28 Март, 2024
0.0784

Путин од фудбал на средба со Трамп

Објавено во: Колумни 29 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Нема да поминат ни 24 часа по затворањето на Светското првенство во фудбал што се одржува во Русија, а рускиот претседател Владимир Путин ќе биде седнат на маса со неговиот американски колега Доналд Трамп и ќе разговараат за иднината на нивните односи и односите меѓу Русија и САД. Вчера истовремено во Москва и Вашингтон беше објавено дека на 16 јули во Хелсинки ќе се сретнат претседателите на двете држави. Во игра беше и австриска Виена. Но од двете неутрални држави беше избран главниот град на Финска.

Хелсинки како да е претплатен за американско-руски средби на врвот. Не сметајќи ги оние од времето на Советскиот Сојуз, ова ќе биде втор американско-руски самит. Во далечната 1997 година, личчно бев сведок на на тој Самит, кога Американците уште еднаш го пренесоа Борис Елцин жеден преку вода. Неговиот другар, како што милуваше Елцин да му се обраќа на американскиот претседател Бил Клинтон, под маската на дискусија за глобални прашања, хранење на суетата на Елцин дека се лични пријатели со манифестирање на неформален однос, му овозможи на рускиот претседател да се чувствува многу важен, за што беше платена соодветна цена. Борис Елцин на прес конференцијата со торжествен глас најави дека ќе се формира Совет Русија-НАТО, кој би требал да го спречи ширењето на Алијансата без одобрување на Русија. „Другите членки ќе го потпишат, а потоа и Русија и САД“, рече Елцин. Тогаш НАТО имаше 17 членки. Денес се 29. Бил Клинтон во инвалидска количка, поради повредената нога и со штака во раката, постојано насмеан го магепса Елцин, дури и му вети десетина милијарди долари, преку ММФ. Клинтон ги гледаше американските интереси и водеше таква политика. Што му беше лесно со оглед на тоа во каква состојба се наоѓаше Русија тие години. Не сакам, а и не можам да ги потврдам шпекулациите дека и во Хелсинки Елцин испил повеќе од една чашка, но неговото однесување пред новинарите како да го навестуваше тоа.

Но затоа сега Русија има друг претседател. Чиста спротивност на некогашниот член на советското политбиро. Ако е точно дека Путин е прв меѓу еднаквите во т.н. Политбиро.2, за кое се вели дека е составено претежно од поранешни разузнавачи, тогаш неговиот избор за претседател не е случаен. На Русија и треба претседател кој ќе ги штити интересите на државата. Доналд Трамп во своите настапи по изборот за претседател за евентуална средба со Путин велеше дека на неа ќе оди воден од националните интереси. Путин го поддржа овој став и тогаш беше соопштено дека во евентуална нивна средба и руската страна ќе се води од националните интереси. Уште некој месец ќе поминат две години од изборот на Трамп за претседател и сега како да дојде време конечно двајцата да седнат на заедничка маса. Путин и Трамп се запознаа лани во јули на Самитот Г20 во Хамбург, кога разговараа неполни два часа, а во ноември лани се сретнаа кусо и на Самитот на Азиско - Тихоокеанскиот самит во Виетнам.

Според она што е најавено двата претседатела најнапред ќе имаат средба во четири очи, а потоа би имало и работен појадок или ручек. Најавена е и прес конференција. За средба на Трамп и Путин се зборува многу одамна. Двата претседатела разговараа неколку пати и по телефон. Трамп не еднаш имаше изјавено дека би сакал да се сретне со Путин и дека е подготвен да најде заеднички јазик со него.. Од друга страна во Москва неодржувањето на ваква средба беше објаснувано со внатрешно политичката состојба во САД, анимозитетот кон Трамп од страна на елитата во Конгресот и Сенатот, поттикнат од наводното учество на Русија во изборот на Трамп за претседател. За што ден денес се води истрага. Конгресмените и сенаторите создадоа антирсука клима во САД, па секоја „проруски“ чекор или изјава на Трамп се осудуваше. Трамп беше принуден да потпишува и антируски закони, со коментар дека тоа не е добро, но сенатот и Конгресот беа речиси едногласни при нивното носење. Па така може да се смета дека и средбата на Трамп со Путин нема да биде општоприфатена во американскиот конгрес. Но Трамп оди според она што го наумил. Впрочем тоа се виде дека по средбата со северно корејскиот претседател. Многумина му префрлаа за неа, но таа се покажа од полза за самиот Трамп, па почна да расте довербата кон него. Барем така покажаа некои анкети во САД.

