19 Април, 2024
0.0290

Путин ќе чека уште две недели, па да му честита на Бајден

Објавено во: Колумни 30 Ноември, 2020

Добивај вести на Viber

Од денес се одбројуваат 14 дена до промовирањето на новиот американски претседател. На 14 декември ќе се соберат електорите кои треба да ја потврдат победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД. Никој не очекува поинаков резултат од гласањето на електорите. Е, токму тогаш, ако Доналд Трамп не го признае поразот порано, рускиот претседател Владимир Путин ќе му ја упати честитката на Бајден за изборот. Независно што досега стотици светски политичари имаат  упатено честитки, па дури и кинескиот Шји Џинпин.

Ваквиот однос на Путин не е изненадување. Пред една недела Путин истакна дека не треба да се бара некаков поттекст во тоа што тој се’ уште не му ја честитал на Бајден победата на изборите во САД. „Овде за нас нема никакви проблеми. Чисто формални работи треба да бидат направени во согласност со постојната практика и од правна страна на работите. Овде нема никаква задна мисла и ништо што би било необично и што би можело да влезе во основата на натамошното разрушување на нашите односи“, рече Путин во една телевизиска програма. Претходно нагласувајќи дека односите со САД се толку лоши што не можат да бидат полоши. Тој изјави дека Русија со почит се однесува и кон Трамп и кон Бајден.

„Ние ќе работиме со кој било човек, кому ќе му биде дадена довербата на амерканскиот народ. Но кому му е дадена таа доверба, треба  да се каже како што е политички вообичаено, кога едната од страните ја признава победата на другата или пак по правен пат, со прогласување на конечните резултати од изборите“, истакна Путин, образложувајќи зошто не му ја честитал победата на Бајден досега. Истовремено тој додаде дека во изборниот систем на САД има проблеми, но тоа е внатрешна работа на САД, а не на Русија. Сергеј Марков руски аналитичар близок до власта, за „Њујорк Тајмс“ ја образложува разликата меѓу тоа што Бајден примил честитки од многу светски лидери, но не и од Путин со тоа што: “ Путин е добар војник и не мавта со опашката пред непријателите“.

ЗАЈАДЛИВИОТ БАЈДЕН

Добар или лош војник, Путин ќе има сериозен противник во Бајден. Пред  три  недели овде пишував за еден настан од 2011 година, кога Бајден, како потпретседател на САД, при посета на Москва се сретнал со Путин. и му рекол дека во неговите очи не ја видел неговата душа, на што Путин се насмеал и изјавил:„Ние еден со друг се разбираме“.Ова со душата, Бајден го искористил од Џорџ Буш помладиот, кој после првата средба со Путин изјави дека во неговите очи ја видел неговата душа. За ова Буш беше цел на напади за влегување во заблуда, како тоа можел да ја види душата во очите на еден поранешен полковник на КГБ. Одговорот на Путин дека со Бајден „се разбираат“ не е случаен.

При истата посета Бајден во Москва се сретнал со опозиционерите. На таа средба присуствувал и рускиот политичар Владимир Рижков.  Деновиве тој раскажа за една шега на Бајден кој тој ја направил на сметка на Путин, а која има ја раскажал на опозиционерите. Според Рижков, Бајден на разговорите со Путин бил добро расположен, но бил невнимателен и направил шега на сметка на Путин. „Му реков на Путин, Володја, а зошто си толку долго на власт? Ти треба тоа?. Во САД повеќе од осум години никој не претседателствува. Луѓето одат да се одморат и да се насладуваат на животот“, им кажал Бајден на опозиционерите. Рижков вели дека Кремљ не ја оценил зајадливоста на американскиот потпретседател, сметајќи дека тој се обидува да изврши притисок врз претседателот на Русија.

