Растот на платите ќе ги зголеми мотивираноста на работниците и потрошувачката
Објавено во: Колумни 05 Септември, 2019
Македонските плати се најниски во Европа. Токму висината на платите е меѓу првите три причини за масовното иселување од земјата. Актуелната Влада, најави зголемување на просечната нето плата на 500 евра по работник месечно. Растот на платите засега е умерен, главно предизвикан од односот на понудата и побарувачката на работници, и секако од зголемувањето на минималната плата.
Владата со новата мерка ќе ги субвенционира придонесите од задолжително социјално осигурување за делот на зголемените плати, споредени со просечната месечна нето плата исплатена за последните три месеци, пред отпочнувањето на субвенционирањето на социјалните придонеси.
Забелешките дека покачувањето на платите треба да го следи трендот на покачување на продуктивноста на трудот, како да не важат кога се работи за односот на продуктивноста и исплатените дивиденди на сопствениците. Ефектите на успешноста на работењето на компаниите не се мерат само со порастот на продуктивноста, во предвид мора да се земат и економичноста, ефикасноста на користењето на средствата, повратот на средствата и повратот на капиталот, профитабилноста, извозноста,... итн.
Претходните микроекономски параметри (индикатори) освен што зависат од паричниот и техничко-технолошкиот капитал најчесто зависат од мотивираниот човечки капитал. Висината на платите директно влијае на степенот на мотивираноста на работниците за успехот на компаниите во кои работат.
Со предлог Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата се создаваат услови за делот на покачените нето плати во рамка од 600 до 6.000 денари месечно покачување по работник, припаѓачкиот износ на социјални придонеси да падне на товар на државниот буџет со трансфер директно во корист на сметките на Фондовите за ПИО и здравство, односно во корист на Агенцијата за вработување.
Со новата мерка, 27,5% од делот на зголемување на бруто платата, износ што отпаѓа на припаѓачките социјални придонеси од плата ќе биде директно уплатен во корист на фондовите, распоредени по матичен број на секој работник одделно. Придонесите ќе бидат вклучени во пензиските основици на секој поединец одделно.
Забелешките дека ова ќе биде бенефиција на товар на државата и за оние идни пензионери кои имаат највисоки плати, зашто и нивните нето плати ќе бидат
зголемени за 6.000 денари, е лимитирана заради пропишаното ограничување на
највисоката пензија без оглед на висината на платата. Имено согласно со Законот за ПИО, највисоката пензија не може да биде повисока од просечната нето плата за претходната година зголемена за 2,7 пати (актуелен износ од околу 65 илјади денари).
Секоја компанија самостојно ќе одлучи дали ќе го користи ова право и дали ќе ги зголеми платите, потоа за колку ќе ги зголеми платите, и на кого ќе ги зголеми, државата дава ветување со законот дека за секое зголемување на нето платата, ќе плати социјални придонеси кои претставуваат 42% од нето платата, односно 27,5% од бруто платата на секој работник поединечно.
Од макроекономски аспект, зголемените плати ќе ја зголемат агрегатната потрошувачка (побарувачка) и ќе влијаат на обемот на трговијата (опасноста да се влијае на порастот на цените треба да се минимизира со мерките на монетарната политика, се разбира ако има потреба), остварените доходи кои ќе се оданочуваат со данок на доход, но и зголемените приходи пред се на Фондот за ПИО и Фондот за здравство.
Познато е дека Централниот буџет и досега го алиментираше Фондот за ПИО, овој пат тоа ќе се прави на реална основа – заради зголемување на платите. За крај, сметам дека некои од слабостите на Законот треба да се елиминираат во фазата на донесување. Овде пред се мислам на уредување на слично право за нововработени лица, но со поинакви услови, како и на за случаите на преминување од јавен во приватен сектор, односно за прекинат работен однос кој сега се продолжува и слично.
Павле Гацов, претседател на Здружението на даночни советници на Македонија
Став околу новата мерка за субвенционирање на социјалните придонеси на зголемените плати во реалниот сектор
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.