Во Хелсинки на дневен ред ќе бидат ставени тековните состојби и перспективите на натамошниот развој на руско-американските односи, а исто така и некои актуелни прашања од меѓународната политика, известија од Кремљ. Од Белиот дом истовремено потврдија дека ќе бидат разгледани меѓусебните односи и прашања од националната безбедност. Зад овие опши фрази се наѕираат Сирија, Украина, разоружувањето...Американците, ако се суди според советникот за национална безбедност, Џон Болтон, не очекуваат некои конкретни резултати од  оваа средба, бидејќи има поминато многу време без официјален самит меѓу раководителите на двете земји. Но тој смета дека треба да се води дијалог и да се бараат области на соработка, бидејќи односите меѓу двете земји влијаат врз стабилноста во целиот свет.Не е исклучено Трамп и Путин да потпишат и некаква декларација.

Некои експерти сметаат дека и во САД и во Русија очекуваат скромни квалитетни пробиви во меѓусебните односи, па обете страни од средбата ќе ја акцентираат нејзината симболика, особено што Хелсинки одговара како пиар компонента на Самитот. Други пак, сметаат дека Трамп е уверен во сопствените способности да води преговори и да склучува зделки со странски лидери, особено со такви како што е Владимир Путин, кому тој му се восхитува. Но, додаваат дека Трамп се покажал како човек кој ретко длабоко се подготвува за вакви средби. И затоа од оваа средба не се очекува битен прогрес за кое било прашање. За Џон Болтон ова не е проблем бидејќи „Трамп решил дека директниот контакт со Путин е во интерес на Русија, на САД и на целиот свет, без оглед на критиката внатре во земјата“.

Најавата за американско-руска средба на врвот веќе е поздравена од  генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, кој  истакна дека верува во дијалогот. Речиси во исти стил се јави и Федерика Могерини шефот на дипломатијата на ЕУ. Таа изјави дека се залага за дијалог, ако тој е насочен кон постигнување на позитивни резултати.Наспроти нив од велика Британија доаѓа скепса и страв. Како што пишува TheTimesВелика Британија се се плаши дека Трамп во своите договори со Путин може да ги поткопа позициите на НАТО. Британскиот парламент е обеспокоен од можноста Трамп да ги намали американските воени обврски кон Европа со што би била доведена во прашање одбранбената способност на земјите од НАТО против наводната „руска агресија“. Британија исто така се плаши дека Трамп може да го признае Крим како дел од Русија. Според Џон Болтон позицијата на САД во поглед на Крим не е променета. Но, вчера Мајк Помпео, државниот секретар на САД изјави дека претседателот Трамп враќањето на Русија во меѓународното општество го смета за неизбежно и „компромиси“ можат да дозволат Русија да се врати во Г8, без да го врати Крим на Украина. И Помпео вели дека САД сметаат дека Русија незаконски го анектирала Крим, што доведе до нејзино исклучување од Г8. Но од друга страна додава дека „претседателот е длабоко убеден  дека учеството на Русија во важните геостратешки беседи е неизбежно“.

Значи, попушта уште една алка во синџирот наречен меѓународна изолација на Путин и Русија. Упорни се Британците и некои држави од „нова Европа“, Полска и Балтикот, пред се. Наскоро тој може во целост да се распадне. Во прилог на ова оди и вчера потпишаната изјава од министрите за надворешни работи на САД, Велика Британија и Русија, Помпео, Борис Џонсон и Сергеј Лавров по повод 50 годишнината од Договорот за не ширење на нуклеарното оружје. Трите земји истакнуваат дека се приврзани кон конечната цел ликвидација на нуклеарното оружје и заедничка работа врз тоа, меѓународната состојба да придонесе кон таков напредок. Не знам кој го убедил Џонсон да стави потпис под оваа изјава. Не заради нејзината содржина и потребност, туку поради фактот што потпишува нешто заедничко со Лавров. Особено во момент кога односите на Британија и Русија се крајно влошени. А Британија е лидерот на антируското настроение во светот.

Има уште еден факт во полза на распад на изолацијата. Од крајот на месецов до 5 јули во Москва ќе допатува делегација од американски сенатори и конгресмени. Тоа зборува дека и покрај речиси целосниот негативен став кон Русија на американските законодавци, таму се пројавуваат желби да се посети Москва и да се разговара со руските колеги за актуелните руско-американски односи.

За крај. Фактот што Путин ќе се сретне со Трамп по завршување на Светското првенство во фудбал ќе биде можност да им честита на Американците за добиеното право во 2026 година , заедно со Канада и Мексико, да го организираат светското првенство во фудбал и да го сподели со Трамп руското искуство во организацијата на првенството. Што впрочем побара и Болтон на средбата со Путин во средата, кога ги интересираше:„ како успевате така успешно да го спроведувате првенството“. Добра можност за „фудбал-дипломатија“. 


Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?