И еве по десет години, од јануари 2021 година Бајден и Путин ќе имаат можност да видат колку се разбираат. Работа ќе имаат премногу. Аналитичарите и руски и американски само зборуваат што ќе се прави и што и како треба да се прави. И сите поаѓаат од сознанието дека на обата претседатели нема да им биде лесно. Некаде може да се сретне дека и Бајден како и други американски претседатели ќе помине на списокот на Путин како „уште еден американски претседател“. Путин досега има соработувано со Бил Клинтон, со Џорџ Буш, со Барак Обама, со Доналд Трамп...Сега, најверојатно, Бајден ќе биде петтиот американски претседател во списокот на Путин. Рускиот претседател е помлад од Бајден 20 години, а со последните уставни промени може да ја води Русија до 2036 година! А Бајден тешко дека ќе има уште еден мандат.

ПРАВО И ПРАВИЛА

Што велат руските експерти? Во прв ред дека Бајден е професионалец со големо надворешно политичко искуство. Со стратешко мислење и подготвеност да делува максимално жестоко. А во тоа ќе му помага тимот од амбициозни помошници, кои се стремат да остават трага во историјата на САД и целиот свет. А најдобра трага би се оставило ако се тргне Путин од власт или пак ако се натера да игра според меѓународните правила. Дбро би било да игра таква игра, но тој тука има одговор. Ќе игра, онолку колку што играа Американците со бомбардирањето на Југославија и со соборувањето и убиството на претседателот на Либија, Моамер Гадафи. Русите не се цвеќиња, но бараат почитување на меѓународното право од страна на сите. Независно дали се работи за „светски полицаец“ или обична држава. Почитување на правото, а не создавање на свои правила, кои потоа се „продаваат“ за некакво право. Токму затоа Русија од 2007 година наваму гради и води своја сопствена надворешна политика  во која во прв ред се нејзините интереси.

Па затоа ќе биде интересно како ќе ги усогласат интересите Бајден и Путин? И дали воопшто ќе има обид за нивно усогласување. Како ќе биде тоа можно кога Бајден како главен непријател ја смета Русија, покрај Кина. И дали Бајден воопшто има намера да го турка Путин од власт? Реално, а не како во шегата што  и ја раскажувал на опозицијата. Путин беше многу лут на Американците кои ги поддржуваа масовните протести во 2011 и во 2012 година во Москва. Тој тогаш дури и ја навреди Хилари Клинтон за нејзино мешање во внатрешните работи на Русија.

Оттука експерти од Русија сметаат дека сега Бајден ќе оди по друг пат. А тоа е да не ја втерува Русија во агол, зашто тогаш таа ќе може да се покаже многу опасна и за САД. А Путин ќе остане на власт, благодарејќи на тоа што Русите се’ уште се антиамерикански расположени. Па експертите очекуваат жестока атака на Бајден  врз крадливиот руски режим, кој граба од народот. Сигурно ќе биде поддржувана, засега, слабата руска опозиција, ќе има публикации за разобличување на корумпираните од руското раководство, кои треба да го дискредитираат Кремљ во очите на обичните граѓани. Русите за да излезат на крај со американскиот притисок ќе мора да воведат антиамерикански мерки во земјата, кои досега се покажуваат како успешни.

ШТО СО САНКЦИИТЕ?

САД и Русија ќе се „борат“ и на постсоветското пространство. Во прв ред Украина, па Белорусија, па Грузија, Молдавија, Киргистан, Азербејџан и Ерменија...Ќе ја притиска Европа, поточно Германија да се откаже од гасоводот „Северен поток-2“. Не помалку и околу Сирија, Либија, Турција, Авганистан, Африка...

Посебно прашање ќе биде Кина. Ќе успеат ли Американците во своите намери да забијат клин меѓу Кина и Русија? Ќе биде ли Бајден исто како Трамп кон Кина. Ќе настојува ли со Русија да се потпише договор за СТАРТ3, под услов да се вклучи и Кина. Ќе им биде ли на Русите потешко, ако Американците почнат да „водат љубов“ со Кинезите? Па да бидат фрлени на „спореден колосек“.Се’ ова се  прашања кои ќе мора Бајден со неговиот тим да ги одговори во наредните четири години. А да е само тоа.

