29 Ноември, 2021
0.0287

Путинoвиот „здрав конзервативизам“ наспроти „болшевизмот“ на Западот

Објавено во: Колумни 15 Ноември, 2021

Кон крајот на октомври во Сочи заседаваше дебатниот клуб „Валдај“. На темата „Глобално потресување - XXI: луѓе, вредности, држава “ во неколкудневната работа дебатираа десетици експерти од цел свет. Продефилираа и политичари, а главен гостин традиционално,беше рускиот претседател Владимир Путин. Неговата неколкучасовна реч и одговори на прашањата од експертите потврдија дека тој се’ уште е во добра форма за водење дебати. Подготвен како и секогаш и го користи моментот да исфрли нешто ново кое ќе ги заинтригира кремљолозите или политичарите во светот и посебно на Запад.

Путин кажа за секого и за се’  по нешто. Па така го пофали Џо Бајден за повлекувањето од Авганистан. „Претседателот на САД донесе вистинско решение“, рече Путин. На Реџеп Таип Ердоган, турскиот претседател, кој неодамна, меќу редови, изјави дека „светот е повеќе отколку пет“, алудирајќи на земјите постојани членки на ОН, намекнувајќи дека е потреба реформа, Путин изјави дека доколку се укине правото на вето на постојните членови на СБ, тогаш ООН ќе се претвори во дебатен клуб. 

На Полјаците, кои сакаат да ја ревидираат историјата за Втората светска војна и да ги изедначат улогите на Германија и Советскиот сојуз во неа, Путин им вели: „Па вие заедно со Германија учествувавте во поделбата на Чехословачка, вие го запаливте фитилот, вие ја извадивте тапата, а потоа џинот излезе од шишето. Но никој не ги обвинува тогашните полски власти, меѓутоа  ние нема да дозволиме да се обвинува и Советскиот Сојуз“.

Некои набљудувачи речта на Путин ја споредуваат со неговата реч во Минхен во 2007 година, која практично за многумина значеше вовед во нова „студена војна“. Путин обично дебатите ги користи за искажување на некои нови работи, но кога сака да биде поубедлив тогаш го користи директното обраќање пред политичари и дипломати, како што беше во Минхен. Од она што го кажа во Сочи внимание привлекува најавената нова иделологија на Русија или пат по кој Путин сака да ја води неговата земја. И сето тоа го искажа на начин да го обвини Западот за „болшевизам“, не директно, туку споредувајќи ги неговите потези со оние на болшевиците по Октомвриската револуција.

Путин  се искажа за „здрав конзервативизам“ со додавка - умерен. Путин се заложи за одбрана на традиционалните конзервативни вредности, предупредувајќи дека западната политика во поглед на сексуалниот идентитет и полот ги става под закана преживувањето на човечката раса. Некои западни новинари сметаат дека Путин тоа го прави поради неспособноста да се справи со корона вирусот дома. Некои од нив напишаа дека искажаното од Путин да беше во САД, тогаш нему таму ќе му се изнавикаа. Што толку важно кажа Путин? Подолу ќе ви дадеме неколку цитати:

БРИШЕЊЕ СОПСТВЕНА ИСТОРИЈА

„Со чудење гледаме на процесите што се одвиваат во земјите кои се навикнати да се сметаат себеси за предводници на напредокот. Се разбира, тие социо-културни потреси што се случуваат во САД и во Западна Европа не се наша работа, ние не се пикаме таму. Некој во западните земји е убеден дека агресивното бришење на цели страници од сопствената историја, „обратна дискриминација“ на мнозинството во интерес на малцинствата или барањето да се напушти вообичаеното разбирање на основни работи како мама, тато, семејството, па дури и родовата разлика, тоа по нивно мислење, се патоказите за движење кон општествена обнова.

Тоа е нивно право, ние не се пикаме таму. Само замолуваме да не влегувате, особено кај нас. Ние имаме поинаква гледна точка, во секој случај, огромното мнозинство на руското општество. Ние веруваме дека треба да се потпреме на нашите духовни вредности, на историските традиции, на културата на нашиот многунационален народ.

Приврзаниците на таканаречениот општествен напредок веруваат дека тие на човештвото му носат некаква нова свест, покоректна од порано. Но знајте, рецептите што ги нудат не се сосема нови, сето тоа - како што некому може да му изгледа неочекувано - веќе го поминавме во Русија, веќе го имавме. По револуцијата од 1917 година, болшевиците, потпирајќи се на догмите на Маркс и Енгелс, исто така најавија дека ќе го променат целиот систем, не само политички и економски, туку и самата идеја за тоа што е човечкиот морал, основата на здравото општество. Уништувањето на вековните вредности, верата, односите меѓу луѓето, се до целосно отфрлање на семејството, наметнување и поттикнување на кодошењето на најблиските, сето тоа беше прогласено за одење напред и, патем кажано, тоа во светот тогаш беше широко поддржано и беше модерно, исто како и денес. Патем, болшевиците исто така покажаа апсолутна нетрпеливост кон какви било други мислења.

