06 Декември, 2025
0.0423

Путин предупредува на враќање во времето на СССР

Објавено во: Колумни 14 Декември, 2020 07:03

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин ги предупреди своите министри да не дозволат враќање во времето на Советскиот Сојуз. Не во смисла на обнова на советската империја. Туку  да не се дозволи појава на неможност народот да купи она што му е неопходно. На збор да се има се’ , а всушност да нема за сите. Путин во средата што измина имаше редовно заседание на Кабинетот на министрите, односно владата, преку видео врска, на кое меѓу другото се разговараше и за економската состојба во земјата, агроиндустрискиот комплекс, растот на цените...

Дел од содржината на заседанието, стенограма, е објавена на сајтот на Кремљ, цитати од искажувањата на Путин има во некои медиуми, а викендов на телевизиски канали се појавија и снимки од затворениот дел на седницата, од кои се гледа како претседателот „ги кара“ министрите. Сигурно ова е намерно направено. Во Кремљ оцениле дека е време да се направи нешто што ќе биде од полза на Путин. Да се покаже пред јавноста дека претседателот води грижа за народот во кризни времиња, критикувајќи ги министрите за  бедата во која се нашол тој. На тапет беа  министрите за економски развој и за земјоделство, Максим Решетњиков и Димитриј Патрушев. 

Максим Решетњиков беше критикуван за „експериментите“ со цените на основните прехранбените продукти. Путин му даде рок од една недела да најде решение и да го сопре нивниот раст. „Луѓето се ограничуваат себе си, затоа што немаат пари за основните прехранбени производи. Каде гледате? Тоа е прашањето! Не се шеги! Во услови кога невработеноста расте, доходите се намалуваат, основните продукти многу поскапуваат, а вие мене ми кажувате приказни овде“, изјавил Путин по извештајот на министерот на заседанието.

„Што предлагате да се направи со сончогледовото масло? На финалниот производ вие не сакате да воведете давачки? А на кој производ сакате да воведете давачки-царини? Колку долго ќе експериментирате со тоа, тоа сакам да разберам“, му рекол претседателот на Решетњиков. А министерот известувал за тоа дека податоците за инфлацијата до крајот на годината се очекува да бидат повисоки од очекуваните. Решетњиков соопштил дека неговото министерство прави мониторинг на цените. „Ние гледаме директно, каде и какви се цените и тоа прашање сега, исто така, го разгледуваме на оперативни заседанија во владата“, појаснил Решетњиков.

БОГАТА ЖЕТВА-СИРОМАШЕН НАРОД

Тоа е нов повод за атака на претседателот. „Видете Максим Гендајевич, рековте правите мониторинг. А цените на шеќерот растат веќе неколку месеци. Ние разбираме дека во сегашни услови опаѓа куповната моќ на населението, постојано зборуваме за тоа. Реалните доходи со кои располага населението се паднати за 4,3 проценти. А цените на шеќерот пораснаа над 71 процент“, реагирал Путин. Според него порасната е цената и на макароните за 10,5 проценти. „Повеќе наши граѓани, од Москва и Петербург, секако нарачуваат болоњезе..., но нашиот обичен народ јаде обични макарони. Не од италијанско, туку од домашно производство. Тоа не е дозволиво. При така богата жетва“, нагласил Путин.

Извештајот на министерот Димитриј Патрушев се однесуваше на работата на агро -индустрискиот комплекс и колку Русија е способна сама да си ги обезбеди основните прехранбени производи. Според него ситуацијата на прехранбениот пазар во целост е стабилна и не се забележува дефицит. И покрај пандемијата со коронавирус, селското стопанство дури го зголемило производството. Индексот на производство на селско стопански производи за десет месеци е 101,8 проценти, а на производите со повисок степен на обработка  104,3 проценти. Родот на житните култури годинава се очекува да надмине 131 милион тони, што е за четири милиони повеќе од прогнозите. И годинава е задржано високото темпо на извоз. До декември извозот достигнал 26,5 милијарди долари, а до крајот на годината се очекува да биде надмината бројката од 28 милијарди долари.

Нормално Путин е задоволен од ваквите бројки и од нагласката дека нема дефицит на производи. Но тој предупреди:„ Гледајте кај нас да не се случи како што беше во Советскиот Сојуз. Вие уште сте млад и не памтите, а јас паметам.

Велеа: „во Советскиот Сојуз има се’, само не им достига на сите. Но тогаш недостигаше, бидејќи имаше дефицит, а сега можеби недостига затоа што луѓето немаат доволно пари за да купат определени производи по цени кои што се на пазарот“. За Путин растот на цените има „чисто економски причини“ и не е поврзан со пандемијата и нивото на производството. Па оттука и наредбата. „Се да се реши во текот на една недела. И на почетокот на идната недела да се подготви соодветен документ“, побарал Путин на затворениот дел од заседанието.

ИЗВОЗНИ ДАВАЧКИ

Дека работата е сериозна потврдува и фактот што со свое соопштение се јави и Државното обвинителство, кое кажа дека нагло поскапеле шеќерот, брашното и лебот. Тоа почнало проверка. Во Министерството за индустрија и трговија сметат дека растот на цените е поврзан со стремежот на производителите кон профит во време на пандемија. Но се чини дека вистинската причина за растот на цените е слабата рубља и побарувачката од странство. Па затоа производителите го зголемија извозот во потрага по повисок профит на странскиот пазар. На тој начин се намалува понудата дома, а тоа е повод и за раст на цените. Оттука и залагањата на Путин за воведување на извозни давачки.