Каде се санкциите кон Русија. Засега ги има околу четириесетина. Ќе ги заострат ли, ќе ги ублажат ли, ќе му кажуваат ли на Путин што треба да прави за да ги укинат? Еден руски експерт вели: „За Русија нема добри новости. Но исто така нема и отворено лоши. Добри новости нема, бидејќи ниту еден режим на санкции нема да биде преразгледан. Украина, кибер безбедност, Блискиот Исток, и други сижеа во руско-американските односи нема да се менуваат кон подобро. А тоа значи дека нема да се промени политиката на санкции. Дали може да има промени во полоша страна. Без сомневање“.

Американските експерти пред се' се насочени кон внатрешните прашања што го чекаат Бајден. Во прв ред е расчистување со наследството од Трамп. Коронавирусот, поделбата во општеството, корупцијата во земјата и новото отворање на САД како посакувана земја за милиони млади кои би дошле да учат, смета Саманта Пауер, некогашен амбасадор на САД во ОН.

ЌЕ СЕ РАЗБЕРАТ ЛИ ПУТИН И БАЈДЕН?

Но има и експерти кои се насочени со своите ставови кон надворешната полтика на САД со Бајден. „Нешенел Интерес“ пишува дека поранешните дипломати Александар Вершбоу и Даниел Фрид во аналитички документ подготвен за Атлантскиот совет прават обид на идната администрација да и кажат дека голем дел од нивното размислување ќе им одземе новиот курс во надворешната политика кон Русија. Дипломатите препорачуваат продолжување на политката на одвраќање на Русија и отказ од какви било „големи зделки“ со путинската администрација. Можно е ограничена соработка како што е договорот СТАРТ-3 и промената на климата. Меѓутоа разликите во поглед на вредностите и стратешките концепции се толку големи што нема можност да има некакво значајно подобрување без промена на руското раководство. Вершбоу и Фрид со право укажуваат на постоењето меѓу САД и Русија напрегнатост, меѓутоа тие не предлагаат никакви смели чекори за подобрување на постојната ситуација.

Метју Рожански од Меѓународниот научен центар Вудро Вилсон и

Мајкл Кимиџ професор по историја и научен соработник на  Германского фонда Маршал, за CNN пишуваат дека дипломатските односи меѓу Русија и САД се неопходни. И веднаш не треба зафаќање со подготовка на средба на претседателите или да се негуваат  надежи  за некаква голема зделка. Како добар почеток би било воспоставување на стабилни, цврсти односи на ниво на шалон меѓу Стејт департментот и руското МНР, а исто така и меѓу Пентагон и руското министерство за одбрана. Нешто слично што го имаат САД и со други свои соперници  денес, а слично на конструктивниот дијалог што Америка го имала со Советскиот Сојуз во долг период од студената војна. Рожански и Кимиџ сметаат дека Бајден вистински ја разбира важноста на односите со Русија. Тој, уште кога бил сенатор видел како активната дипломатија му овозможила на претседателот Роналд Реган и на Џорџ Буш-постариот да достигнат „мек“ крај на конфликтот. И тука се содржани важните лекции што треба да се научат за во иднина.

Како што се гледа експертите, и едни и други имаат различни приоди во гледањето на идните односи меѓу САД и Русија. Но, што и да велат експертите од двете страни јасно е дека односите меѓу двете земји нема да бидат брзо подобри од досега. Можат и да се влошат. Во право се оние кои велат дека за Русите Бајден е фигура на американската „длабока држава“, мрежа составена од шпиони и дипломати, која не му овозможи на Трамп да ги подобри односите со Русија.  Бајден за нив е прототип на американски политичар кој е подготвен да се меша секаде во име на демократските идеали, наместо да ги почитува реалностите и интересите и на други држави. Но во Русија ваквите погледи се менуваат и полека се „легнува на брашното“ дека ќе има за што и со што да се води „борба“ со САД. „Борба“ на луѓе, Путин и Бајден, кои „добро се разбираат“. Само дали ќе се разберат?

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок