19 Март, 2024
0.0253

Путин не може да биде изолиран, а Макрон учи лидерство

Објавено во: Колумни 26 Мај, 2018

Добивај вести на Viber

За неполни десет дена рускиот претседател Владимир Путин  беше домаќин на двајца  од силните играчи на меѓународната сцена. Најнапред во Сочи на канцеларката Ангела Маркел, а вчера и завчера во Санкт Петербург на францускиот претседател Емануел Макрон. Во време кога сите зборуваат за потреба или за вистинска меѓународна изолација на Путин тој ги угостува влијателните политичари. Повиците беа мотивирани со односот на Путин кон опозицијата дома, со наводното мешање во изборите во САД, со Украина, со Сирија, со аферата „Скрипаљ“...Патем, во Санкт Петербург беа и јапонскиот премиер Шинзо Абе и првиот човек на ММФ Кристин Лагард. И многу други политичари и први лица во светскиот бизнис.

Ако посетата на Макрон беше назначена многу поодамна, Меркел во Сочи дојде во време кога од онаа страна на Атлантикот дојде веста дека САД излегуваат од договорот за нуклеарната програма на Иран и воведуваат санкции. По ова во Европа одново заговорија дека работите треба да се земат во сопствените раце и дека нејзината иднина не може многу да се потпре врз САД, барем додека на нејзино чело е Доналд Трамп. Гаранти на договорот со Иран се сите членки на СБ на ОН плус Германија. За нив потегот на Американците,освен што може да ја врати неизвесноста со развојот на иранско нуклеарно оружје, нанесува и голема економска штета, бидејќи по склучувањето на договорот голем број компании инвестираа во Иран големи пари.

Во поглед на потегот на Трамп Русија е воздржана. Таа исчекува како ќе се развиваат односите на Западот и вели дека не прифаќа еднострани одлуки. И затоа со задоволство ги прима гостите, за од прва рака да дознае какви се намерите и има ли простор за неа во целата игра. Многумина велеа дека Путин е тој кој што работи на поделби на Западот, а посебно на ЕУ. Но, очигледно не е само тој. Трамп како да му е сојузник. Неговиот потег доведе до раст на цената на нафтата, а тоа и е од полза и на Русија.

Во едно интервју за LeFigaro, Тијери д’ Монбриал, основач и претседател на Францускиот институт за меѓународни односи на прашањето дали Европа може и како, да одговори на американските закани во однос на европските претпријатија,кои тргуваат со Иран и дали Макрон може да биде лидер на Европа која се распукува е категоричен. „Европјаните со задоцнување осознаа колку функционирањето на светскиот банкарски систем е потчинет на волјата на САД...Единствената воена суперсила во светот сега го користи економското оружје дури и против своите сојузници...Што и да се случи во наредните недели, решението на САД ќе има длабоки последици. НАТО нема да остане иста. Германија сега отворено го покренува прашањето за иднината на трансатлантските односи. Има ли Франција доволно политичко влијание за формирање единствен, и кој што ќе влева почит, европски одговор на американската уцена? Во секој случај Макрон сега е единствениот кој може да се обиде тоа да го добие“, вели Д’ Монбријал.

И навистина Макрон како да се обидува тоа да го добие. Во Санкт Петербург тема број еден за дискусија, барем според искажаното, бил токму Иран. Макрон во своите искази на прес конференцијата со Путин дури беше конкретен. Некои негови изјави од претходно кои навестуваа француска намера за проширување на договорот со Иран станаа појасни и демантирани лично од него. Според него тој не предлагал проширување на документот, туку искажал идеја дека може да се дополни по 2025 година, внесувајќи го во него прашањето за иранската ракетна програма. Но за такво нешто е потребно претходно да се сочува сегашниот договор и без поговор да се исполнат во целост условите од него поставени во 2015 година. 

