Путин направил многу нервоза со идејата Русија да влезе во НАТО
Објавено во: Свет 04 Јуни, 2017
Американскиот контроверзен режисер сними серија на разговори со рускиот претседател Владимир Путин кои подоцна ќе бидат споени во документарен филм, слично како со Фидел Кастро и Уго Чавез. Главната идеја е да се претстави една поинаква слика за САД и нејзините „непријатели“, особено што Путин уште во 90-тите имал предлог до Клинтон за траен мир.
„Се сеќавам на една од нашите последни средби со претседателот Клинтон, кога ја посети Москва. Во текот на разговорите реков: би можело да се разгледа можноста Русија да се приклучи на НАТО. Клинтон одговори: јас не сум против. Но, целата делегација стана многу нервозна“, изјавил Путин во интервјуто од кое извадоци објавува американското издание Politico.
Путин потоа вели дека САД ја има целата вина за ескалирање на тензиите.„Кога една земја ќе стане членка на НАТО, за неа веќе е многу тешко да му се спротистави на притисокот од страна на ваквата голема земја лидер на НАТО, како што се САД. И таму лесно може да се постави сé што ќе се посака: и систем за противракетна одбрана, и нови бази, и доколку е потребно нови ударни комплекси. И што ни преостанува тогаш нам?“, запрашува Путин.
Путин во интервјуто продолжува дека во ваквата ситуација Русија е принудена да презема контрамерки и да ги има за цели на своите ракетни комплекси, објектите коишто на некој начин претставуваат закана за нејзината безбедност. Според рускиот челник, Москва остро реагира на проширувањето на НАТО, бидејќи неа ја загрижува практиката на носење одлуки во Алијансата.