24 Ноември, 2024
0.2283

РАДИКАЛНИ СЕ ОПЕРАЦИИТЕ КАЈ ЖЕНИТЕ КОИ СЕ ВО НАПРЕДНАТ СТАДИУМ НА КАНЦЕР НА ГРЛОТО НА МАТКАТА: Интервју со проф. д-р Стојовски

Објавено во: Македонија 07 Февруари, 2023

Добивај вести на Viber

Поради карцином на грлото на матката, жените кои се борат со оваа болест остануваат без репродуктивните органи и тоа само доколку станува збор за почетна фаза, а доколку болеста веќе е во напреднат операбилен стадиум се пристапува кон радикален оперативен зафат со отстранување на матката, јајницити, лимфни јазли...Податоците за се поголемиот број од женската популација која заболува од овој вид рак се алармантни и затоа подигнувањето на свеста за превенција од оваа болест не треба да се сведе само на еден месец, односно само јануари, вели во денешното интервју за Фактор проф. д-р Марјан Стојовски, спец. гинеколог и субспец. гинеколог онколог во Клиниката за гинекологија и акушерство.

Јануари е месец посветен за борба против ракот на грлото на матката, а последната недела од овој месец е недела кога се прават голем број активности со цел подигнување на свеста за ова сериозно заболување. Професоре Стојовски, дали е доволно само еден месец интензивно да се посвети внимание на сериозна болест, која на глобално ниво е четврта по смртност или мора да се најде начин да се дејствува континуирано со цел заболувањето да се превенира?

Проф. Стојовски: Да, како што кажавте јануари како прв месец од новата година не случајно е избран како месец за подигнување на свеста за ракот на грлото на матката. За таа цел на светско и локално ниво се превземаат голем број на активности чија цел е информирање, скринирање и подигнување на свеста за позитивните ефекти од вакцинацијата против ХПВ како средства за борба против ракот на грлото на матката.

Ракот на грлото на матката на глобално ниво според смртноста е четврт најчест карцином, со околу 670 000 новоткриени пациентки со карцином на грлото на матката од кои 370 000 завршуваат со летален исход, а воедно овој тип на карцином претставува и шести најчест карцином кај жените во Источно Медитеранскиот регион. Само за илустрација во 2020-тата година според податоците од СЗО дијагностицирани се околу 90 000 жени, а повеќе од 47 500 жени починале од оваа болест.

Најнизок процент на новозаболени пациентки има во високоразвиените европски земји кои имаат огранизиран скрининг од пред триесетина години (Норвешка, Шведска, Германија итн) каде што има 2 до 5 пациентки на 100 000 жители.

Како го коментирате тоа што Владата го намали буџетот за Програмата за рана детекција на малигни заболувања за 2023 година за 2 милиони денари во однос на 2022 година?

Проф. Стојовски: Како претседател на националната комисија за рано откривање и третман на карцином на грлото на матката формирана од министерот за здравство господинот Беким Сали во јуни 2022 година имам информација дека дадените средства од 12.000 000 денари не биле во целост искористени и затоа владата во време на глобално штедење го намалила буџетот за 2 милиони денари, но во втората половина на 2022 година Министерството за здравство и националната комисија превземаа низа активности меѓу кои и дополнување на законските одредби, а се со цел да имаме поголема достапност на пациентките до цела територија на РСМ. Го зголемивме опфатот на старосната граница и сега со оваа програма ќе бидат таргетирани сите жени од 21 до 59 годишна возраст кои немаат ПАП тест повеќе од 3 години. Сите прегледи ќе бидат бесплатни. Во овој проект се вклучени и имаме логистика од UNFPA и Македонскиот црвен крст со чија помош ги активиравме мобилни амбуланти за гинеколошки прегледи во руралните и потешко достапните региони. Се со цел да го зголемиме процентот на опфатност на скрининг за карцином на грлото на матката. Со овие активности се надевам дека ќе ги исцрпеме доделените средства а доколку има потреба во договор со министерот за здравство ќе побараме и зголемување на истите со ребаланс на буџетот. Сите овие активности одат во прилог настратегијата за постигнување на целите на нацрт-стратегијата на Светската здравствена организација (СЗО) да се постигне глобална покриеност од 90% вакцинација, 70% скрининг и 90% третман до 2030 година и нашата земја да тргне на патот за елимининација на ракот на грлото на матката во следниот век.

Дали располагате со конкретни бројки, односно колкав е бројот на жени во Македонија кои умираат токму од рак на грлото на матката секоја година и колкав е бројот на оние кои се лекуваат на Клиниката за онкологија, исто така на годишно ниво?

Проф. Стојовски: Според податоците од Институтот за јавно здравје минатата година во Македонија биле регистрирани 179 нови случаи на рак на грлото на матката, односно 5,5 проценти од вкупно евидентираните случаи со карцином во државата, додека пак инциденцата изнесува 19,34/100.000 женско население.

Во просек секоја година околу 180-200 жени заболуваат од рак на грлото на матката, од кои половината од пациентките се во напреднат стадиум и не можат да бидат оперирани, а 40-60 од нив за жал ја губат битката со оваа болест.

Според податоците со кои јас располагам на клиниката за Радиотерапија и онкологија на годишно ниво во просек се лекуваат околу 350 пациентки.

За разлика од голем број канцери, кога станува збор за ракот на грлото на матката причинителот е познат, а во тој случај болеста може да се превенира, може ли од вас подетално да слушнеме, кој е ризик фактор број еден за развој на ракот на грлото на матката и како успешно да се спречи?

Примарна причина за настанување на рак на грлото на матката претставува ХПВ вирусот. Се смета дека постојат повеќе од 200 видови на овој вирус којшто е откриен на кожата и мукозните мембрани, а 40 проценти од нив се наоѓаат во епителот на анусот и гениталиите. Најчестиот начин на пренос на инфекцијата е преку сексуален однос. Перзистентните инфекции со високоризичните ХПВ типови (тип 16 и 18) доведуваат до појава на преканцерозни лезии кои доколку не се третираат на време доведуваат до појава на рак на грлото на матката. Секако овој процес може да трае со години, а индиректно може да допринесат и други ризик фактори како пушењето цигари, намалување на имунитетот, присуство на други сексуално преносливи инфекции, ХИВ инфекција, социјалниот статус итн.

Користењето на заштита од секусално преносливи болести, меѓу кои и ХПВ инфекциите, раното откривање, навремен третман на преканцерозните оштетувања (лезии) и спроведување на ХПВ вакцинацијата се главните методи на спречување на настанувањето на ракот на грлото на матката. Секако тука би го напоменал и подигнувањето на свеста кај јавноста за сите овие опасности, особено кај младата популација која е највеќе изложена и превземање на соодветни мерки за заштита и навремен третман.

Гинеколошката онкологија е ваше субспецијалистичко поле, појаснете какви се третманите на лекување на ракот на грлот на матката, дали станува збор за агресивни третмани кои подразбираат и хемотерапија, и колкав е успехот на излекување?

Проф. Стојовски: Третманот воглавно зависи од стадиумот на самата болест. Преканцерозните лезии кои се дијагностицираат и третираат навремено минуваат без значајни последици и пациентките имаат добар квалитет на живот. Се спроведуваат диајгностички и терапевтски методи како отсекување на дел од грлото на матката во вид на конус (конизација, LLETZ). Доколку се работи за напредување на болеста и појава на рак на грлото на матката се спроведува оперативен третман, за ран стадиум истиот опфаќа отстранување на матката (хистеректомија) со или без отстранување на јајниците во зависност од возраста на пациентката и дијагнозата, а доколку се работи за карцином на грлото на матката во напреднат операбилен стадиум се пристапува кон радикален оперативен зафат со отстранување на матката, јајницити, лимфни јазли и горната третина на вагината со околното параметријално ткиво во зависност од стадиумот на болеста. Доколку се работи за иноперабилен стадиум пациентката се препраќа на Клиниката за радиотерапија и онкологија за спроведување на онколошки третман кој опфаќа брахи, радио или хемотерапија.

Успехот при спроведување на третманот е во зависност од стадиумите на болеста па така да речеме според податоците од Американското здружение за карциноми 5 годишната стапка за преживување кај локализиран карцином на грлото на матката без знаци за ширење изнесува 92%, при регионално ширење на карциномот надвор од матката имаме стапка од 58% преживавање и 18% кај пациентките со метастази на карциномот во мочниот меур, ректумот, или оддалечени делови од телото како белите дробови или коските.

Во оваа насока, дали редовните скрининзи се клучни во превенцијата, бидејќи посебно загрижува фактот што во Македонија е особено мал процентот на оние кои биле опфатени со скриниг, за разлика од женската популација во земјите на ЕУ, таму е над 75 отсто?

Проф. Стојовски: Раното откривање на преканцерозните лезии и ракот на грлото на матката овозможува ефикасен третман и истиот во таква рана фаза е еден од најзлечивите форми на карцином.

Да, во нашата земја податоците покажуваат дека само кај 22% од целната возрасна група на жени е опфатена во 2021 година што е многу мал процент во споредба со европскиот и тоа особено загрижува. За оваа цел ние како гинеколози треба да алармираме и постојано да укажуваме на ризиците од ракот на грлото на матката и заедно со Владата и Министерството за здравство да направиме обид за поголема организираност и ажурност во спроведувањето на кампањи, подигнување на нивото на вакцинација и зголемување на скрининзите за рак на грлото на матката.

Во однос на вакцината против ХПВ, колкава е нејзината ефикасност и дали постои одредена старосна граница кога треба да се прими?

Проф. Стојовски: Според податоците од литературата се смета дека со спроведување на вакцинацијата може да спречи 70% од случаите на карцином на грлото на матката, 80% од случаите на карцином на анусот, 60% од случаите на вагинален карцином, 40% од карциномите на вулвата и можеби некои случаи на орални карциноми. Препорачана возраст за вакцинирање на девојчињата е од 11 до 12 години, но може да се започне и на 9 годишна возраст, а самите вакцините обезбедуваат заштита барем 5 до 10 години. Важно е да се напомене дека редовниот скрининг за рак на грлото на матката е сèуште неопходен.

Со оглед на фактот што заинтересираноста на нашето население за примање на оваа вакцина е минимална, дали постојат конкретни активности низ текот на целата година за подигнување на свеста за заштита од ХПВ, а со тоа и намалување на ризикот од развој на рак на грлото на матката?

Проф. Стојовски: Од страна на министерството за здравство на РСМ организирана е скрининг програма за рана детекција на рак на грлото на матката со закажување на онлајн прегледи на веб платформа кој се планира да продолжи и во тек на 2023 година. Исто така се спроведуваат и континуирани кампањи за промоција и подигнување на свесноста за ова заболување и целта за негово рано откривање. Целта на оваа програма е зголемување на бројот на лица кои ќе бидат опфатени со скрининг за рак на грлото на матката, подигнување на свеста кај жените за редовни гинеколошки контроли и зголемување на бројот на гинеколози во организираниот скрининг.

Со цел здравствената услуга да стигне до секоја жена, во тек е проект на мобилни гинеколошки услуги, кој се спроведува во партнерски однос помеѓу ГАК, МЛД, Црвен крст и УНФПА.

Анита Буховски


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.

Можеби ќе ве интересира

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

ШИЛЕГОВ СПОДЕЛИ РАДОСНА СЕМЕЈНА ВЕСТ: Тој е горд татко на дипломката Симона Шилегова

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

Во Клиника Жан Митрев повторно успешно примената наградуваната метода за хирургија без рез

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

МАКЕДОНСКИ АВТОБУС ЗАГЛАВИ ВО СНЕЖНИТЕ НАНОСИ ВО СРБИЈА, УДРИЛ ВО БАНКИНА: Невремето со снег направи хаос

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

ПУСТОШ ВО ДЕБАР, БИТОЛА, ШТИП, ВЕТРОТ ОТКОРНА 100-ГОДИШНИ ДРВЈА: Неделава со поларни температури

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

МИЦКОСКИ: Ќе излеземе со нов предлог-проект за набавка на 100-120 електрични автобуси кои нема да бидат само за ЈСП

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Се одржа протест поради проблемите со јавниот превоз во Скопје

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ВЕЧЕРВА ПОЛЕСНО СЕ ДИШЕ: Куманово и Струмица се средно загадени

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ПО ШТИП, НА УДАР И БИТОЛА: Силниот ветер направи штети

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип

ОШТЕТЕН ПОКРИВ НА УЧИЛИШТЕ И ПАДНАТИ ДРВЈА: Силен ветер направи хаос во Штип