Ова, според мене, треба да не потсети на нешто, на она што го гледаме сега. Борбата за еднаквост и против дискриминација се претвора во агресивен догматизам на работ на апсурдност, кога големите автори од минатото - како Шекспир - повеќе не се предаваат во училиштата и универзитетите, бидејќи овие идеи, таму се сметаат за заостанати. Класиците се прогласени за назадни, кои не ја разбираат важноста на прашањето за полот или расата. Во Холивуд издаваат упатства како и за што да се сними филм, колку ликови од која боја или пол треба да има. Излегува полошо од одделот за агитација и пропаганда на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз.

Чуварите на новите приоди

Спротивставувањето на појавите на расизам е неопходна и благородна работа, но тоа во новата „култура на аболиција“ се претвора во „обратна дискриминација“, односно расизмот е спротивен. Опсесивното нагласување на расната тема дополнително ги дели луѓето, а на крајот на краиштата, сонот на вистинските борци за граѓански права беше токму бришењето на разликите, одбивањето да се поделат луѓето по бојата на кожата...

Во голем број западни земји, дискусијата за правата на мажите и жените се претвори во совршена фантазмагорија. Видете, ќе се дојде до таму, како што предлагаа болшевиците, не само социјализација на кокошките, туку и социјализација на жените. Уште еден чекор и ќе бидат таму.

Чуварите на новите приоди одат толку далеку што сакаат самите да ги укинат некои значења. Оние кои ризикуваат да кажат дека мажите и жените навистина постојат и тоа е биолошки факт, речиси се исфрлени. „Родител број еден“ и „родител број два“, „родител што раѓа“ наместо „мајка,“ забрането е да го користите изразот „мајчино млеко“ за да го замените со „човечко млеко“ - за да не се вознемируваат луѓето кои не се сигурни во сопствениот пол. Повторувам, ова не е ново, во 1920-тите, таканаречените советски културтрегери го измислија таканаречениот новоговор, верувајќи дека на тој начин создаваат нова свест и го менуваат вредносниот поредок.

Да не зборуваме за просто монструозните работи, кога децата денес, уште од мали ги учат дека момчето лесно може да стане девојче и обратно, всушност им се наметнуваат избори кои наводно се достапни за секого. Тие наметнуваат, отстранувајќи ги родителите од ова, принудувајќи го детето да донесува одлуки што можат да му го скршат животот. И никој не се ни консултира со детски психолози: дали детето на некоја возраст може да донесе одлука од ваков вид или не?Работите треба да се наречат со вистинското име, тоа е веќе на работ на злосторство против човештвото, а се' во името и под знамето на напредокот“.

НЕ ПРАВИ ШТЕТА

По сето ова Путин ја најави идеологијата на  - здрав конзервативизам. Тој се навраќа на веќе искажано нешто пред неколку години. „Веќе реков дека во обликувањето на нашите пристапи ќе се водиме од идеологијата на здрав конзерватизам. Тоа беше пред неколку години, тогаш страстите на меѓународната арена сè уште не го достигнаа својот сегашен интензитет, иако, се разбира, можеме да кажеме дека уште тогаш надоаѓаа облаци. Сега, кога светот доживува структурен распад, важноста на разумниот конзерватизам, како основа на политичкиот курс е многукратно зголемена, токму поради зголемените ризици и опасности и кревкоста на реалноста околу нас“.

За Путин конзервативниот пристап не е непромислено старателство, не е страв од промени и не е игра на задржување, а уште помалку затворање во сопствената лушпа. „ Умерениот конзервативизам е најразумната, барем според мене, линија на однесување во претстојниот период на реконструкција на светот, кој може да продолжи прилично долго и чијшто финален дизајн е непознат. Неизбежно ќе се промени, се разбира, но засега медицинскиот принцип „не прави штета“ се чини дека е најрационален“, рече Путин. Рускиот претседател  не ги прифаќа ни експериментите со природата и се залага за учење од историјата, од минатото.„ Повторувам, за нас во Русија тоа не се апстрактни постулати, туку лекции од нашата тешка, на моменти и трагична историја“, рече Путин.

За крај, уште една негова теза. „Добро ни е познато дека е невозможно да се решат многу заеднички акутни проблеми без блиска меѓународна соработка. Но, мора да бидеме реални: повеќето од убавите слогани за глобално решение на глобалните проблеми што ги слушаме од крајот на 20. век никогаш нема да се остварат. Глобалните решенија предвидуваат толкав степен на пренесување на суверените права на државите и народите во наднационални структури, за што, да кажам чесно, малкумина се подготвени, а говорејќи отворено, никој не е подготвен. Пред се', затоа што одговорноста за резултатите на политиката допрва треба да се носи, не пред некоја непозната светска јавност, туку пред нашите граѓани и нашите гласачи“.

УНИВЕРЗАЛНА ВРЕДНОСТ

Веројатно кај многумина од учесниците во дебатата, одекнуваше лајтмотивот извлечен од зборовите на Путин. Концептите: историско искуство, традиција, конзервативизам, здрав конзервативизам, умерен конзервативизам. Оттука се наметнаа и прашањата. На пример страв од нездрав конзервативизам. Која е линијата што го дели здравјето од лошото здравје? Кога традицијата се претвора од темел во товар? Путин и за тоа има подготвено одговор. „Сè може да се претвори во товар ако постапите непрецизно. Но, кога зборувам за здрав конзервативизам, секогаш се сеќавам на Николај Бердјаев, кого исто така го споменав повеќе пати. Ова е нашиот истакнат филозоф. Како што знаете, тој беше протеран од Советскиот Сојуз во 1922 година, но тој е човек, со сето свое битие насочено кон иднината. И тој беше поддржувач на конзервативизмот. Во исто време,  можеби нема точно да го репродуцирам овој цитат, но сепак тој рече: „конзервативизмот не е нешто што пречи во одењето нагоре и напред, туку нешто што пречи во враќањето назад и надолу кон хаос. Сега, ако така го согледаме конзервативизмот, тоа ќе биде добра помош за развој“.

Во поглед на забелешките околу традицијата, дали таа може да е универзална, дали може да го обедини светот, кога се знае дека таа е различна, Владимир Путин вели: „Факт е дека, се разбира, постои огромна уникатност и посебни особини за секоја нација во различни делови на светот. Но, сепак, има нешто што ги обединува сите луѓе. Сите ние сме луѓе, сите сакаме да живееме. Вредноста на животот е апсолутна. Според мене, иста е вредноста на семејството, бидејќи основата е продолжување на врстата. Дали сакаме да бидеме или не сакаме? Да се ​​биде или не? Ако не сакаме да бидеме, тогаш во ред. Видете, добро е и приспособувањето, многу е важно, но за да се адаптира детето треба некој да го роди. Еве ја втората апсолутно универзална вредност. Има и други“.

Ако речта во Минхен беше јасно насочена кон Запад, ова во Сочи сигурно е делумно таква. Во прв ред за некого може да делува како поддршка на конзервативните сили на Запад. Некој ќе рече, еве, пак Русија го дели Западот. А се заборава дека тој се дели сам по себе. Односно се делат меѓу себе западните земји. На пример, последно, Бајден со договорот за подморници со Австралија и Британија ја подели ЕУ. Едни застанаа зад Франција, а други молчеа да не ги навредат САД. Последниве се во голема внатрешна криза со поделбата на општеството. Покрај другото и околу ставовите за расизмот и семејните вредности. Доналд Трамп го нема, но сепак има политички сили кои се залагаат за нив, наспроти демократите кои се либерални во тој поглед.

КОНЗЕРВИРАЊЕ НА СИРОМАШТИЈАТА

Секако и во Европа има поделба по таа линија. Полска и Унгарија и донекае Италија, јасно се за заштита на конзервативните вредности. Притоа да не се заборави дека, дека, Полска, на пример, е голем противник , па и непријател на Русија. Но кога е во прашање совпаѓање на интересите излегува дека таа држи „руска линија“.

Дали и кому во Русија му беа упатени горните искажувања. Левата Русија смета дека настапот на Путин не значи здрав конзервативизам ,туку конзервирање на се’ она што е најлошо во Русија.  „ Што ни предлагаат да се конзервира? Милиони бедни, огромно материјално раслојување, кога олигарсите и блиските до Путин владеат речиси со сите богатства, а другите живеат во сиромаштија или од плата до плата. Или пак изопачениот политички систем, неменливоста на власта, валканите избори, репресиите против опозицијата?

Русккиот претседател знае дека расположението на мнозинството во Русија е против ЛГБТ, дека со закон е забранета пропагандата на припадниците на таа група. И на тој бран тој се обраќа до мнозинството од населението. А најлесно е тоа да се направи, ако се’ се поврзе со „болшевичката“ политика во САД. И онака во Русија најлесно се гради доверба врз „традиционалниот“ непријател.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

За во среда во Украина е планиран државен удар!?

За во среда во Украина е планиран државен удар!?

Збогум „Нормандијо“ – Добредојде Америка!

Збогум „Нормандијо“ – Добредојде Америка!