Не помалку внимание Макрон и Путин посветија и на Сирија. Франција, за која Левант традиционално беше нејзина сфера на влијание сака да се врати таму. Онака како што Русија по десетици години се врати на Блискиот Исток и во арапскиот свет. Макрон, очигледно има друг приод кон тој дел од светот, отколку неговите претходници. Тој вели дека позицијата на Франција за разлика од 2017 година се сменила. Ако порано Париз бил еднозначно против политиката на Башар Асад, сега за Франција приоритет е зачувување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија. И носење на сеопфатно решение.

Макрон не беше скржав и кон оценките за Путин. Па така во едно интервју за францускиот телеканал BFM тој вчера изјави дека „Владимир Путин има историски и стратешки поглед кон односите меѓу Русија и Европа“. Според него на Русија и е потребно „спојување“ со Европа, бидејќи за него „Русија е европска земја“. Зборувајќи за соработката со Русија, Макрон посегна по минатото. По ставовите на некогашниот француски претседател Шарл де Гол, кој ја гледаше Европа од Атлантикот до Урал.  „Јас верувам во тоа дека нашите односи имаат добра иднина, јас ја гледам Европа, која се простира од Атлантикот до Урал. Верувам дека тие односи ќе добијат нова динамика“, истакна францускиот претседател. Имаше и една шега на ова искажување. Првиот човек на руската комора Александар Шохин забележа дека во Русија Европа ја гледаат од Лисабон до Владивосток.

Интригантен е ставот на Макрон за иднината на Европа. „ Се стремиме кон европски суверенитет. За тоа неопходно е да се почне со самостојност и суверенитет во финансиската област“, вели макрон. Ова како да е упатено кон САД. Макрон смета дека некои области треба да се одвојат од геополитичките сфери, да не се политизираат. Тој се пофали дека на ова се работи во ЕУ, но треба да се оди уште подалеку.

Одењето подалеку  е обременето. Најнапред од страна на САД, потоа од Велика Британија и секако од поделбите во самата Унија. Ангела Меркел при неодамнешната посета  на Сочи и средбата со Владимир Путин исто така разговараше со него опасностите од трговска војна на Вашингтон и членките на ЕУ. Во Сочи се проговори и за гасоводот „Северен поток -2“. Впечатокот е дека односите меѓу Германија и Русија се поместуваат кон подобро. Инаку Вашингтон по секоја цена сака да ја сопре неговата изградба. Германски, француски и австриски компании се длабоко влезени во овој проект. Но има земји од ЕУ кои се противат. Американците се закануваат со санкции кон европските компании во проектот. Наместо „Северниот поток -2“ тие предлагаат користење на течниот природен гас добиен од шкрилци во Америка. Наводно ќе се заштити и Украина за да не може Русија да го обиколи нејзиниот транспортен систем за гас. Зашто тоа би значело милијарди долари загуба за Украина од транспортот на гас. Русија веќе прифати дел од гасот за Европа да оди низ Украина, но за тоа треба да се водат економски преговори по 2019 година кога истекува сегашниот договор со Русија.

По се’ се чини дека картите на големите играчи на светската меѓународна сцена толку се измешаа што не се знае како и кога ќе заврши играта, а уште помалку кој ќе биде победник. Во времето на Борис Елцин на чело на Русија работите беа многу појасни. Тогаш и Хелмут Кол, германскиот канцелар, и француските претседатели Франсоа Митеран, а пота и Жак Ширак доаѓаа во Москва и даваа поддршка. Во еден момент човек можеше да се замисли дали не се создава нова тројна оска Берлин, Москва, Париз. Тоа не се оствари и не можеше, зашто зад океанот Бил Клинтон, „најблискиот“ пријател на Елцин.

 Додека Макрон е во Москва и покажува лидерски амбиции, Ангела Меркел е во Кина. Со својот домаќин Си Џинпинг разговара за Иран пред се и за трговијата. Трамп, пак, им создава главоболки на сите. Само Путин гледа од висина.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?