Веќе од денес се очекува извозниците да седнат и да  почнат да го ублажуваат гневот на претседателот. На пример да потпишат спогодба за воздржување од зголемување на цените на шеќерот и зејтинот.  Правници сметаат дека цените може да ги регулира само државата, а експерти велат дека таа мерка нема да успее. За регулирање на пазарот на житарки може да се воведе царина на извоз на пченицата. Но со овој потег ќе се намалат приходите на производителите. А тоа и негативно ќе се одрази врз Русија како земја извозник.  Најавените давачки при извоз секако ќе бидат вградени и во извозната цена, па може да се очекува и поскапување на суровините за зејтин, сончоглед и маслодајна репка, како и на пченицата извезени од Русија. А тоа во крајна линија може да доведе и до поскапување на производите од нив на пазарите каде што ќе бидат извезени.

ПРАЗНИОТ СТОМАК Е НАЈОПАСЕН

Загриженоста на Путин не е за потценување. Празниот стомак е најопасен. Особено со намалување на приходите. Една анкета од истражувачкиот холдинг „Ромир“ покажа дека Русите не се многу вознемирени од дефицитот или од забраната за патување во странство. Она што навистина ги плаши Русите е растот на цените, ниската плата и квалитетот на медицината. Па така, 60 проценти од испитаниците се уплашени од растот на цените, 52 од ниските плати, 44 од квалитетот на медицинските услуги, 42 од невработеноста, а водечката петорка ја заокружуваат 41 процент од испитаниците кои се плашат од невработеноста. По ова следат стравот од нови бранови на коронавирусот, од корупцијата, од скапите медицински услуги, а на дното се стравот што не може да се патува, со 10 проценти и два проценти уплашени од дефицитот.

Некои набљудувачи намалувањето на приходите на Русите го оценуваат преку зголемената потрошувачка на леб.  Во весникот „Комерсант“ економисти раскажуваа за наглото зголемување на потрошувачката на лебот. Тоа се случува прв пат по пет години. Многумина тоа го поврзуваат со тоа што луѓето почнале да преминуваат кон поедноставни и евтини  производи поради кризата. И руската статистичка служба потврдува за падот на реалните доходи на населението. Во вториот квартал падот беше 8,4, а во третиот 4,8 проценти.

За време на пандемијата од коронавирус во Русија банкротирале околу4,5 милиони индивидуални претприемачи, претпријатија од малиот и средниот бизнис, изјави овластената за човекови права Татјана Москаљкова. Тоа се речиси најмалку пет милиони луѓе останати без работа. Вториот бран од пандемијата само ја влошува ситуацијата. Бизнисот бара помош, но власта засега за вториот бран нема ништо преземено. А првиот државен ревизор Алексеј Кудрин смета дека вториот бран од пандемијата бара поголема поддршка за бизнисот од страна на државата отколку првиот. Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, неодамна изјави дека засега не се планира нов пакет на мерки за помош на бизнисот, „економијата продолжува да функционира“. А во зависност од ситуацијата во иднина можат да бидат преземени некои мерки.

ПРОТИПОЖАРНИ МЕРКИ

Ова што сега се случува во Русија го има и во други држави. Секаде во светот ги чувствуваат последиците од пандемијата. Но за Русија важи и фактот дека е подвргната на еден куп санкции, кои, секако, дополнително влијаат врз нејзината економија. Во наредната година кризата предизвикана од коронавирусот ќе продолжи. Американците ќе имаат нов претседател, кој можеби ќе воведе и нови дополнителни економски санкции кон Русија. Па затоа за Москва е многу важно какви се прогнозите за цените на нафтата и гасот за идната година со оглед на тоа што тие два производи главно го полнат буџетот на државата. Според министерот за финансии, Антон Силуанов, за до година е предвидена цена на нафтата малку повисока од 43 долари за барел. Па се смета дека со сите решенија што се на располагање Русија ќе може да го пополни буџетот во делот предвиден од нафтата и гасот, па дури и да го полни Фондот за национална благосостојба, кој сега се користи за финансирање на структурни проекти.

Барањето на Путин да се намалат, под итно, цените на основните прехранбени производи не е случајно. Никој не може да претпостави со што се’ ќе се соочи Русија по 20 јануари, инаугурацијата на Џо Бајден. Па затоа мора да се прави отстапница во случај на појава на народно незадоволство од високи цени, и мали плати. Москва и Петербург не се Русија. И тие не се репер за благосостојбата на народот во државата. Искуството на Путин од Советскиот Сојуз пред распадот и од Русија веднаш по распадот не е благопријатно. Дотолку повеќе што и покрај строгите мерки, низ Русија има протести. Засега не се водени од беспомошноста на луѓето во борбата за нормален живот. Но доколку тоа се случи, тогаш бранот на незадоволството може да ја зафати цела Русија. Во таков случај епилогот може само да се загатнува. Па затоа Путин уште од сега презема противпожарни мерки. Ќе успее онолку колку што ќе му дозволи бирократијата. Се разбира ако претходно тој не ја разбранува неа. Како секој авторитарен политичар да посегне по мерките за смена на министрите со ветување до народот дека новите ќе работат подобро од старите. За да се купи време до евентуално реално подобрување на работите во економијата. Ако воопшто може да се очекува такво нешто во Русија.

Мирче Адамчевски


* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?