа Србите од Краина и од Славонија. Или во стилот на Азербејџан кој со турска помош врати контрола на најголем дел на Нагорно Карабах. За тоа тие се подготвени. Од другата страна на привремената граница со Донбас има околу 40 илјади вооружени лица. Украина во меѓувреме купува и добива софистицирано оружје. Тука се и воените лица, стотици кои ја обучуваат укранската армија. Од САД, Британија, Канада... Но од друга страна се Русите кои се подготвени да ги заштитат Русите од Украина, меѓу кои и половина милион со руско државјанство. Ако почне војна ќе гинат Украинци и Руси. Западот само ќе дава оружје и обука. И нормално ќе навива.

ПИСМЕНИ ГАРАНЦИИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Како ќе заврши војната? Зависи како ќе почне. Ако се повтори Грузија од 2008 година, кога претседателот Михаил Саакашвили, со премолчена поддршка од САД, испровоцира војна во обид да ги освои териториите на Јужна Осетија и Абхазија, тогаш Русија можеби ќе стигне и до Киев. Како што можеше да биде и во Грузија да не застанеше на дваесетина километри пред главниот град Тбилиси на барање на францускиот претседател Никола Саркози. Во таква разрешница за Западот виновна ќе биде Русија. Како што до ден денес тврдат во Грузија.  Санкциите кон Русија веќе се подготвени.  А никој не споменува илјадници жртви што ќе ги има во борбите. Некои ќе ја поттикнуват Украина со тврдење дека се бори на своја територија. Дека сака да воспостави контрола на своја територија. Да, ама сега не е 2008 година. Згора на тоа мирот во земјата е вопоставен со Минските договори, кои ако не беа, денес Русија ќе го контролираше целиот исток и југ на земјата. Интересно во сето ова е што и Украина и Русија тврдат дека немаат намера да војуваат, односно да напаѓаат и дека работите треба да се завршат по дипломатски пат. А дипломатскиот пат го укажуваат Минските дговори.

Има овде нешто друга што ја вознемирува Русија. А тоа е ширењето на НАТО на исток. И секако влегувањето на Украина во Алијансата. Претседателот Путин на дипломатите, министерот Сергеј Лавров, им предложи да работат на спречување на ширење на НАТО на исток, проитоа барајќи писмени гаранции за безбедноста на Русија, бидејќи усмените не се исполнувале. Тој овде го има предвид Михаил Горбачов кому Американците му давале усмени ветувања дека НАТО нема да се шири на исток. Но по десетина години почнал походот на НАТО кон Русија. Пред некој ден на прием поповод врачувањето на агреманите од дваесетина амбасадори во Кремљ, Путин рече:„ Во дијалогот со САД и нивните сојузници ќе настојуваме на израбтка на конкретни договори, кои исклучуваат какви било натамошни напредувања на НАТО кон исток и разместување на воени системи во непосредна близина на територијата на Русија“. И покрај негативните реакции од НАТО од САД од Западот кон ваквиот предлог на Путин, тој очигледно има намера со Бајден да поразговара и на оваа тема.

Одоворот од НАТО беше дека прашањето што го покренува Путин е во компетенција на Алијансата. И дека Русија нема право да го ограничува проширувањето на НАТО со земји, вклучувајќи ја и Украина. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по тој повод рече дека ќе го пичитуват решението на Украина за нивниот стремеж за членство во НАТО. Во 2008 година во Букурешт беше речено дека Украина ќе стане членка на Алијанста, но за тоа кога и како одлучуваат 30-те земји членки. „Русија нема право на вето. Русија  нема право на глас. И Русија нема право да создава сфера на влијание“, рече Столтенберг по средбата на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО. Слични беа реакциите и од САД. Но што станува со ставот на Борел дека Африка е сфера на европско влијание. И дека Русија нема што да бара таму!?

