30 Април, 2024
0.0401

Путин и Обама се видоа во Њујорк, следната средба на Еуфрат?

Објавено во: Колумни 03 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Зданието на ОН беше домаќин на  двата лидера на нуклеарните супер сили САД и Русија. Се видоа, си кажаа што имаа да си кажат. Само неколку часа по средбата Русија почна со бомбардирањето на терористички цели во Сирија. Терористички во нејзино сфаќање на непријателите на актуелниот сириски претседател Башар ал Асад. Значи не само ИД и групации блиски кон „Ал Каеда“, туку и други кои јасно се определиле против него. Да не се заборави дека во Сирија има десетици опозициони движења. Едни воено поддржувани и обучувани од САД и нивната алијанса, други кои се борат на своја рака и трети кои се опозициони кон Асад, но не зеле оружје во раце. Да се донесе одлука за воена акција во Сирија на своја рака не е возможно денес, освен кога станува збор за САД и алијансата. Оттука и вечатокот дека Барак Обама му дал некаков „изим“ на Владимир Путин да почне со воздушните напади. Сега останува да се види до каде ќе одат работите. Ќе има „мала“ или „голема“ војна. Рускиот претседател во изминатиот период имаше консултации со десетици лидери од регионот и светот. На сите им ги кажа неговите намери. Обама беше последниот од низата. И за жал неоправдано критикуван во дел од американскиот и западниот печат. Демек, бил млак во односот со Путин, дека САД ќе го изгуби регионот. Путин не го победи Обама. Нема натпревар, ниту војна меѓу нив, за некој да победува. Сето тоа што се случи по средбата на Ист ривер е реална разврска на ситуацијата. Колку и да го критикуваат американските медиуми и политичари Обама, тој не е мало дете. Обама „миротворецот“, за што доби Нобелова награда, сигурно  не е вчерашен и знае многу повеќе од сите нас. Знае зошто и како се согласи Русите да се вклучат во војната во Сирија. Однесувањето на Обама во целата оваа работа, создава впечаток дека во САД не е докрај исчезната идејата за изолоцианизмот. Затоа од она што се случува во Сирија треба да бидат позагрижени европските големи држави. На Запад веќе има аналитичари кои велат дека една од американските цели е Русија во Сирија да падне во замка како во Авганистан. САД би ги вооружиле и би ги обучиле противниците на Асад со противавионско и друго оружје. Секако со претходни обиди да се обедини целата сириска, таканаречена „умерена“ опозиција. Но ова ќе оди тешко. ЦИА и досега обучуваше „умерени“ опозиционери, но Пентагон призна дека добар дел од нив сосе оружјето пребегнале кон „Фронтот Ал Нусра“ , воинствена исламистичка група која се бори против Асад, но и против ИД. Тие се огранок на Ал Каеда во Сирија. Сепак, Американците не треба да го заборават и вториот дел од лекцијата од Авганистан. Во првиот  Русите се повлекоа од таму, а потоа се распадна СССР. Во вториот дел тие што ги вооружуваа им дојдоа до Њујорк во септември 2001 година и ги урнаа кулите близначи во кои загинаа над 3.000 луѓе. Предноста на Русија во целата оваа нова приказна е што таа е во постојана дипломатска офанзива или постојано излегува со решенија кои не можеш да ги отфрлиш. Прв пат тоа беше по најавата на Обама дека ќе ја бомбардира Сирија заради „употреба“ на хемиско оружје од страна на нејзините воени сили. Русија со дипломатска маневра, ветување на Асад дека ќе го предаде целото хемиско оружје, успеа да го убеди Обама да нема бомбардирања. Втор пат, сега, кога ја реализира долго подготвуваната операција во Сирија. Впечаток е дека САД се во дефанзива, како да немаат решенија или свежи идеи. Како да немаат одговор на руските дипломатски потези, кои наидуваат на одредена поддршка дури и на Запад. Путин, кој падна во меѓународна изолација, поточно изолација од Западот, ќе направи се да се врати на голема врата. Сирија му е првата шанса. Него го изолираа заради Украина и тој знае дека таму не може да гради пат за излез од изолацијата. Но по напредокот во спроведувањето на Минските договори, ситуацијата таму полека се стабилизира. Се наѕира поспокоен развој на настаните. Кремљ се откажа од идејата за „Новоросија“, вели дека Доњецката и Луганската област се дел од Украина и дека треба да се работи на остварувањето на договореното во Минск. Сето тоа му овозможува на Путин, сега, центарот на вниманието на Запад да биде свртен кон Сирија. Можеби тоа е и добро. Украина оди во втор план, а со тоа се создава можност за поспокојно работење на реализацијата на споменатите договори. Токму тоа го користи Путин. Американски експерти велат дека доколку Русија успее во Сирија, тоа ќе ги зацврсти позициите на Путин и Запад ќе мора да седне да разговара со него за иднината на таа земја. Но условите за договор во таков случај во голема мерка ќе ги диктира Русија. А со тоа, порано или подоцна, ќе се придонесе до решение кое ќе доведе до пад на американската хегемонија во тој дел на светот. Исто како што беше со Советската хегемонија. Впрочем, заедничкото воено тело во Ирак со учество на руски, сириски и ирански воени експерти е само мал знак на идните промени. Секако, доколку Американците не застанат тврдо во одбрана на своите позиции. Но со тоа ќе дојде до ризик од поголема војна. Во тек е прераспределба на картите во геополитичката игра. Збигњев Бжежински во својата книга „Големата шаховска табла“ или „практикум како да се уништи руската хегемонија во Централна Азија“, како да ги испиша сценаријата по кои се одвиваат настаните на Блискиот исток. Иако таа е издадена пред речиси дваесет години некои постулати во неа и ден денес се користат од страна на Американците. Ама Сирија, не стана Либија, ниту Ирак. Во игра влегоа и Кинезите за кои Бжежински тогаш не ни сметаше дека ќе станат голема економска сила во светот, ниту една од најмоќните воени сили. И Кина е загрижена од ширењето и влијанието на ИД. Што значи има и свои интереси таму. Голем број нејзини државјани се во редовите на ИД, како што има и руски државјани, кои се потенцијална опасност за двете држави. „Оската на злото“, наречена од претседателот Џорџ Буш, а составена од Сирија, Иран и Северна Кореја, како да се искрши. Иран по потпишаниот договор за нуклеарното оружје веќе не е на таа оска. Сирија со ситуацијата во која што се наоѓа уште помалку. Се чини дека во тек е рекомпонирање на државите создадени на почетокот на 20. век од страна на Велика Вританија и Франција. Нема да биде изненадување ако дојде до создавање на нови држави. На пример курдска. Што може да очекуваме наредните денови и недели? Како во секоја војна многу жртви. Дали тоа може да се спречи. Постои само еден начин. САД и Русија, што побрзо да се договорат за заедничка коалиција, но, ни по американски , ниту по руски диктат. Ако заедничката цел е борбата против ИД, тогаш треба да се искористат армиите на Сирија и Ирак и курдските борци да „газат“ онаму каде што ќе им отворат пат координираните бомбардирања од страна на западните и руските воени авијации. Сирискиот претседастел Башар ал Асад, да биде втора цел, но за неа ќе треба да се договораат други, не воени мерки. Преодна власт или нешто друго со временски ограничен мандат  е едно од решенијата. Ако се успее да се порази ИД, нема да чуди Обама и Путин да се сретнат на Еуфрат, како сојузници во победата над ИД. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД