06 Декември, 2025
0.1185

Путин одново ги возбудува духовите

Објавено во: Колумни 01 Февруари, 2021 06:55

Добивај вести на Viber

Само еден ден по разговорот со неговиот американски колега, Џо Бајден и три дена по масовните протести ширум Русија во поддршка на опозиционерот, Алексеј Наваљни, рускиот претседател Владимир Путин ги возбуди духовите. На Светскиот економски форум во Давос тој учествуваше на т.н  Davos Agenda, серија онлајн сесии што се одржуваа минатата недела под заедничка тема „Решавачка година за обновување на довербата“. Доволно провокативен наслов за провокативни настапи на политичарите.

За тоа какво беше излагањето на Путин доволно е да се прочитаат некои наслови во медиумите посветени на него. Па така ќе прочитате: „Мрачно излагање на Путин“ или „Путин упати недвосмислена порака до Западот, изјавувајќи за „крајот на цивилизацијата““, па „Давос на злото“, па „Путин во Давос зборуваше како мрачен претскажувач“ и уште еден наслов во црнината од наслови: „ Путин одново на цел свет му се заканува  со нуклеарна војна“. Насловиве се земени од американски( Блумберг), руски и украински медиуми. Кинеските го фалат настапот на Путин. Водечките американски и европски медиуми го премолчија настапот на Путин, но тоа не значи дека кога ќе дојде време дека нема длабоко да го анализираат. 

Некои руски експерти, егзалтирано, излагањето на Путин го споредуваат со неговото широко познато излагање на Минхенската конференција за безбедност во 2007 година. Кога за прв пат се искажа дека светот веќе не е еднополарен, не е само на САД, туку има и други играчи. Ова обраќање беше и повод НАТО да најде мотив за свое постоење, демек еве сега имаме непријател и ширењето на исток е оправдано. Таа година некои ја сметаат и како година на почеток на нова Студена војна.

ТОЈ ШТО ИМА УШИ ЌЕ ЧУЕ

Како и да е работите дојдоа до таму што прес секретарот на Путин , Димитриј Песков, мораше да го толкува излагањето на Путин. „Исто како што Минхенското излагање на претседателот кое беше дочекано на нож и го сфатија како некаков настап исполнет со конфронтација. Но всушност, не и не. И овој пат исто така немаше никаква конфронтација и никакво предупредување. Имено, тоа е само обид да се довикне до здравата смисла на политичарите“, рече Песков, додавајќи дека:„Тоа е многу длабока анализа. До сега со таква анализа не настапил ниту еден светски лидер“. На прашањето дали Русија очекува реакции од партнерите Песков со одговор: „тој што имаат уши ќе чуе“.

Сесијата во Давос траеше од 25 до 29 јануари, а покрај Путин на неа се обратија и многу други лидери. На пример, канцеларката Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, премиерите на Италија, Индија, Израел и Јапонија, кинескиот претседател Ши Џинпин со провокативниот наслов на обраќањето, во кинески манир, „Нека факелот на мултилатерализмот го осветли патот кон иднината на човештвото“. Крајот беше резервиран за Бил Гејтс. Инаку, Путин го немало во најавите и упаднал во последен момент. Веројатно се согласил во пет до 12, за да каже нешто по разговорот со Бајден и протестите во Русија. А и да се покаже дека се’ уште е баран и ништо од некои повици да биде игнориран. А како би бил кога зад него стои Русија?

Што всушност кажа Путин? Најкратко. Првиот човек на Светскиот економски форум и негов основач Клаус Шваб побара од Путин да каже нешто за сегашната ситуација, за 21. век, што треба да се направи за луѓето насекаде да живеат во услови на мир и просперитет. Рускиот претседател ги спомена длабоките трансформации во глобалната економија, политиката, социјалниот живот, технологиите и посебно пандемијата која стана посебен предизвик за човештвото. Таа, според Путин само ги заостри проблемите и дисбалансите, кои претходно ги имаше во светот. И има тенденции за натамошно растење на противречностите и тоа во сите сфери.

КРАЈ НА ЦИВИЛИЗАЦИЈАТА

„Секако во историјата нема директни паралели. Но некои експерти, а јас со почит се однесувам кон нивното мислење, тековната ситуација ја споредуваат со 30-тите годни од минатиот век. Со таквата ситуација може да се согласува, може и да не се согласува. Но според многу параметри, според големината и комплексниот системски карактер на предизвиците, потенцијалните закани, некои аналогии сепак се наметнуваат“, рече Путин. Според него неспособноста и неготовноста ваквите  проблеми да се решаваат  во суштина во ХХ век се претворија во катастрофа – Втората светска војна. „Секако, сега таков глобален „жежок“ конфликт, во принцип, се надевам не е можен. Тоа би било крај на цивилизацијата. Но, ќе повторам, ситуацијата може да се развива непредвидено и надвор од контрола. Секако, доколку  не се преземе ништо  за тоа да не се случи“ нагласи  Путин.  Тој смета дека постои веројатност за судир со вистинскиот крах на светскиот развој, поврзан со борбата на секој против сите, со обидите да се решат појавените противречности преку барањето „внатрешни“ и „надворешни“ непријатели, со разурнување не само на традиционалните вредности, за Русија, семејството, но и основните слободи, вклучувајќи го правото на избор и неприкосновеноста на приватниот живот. 

После ваквите зборови на Путин кои веројатно ја „уплашиле“ публиката – бизнисмените, тој се задржа на предизвиците и тешкотиите кои му се закануваат на човештвото. Најважен предизвик е социјалната нееднаквост која, според него се засилила на бранот на глобализацијата. Тој посочи некои бројки за илустрација на нееднаквоста во САД! Па, „ако во 2000 година таму приход од 5,5 долари на ден имале 3,6 милиони луѓе, во 2016 година таа бројка се зголемила на 5,6 милиони луѓе“, го цитираше Путин извештајот на Светска банка. Пандемијата сега остави без работа 250 милиони луѓе ширум светот.

ОПАСНА ИЛУЗИЈА

Друг предизвик за Путин е општествано-политичкиот. Растот на економските проблеми и нееднаквоста внесува раздор во општеството, се јавува социјална, расна и национална нетрпеливост, при што таквата напнатост излегува надвор од контрола дури и во земји со, би се рекло, стабилни граѓански и демократски институти, повикани да ублажуваат, да гасат такви појави и ексцеси, смета рускиот претседател. „Системските социјално-економски проблеми создаваат такво општествено незадоволство бараат посебно внимание и решавање во суштина. Опасната илузијата дека можат да се игнорираат, да се остават настрана, е поврзана со сериозни последици“ смета Путин. Кон ова може да се додаде дека Путин ги спомена и дигиталните платформи, кои „дефакто конурираат со државите“. Во смисла дека и за нив треба да се постават правила на игра. На пример, на Гугл и Амазон.

 Конечно, третиот глобален предизвик за Путин е заострувањето на целиот комплекс на меѓународни проблеми. Ова не е прв пат тој да зборува за нив. Тој смета дека нерешените и растечки внатрешни социјално-економски проблеми можат да поттурнуваат кон барање на некој, врз кого  може се’ да се натовари, да се обвини за сите несреќи и кон кого би се  насочила раздразнетоста и незадоволството на сопствените граѓани. „И ние веќе гледаме, чувствуваме, дека степенот на надворешно политичката пропагандистичка реторика расте. Може да се очекува дека поагресивен ќе стане и карактерот на практични дејства, вклучувајќи притисок врз оние земји кои не се согласуваат со улогата на послушници- сателити, користење на трговски бариери, ограничување на финансиската, технолошката и информационата сфера“, вели Путин. Според него ваквата игра без правила критички ги зголемува ризиците од еднострана примена на сила, под еден или друг измислен предлог. А тоа ја зголемува веројатноста од појавата на нови жешки точки на планетата и тоа ја загрижува Русија. За избегнување на ова Путин предлага зацврстување и развој на постојните институти одговорни за безбедноста и стабилноста во светот, а исто така и изработка на правила на однесување во глобалната економија и трговијата. Исто така како нов формат на соработка во отстранување на проблемите Путин предлага – многустраност.

КРАЈ НА ЕДНОПОЛАРНИОТ СИСТЕМ

Зборувајќи за Русија, Путин нагласи дека таа за достигнување на нејзините национални цели на развој е отворена за најширока меѓународна соработка и уверена дека соработката по прашањата за глобалната социјално-економска агенда би влијаела позитивно на општата атмосфера во светските работи.  А заемната зависност во решавањето на острите тековни проблеми би придонела кон заемната доверба, што сега е особено важно и актуелно. „Очигледно дека епохата поврзана со обидите да се изгради централизиран, еднополарен светски поредок заврши. Всушност, таа и не почна. Беше преземен само обид во таа насока. Но и тоа веќе помина. Таквиот монопол според својата природа противречи на културната, историската разноликост на нашата цивилизација“, рече Путин.  Тој забележа дека реалноста сега е таква што во светот се формирани разни центри на развој., со свои самобитни модели, политички системи, општествени институти. И денес е крајно важно да се изградат механизми за согласување на нивните интереси, за разнообразието, природната конкуренција на половите на развој  да не се претворат во анархија и редица долги конфликти.

Секој се чеша онаму каде што го чеша. Па така и Путин. И овој пат тој не ги пропушти омилените теми. И најмногу, иако не ги спомена, во завиена форма зборуваше за САД. Триесеттите години. Кризата во САД и во Германија. За нееднаквоста и социјалните разлики кои доведуваат до протести. Па и во САД. За демократските вредности и нивно нарушување и во демократски држави. Пак САД. Барањето „внатрешни“ и „надворешни“ непријатели за постигнување домашен мир. За дигталните платформи, кои се американски. За растот на надворешно политичката пропаганда која расте, за земји послушници-сателити, како што во Русија ги нарекуваат европските земји кои се послушни кон САД. За трговските бариери и игри без правила. За тоа дека епохата на еднополарниот свет е завршена, дури непочната . За тоа дека има сега различни политички центри на развој со  кои треба да се усогласуваат различните интереси, а не да се наметнуваат свои правила. На пример извоз на американска демократија ширум светот. Практично создавање на нов светски поредок.

НАВАЉНИ АМЕРИКАНСКИ ШПИОН

Многу од искажувањата на Путин се одговор на најавите на Џо Бајден за неговата надворешна политика. И затоа се чини Путин во последен момент се согласил на учество во сесијата во Давос. Да ги каже своите позиции. Бајден најави дека ќе ја прави Америка одново лидер во светот, дека ќе демократизира држави, дека ќе заштитува човекови права, дека ќе се бори со корупцијата надвор од САД..,а Путин му вели може ама под одредени услови. Се разбира ова е игра на најави од  обете страни. Кој знае што се’ си изнакажале во телефонскиот разговор минатата недела. 

Многу работи за кои зборуваше Путин со алузија кон САД  му се случуваат и нему. Протестите не се случајни. Корупцијата и клиентелизмот го разјадуваат општеството. Социјалната нееднаквост расте. На секој протест апсат. Вчера, според некои извори, се уапсени над 5.000 демонстранти. Се демонстрира во стотици градови. Тоа покажува дека станува збор за незадоволство ширум земјата, а не само во Москва. Па така и Путин за своите внатрешни проблеми ќе бара виновници надвор од Русија. На пример дека Наваљни е американски шпион.

Ништо ново. Некои досегашни универзални  правила во водењето политика си останува да важат и натаму. Останува наредниов период да чекаме да се јават Американците со свои погледи и ставови. Едно е јасно. И двете страни ќе си ги штитат интересите. Бајден за 22 април најави светски лидерски самит посветен на климатските промени. Ако биде во живо, може да се зборува и за евентуална средба со Путин. И ќе има што да си кажат. Може самитот да биде виртуелен. А, и виртуелните обраќања знаат да бидат интересни. Како ова на Путин, на пример.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?