ВРАЌАЊЕ НА „ФИНЛАНДИЗАЦИЈАТА“ Фјодор Лукјанов, претседател на Советот за надворешна и одбранбена политика на Русија, осврнувајќи се во еден текст на ова прашање и логиката на надворешно политичкото раководство на Русија, смета дека во обраќањето на Путин до Лавров за барање некакви гаранции не станува збор за уште еден рамковен договор во духот на тоа што се предлагало пред дваесетина години. Тој смета дека сега треба да се зборува за откажување од принципот дека „секоја земја може да си избира алијанса и тоа е само нејзина работа“.„За класичната геополитика на рамнотежа на силите овој принцип е нонсенс, но во последните десетлетија сите се привикнале да го сметаат како аксиома. Таквиот приод сега е исцрпен... Ширењето на НАТО формираше воено-политички пејзаж во кој ние денес живееме. Зачувувањето на таквата перспектива е поврзана со заострувања, а откажувањето пак, бара кардинално преразгледување на системот на поимите. Ревизии и утврдувања на системот на „црвени линии“. На пример враќање позитивна смисла на поимот „финландизација“ (мораториум на влегување во НАТО), каква што имаше тој во годините на студената војна“, напиша Лукјанов. Според него после 30 години по завршување на студената војна во Москва „дошле до заклучок дека поддршката на претходниот систем на молчење и сигнали станува непроуктивен и води само кон продлабочување на кризата“. Доколку продолжи сегашната политика, ситуацијата може да стане експлозивна. Некои експерти сметаат дека Запад тешко би се согласил со предлогот на Путин за неширење на НАТО на исток, но не исклучуваат тоа да се случи во подалечна иднина.

„ЦРВЕНИ ЛИНИИ“

Во целата приказна околу Украина повеќе пати беа споменувани некакви „црвени линии“. Според рускиот претседател во извесен степен тие имаат шпекулативен, апстрактен карактер. „Што се случуваше во текот на изминатите повеќе од дваесетина година во односите на Русија и западното општество, „колективниот запад“. Во 90-тите години, на почетокот на 2000-тите тие практично беа безоблачни. Зошто требаше да се шири НАТО кон нашите граници. Кој може да одговори. Нема овде здрав одговор, не постои. Идилична беше сликата на нашите односи, особено во средината на деведесеттите години, ние бевме речиси сојузници. Без оглед на нашите предупредувања, без оглед на разговорите, молбите, инфраструктурата сепак дојде на нашите граници. И што се случи. Како одговор сега ние почнавме да разработуваме суперсонични оружја. Тоа е нашиот одговор. Но ние тоа не го направивме на почетокот. На почетокот нашите партнери излегоа од Договорот за противракетно оружје, па од Договорот за ракетите со краток и среден дострел“, рече Путин на средба со инвеститори од странство, кои се интересираа за „црвените линии“ и односите со Украина. Според него токму заканите од натамошно ширење на инфраструктурата на НАТО кон Русија се спомнуваните „црвените линии“. Инфраструктура која ќе овозможи ракети за седум до десет минути да дојдат до Москва. А суперсонично за пет минути.

Ќе имаат што да си кажат утре вечер двајцата претседатели. Малку ведрина во сето ова внесува приодот на двете страни кон мирот во Украина. И Русија и САД велат дека мирот може да се донесе само со спроведување на Минските договори. Значи и САД ги поддржуваат нив. Па, каде е спорот. Во читањето. САД, државниот секретар Ентони Блинкен вели дека и двете страни не ги спроведуваат договорите. Но Русија повеќе. А Русија, пак, вели дека Украина воопшто не ги спроведува. Некои депутати од Думата му порачаа на Блинкен договорите да ги чита без прескокнување на редови. Најдобра работа би било Бајден и Путин да се сосредоточат на Минските договори. Пред некоја недела напишавме овде дека Европа не е способна да решава деликатни прашања на континентот. Па мора да се мешаат Американците. Тоа ние мошне добро го знаеме. Се чини така ќе биде и со Украина. А „црвените линии“. Тие се прашање на време. Во НАТО велат дека ќе ја примат Украина. Но, кога? Е, тоа е прашање на време. Претходно треба мир во земјата, а за него треба да се исполнат договорите. Па да се надминат несогласувањата со некои членки на НАТО. На пример, Полска, Унгарија, Бугарија, а може и Романија и Словачка.  Сите тие и јавно, но и затскриено имаат некакви претензии кон Украина.

И конечно за „црвните линии“. Доколку нема договор, тогаш ќе има одговор. Некои веќе зборуваат за нова Кубанска криза. А тоа е актуелизирање на военото присуство на Русија на Куба. Таа таму имаше радарска станица, но по распадот на СССР и во светлината на безоблачните односи со САД престана да ја користи. Тука се и Никарагва и Венцуела. Земји кои можеби ќе посакаат, како Украина во НАТО, да влезат во некакво сојузништво со Русија. Каков би бил американскиот одговор на ова? Се разбира се ова е во сферата на претпоставки. Но и тие не можат да се игнорираат. 

А „Северниот поток – 2“. Тука фали Германија. Таа е соговорникот на Бајден за тоа прашање.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок